ЗИМСКО ПРЕСТРОЈУВАЊЕ ВО ПАРТИСКИТЕ РЕДОВИ ПО ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ: Конгресни проветрувања, кој ќе биде збришан, а кој запишан?

Како ретко досега, за кус временски период се најавени повеќе партиски конгреси – ВМРО-ДПМНЕ ќе заседава на 6 декември во Кавадарци, ДУИ две недели подоцна на 20 декември, СДСМ најави конгрес во најскоро време... Прашање е само до кои програмски определби ќе се досегне, кои кадровски ешалони ќе се менуваат, можни ли се смени на лидерите, помирувања на струите?...

81

Што по големата победа, што по големите порази, кои нови приказни и визии да им се понудат на граѓаните со цел да се одржи и да се поврати довербата на граѓаните во нив? Ова се главните предизвици кои се поставуваат пред најголемите политички партии во земјава по неодамна завршените локални избори. Како ретко досега, за кус временски период се најавени повеќе партиски конгреси – ВМРО-ДПМНЕ ќе заседава на 6 декември во Кавадарци, ДУИ две недели подоцна на 20 декември, СДСМ најави конгрес во најскоро време… Практично, ќе се случи темелно партиско поголемо или помало престројување кое, според најавите, ќе ги зафати сите овие главни партии. Прашање е само до кои програмски определби ќе се досегне, кои кадровски ешалони ќе се менуваат, можни ли се смени на лидерите, помирувања на струите?…

Сето тоа, односно, големината на промените што ќе се случат на најавените партиски конгреси најмногу зависи од постигнатиот резултат на неодамнешните локални избори. Врзано со тоа, се чини дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ во удобна позиција го очекува партискиот отчет во Кавадарци, додека длабока загриженост и дилеми што и со кого да се прави се атмосферата во која се очекуваат конгресните собирања во социјалдемократските и редовите на „интегративците“. Оти, ако по неодамнешниот пораз се случи и нов, на некое ново претстојно изборно соочување, тогаш се појавуваат и закани од целосно маргинализирање на некогаш силните партии и нивната замена со новорастечки конкуренти кои ги заземаат истиот или сличен идеолошки простор и гласачите.

Што победникот ќе менува во тимот?

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, деновиве изјави дека партискиот конгрес во Кавадарци ќе биде важен чекор во структурирањето на партијата.

– Посебно на планот на зајакнување на организацијата, вклучување на нови кадри и подготовка за голема победа на парламентарните избори доколку тие се одржат редовно во 2028 година. Треба да покажеме континуитет и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе испорачува резултати за граѓаните и за државата – нагласи генералниот секретар.

Очигледно, назнаката е дека конгресот ќе биде „континуитет“, а тоа е логично кога зад себе се има голема изборна победа. Односно, нема поголема потреба за поголеми програмски или кадровски преструктуирања какви што владејачката партија, на пример, ги правеше на претходните конгреси. Познато е, големи пресврти во дејствувањето на оваа партија се случија на конгресите во 2021 година во Струмица, кога со реизборот на Христијан Мицкоски на чело на партијата се донесе новата доктрина на политичката партија, а по три години и убедлива победа на парламентарните избори. Тогаш и Мицкоски во својот говор најави нова политика и концепт на заедништво, односно нов договор за општествен консензус на сите рамноправни чинители околу заедничкиот патриотизам. Или, пресврт на конгресот во 1995 година во Кичево кога беше донесен нов партиски Статут и нова организациона поставеност по што следуваше и победа на парламентарните избори три години подоцна.

Александар Ристевски, политички аналитичар, за весникот ВЕЧЕР вели дека на конгресот очекува отчет за сработеното во изминативе четири години и одредени освежувања.

– Пред четири години, ВМРО-ДПМНЕ беше партија во опозиција која успеа да победи на локалните избори, по дебаклот во 2017. Од таа перспектива, таа партиска структура, од опозициска, партијата ја направи владејачка, со апсолутна власт. Од друга страна, сосема за очекување е да има промени таму каде што се констатирало дека постои стагнација, презаситување или можеби и форми на лошо работење. Очекувам освежување и промени, кои перспективно би биле и основа и за владино проветрување, но и за промена на кадри во пониските ешалони. Очекувано е партијата да промени или да изротира кадри во самите партиски структури. За очекување е партијата да излезе посилна и пообединета од претходно, но и да се заблагодари на дел од оние што не испорачал резултати, или се дел од законски постапки како што неодамна имаше разрешување заради истите причини – нагласи аналитичарот Ристевски.

Тој, врзано за последните случаи на корупција, предупредува дека партијата во втората година од практикувањето на власта мора да внимава на потенцијалните злоупотреби на свои функционери, од причина што таквите скандали се на штета на целата структура. Аналитичарот Ристевски додава дека на одредени промени може да се очекуваат и во Движењето ЗНАМ, кое е дел од владината коалиција.

– ЗНАМ е нов политички субјект, иако добар дел од партиските експоненти се луѓе со богати биографии, пред сè, во СДСМ. Не успеаја да направат силни мрежи низ градовите, сè уште Куманово им е главно упориште. Така, за очекување е да имаат смени и освежувања токму во местата за кои резултатите зборуваат дека потфрлиле. Тоа е партија која е дел од извршната власт, го има Куманово како најголема општина, а верувам дека во борбата за гласови и членови, со СДСМ, ќе успее да порасне во периодот што следува. Време е да поработат дополнително и на сопствениот идентитет и на дефинирање на идеолошкиот концепт и дистинкција од СДСМ, за да можат понатаму да се градат – објаснува овој аналитичар.

Колку длабоко ќе се оди со промените во СДСМ и во ДУИ?

На најголемо искушение што да се прави и до која длабочина да се оди со промените, се ставени опозициските СДСМ и ДУИ. Лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче, по изборниот пораз најави дека нема да се повлече од челната позиција, но и сериозни кадровски и политички промени во рамки на партијата. На конгресот, според него, ќе се разговара за идните политики и насоката во која СДСМ ќе се движи во следниот период. По неколкуте оставки во раководството, тој го протурка изборот на новиот потпретседател, Александар Трајановски. Но, сопартијците бараат повеќе промени. Пратеничката Славјанка Петровска деновиве побара дебата за изборниот пораз, што не беше случај по поразот на ланските парламентарни избори. И еден од поранешните видни членови, Андреј Петров, порача дека СДСМ мора да учи од грешките и преку отворена дебата и преку обединување на членството да се врати на старите патеки. Според него, не е одговорно само раководството на партијата, туку е потребно и обединување на сите сили, а брзи одлуки за судбината на претседателот не се потребни. Во меѓувреме, се случуваа и лични препукувања меѓу познати јавни личности поврзани со СДСМ околу роварењата во внатрепартиските редови. Тоа доволно укажува дека на партијата ѝ е потребна стабилизација. Но, аналитичарите сметаат дека промените во оваа партија мора да бидат радикални.

– Старите мудро рекле: рибата смрди од главата. Секој обид на лидерот на партијата за некакви кадровски промени по катастрофалниот и ужасен резултат на локалните избори е само лакрдија за пред јавноста, доколку не си поднесе лично тој оставка и се тргне од сите раководни тела. СДСМ се наоѓа под егзистенционален опстанок, и токму тој ја носи во бездната и на патот на неповратот: до целосна маргинализација на македонската политичка сцена. Во дадениот момент не е важно Филипче да си замине, Оливер Спасовски или Љупчо Николовски да дојдат на челната позиција. Тоа нема да го реши проблемот, напротив, ќе го продлабочи. На СДСМ ѝ треба времено раководство за спас на партијата, составено од чесни членови и функционери кои ќе ја подготват партијата за идеолошка, организациска, структурна и статутарна ревитализација и „воскреснување“ од клинички политички мртвите по поразот на локалните избори – смета аналитичарот Благојче Атанасоски.

Кој ќе ѝ даде нова енергија на ДУИ?

Слични дилеми постојат и во редовите на ДУИ, посебно околу идната позиција на досега неприкосновениот лидер Али Ахмети, кој е веќе 23 години на чело на ова партија. Изборниот пораз во трка за градоначалнички мандати е, сепак, поголем отколку фалбите дека освоиле повеќе гласови на советнички листи од ривалската коалиција „Вреди“. Партискиот потпретседател Арбр Адеми завчера најави дека на конгресот ќе се „реорганизираат и ќе ги обноват партиските структури според очекувањата на граѓаните, а со кои ќе ги зајакнат врските“.

– Ние ја прифаќаме одговорноста за секоја порака што ни ја испратија граѓаните. ДУИ ќе продолжи да работи со нова енергија, со транспарентност и со целосна посветеност кон интересите на граѓаните и кон европската иднина на земјата. Ќе бидеме уште поблиску до граѓаните, уште посилни и уште поодговорни во заштита на гласот и на еднаквоста на граѓаните – изјави Адеми.

Но, клучно прашање и кај „интегративците“ е до каде да се оди со кадровската обнова, со оглед на тоа дека во партиската хиерархија има многу личности кои со години се сраснати со функциите, но и многу личности во судир со законите. Лидерот Али Ахмети во едно интервју во 2021 година, кога партијата најави свртување кон „зелена агенда“, изјави дека не планира повлекување и дека „останува до следниот конгрес“.

– Сега засега не планирам да се повлечам. Имам уште 3 години мандат, до следниот конгрес. Имаме многу работа дотогаш – порача Ахмети пред четири години.

Но, партијата на локалните избори настапи со теми од минатото, со национални прашања, потсетуваше на воениот конфликт од 2001 година, а што ѝ донесе имиџ на нереформирана партија. Според аналитичарот Џелал Незири во декември, сепак, не би можело да се очекува повлекувањето на Али Ахмети. Меѓутоа, сепак ќе има нови кадри.

– Од претстојниот конгрес на ДУИ не очекувам пензионирање на Ахмети. Тој ќе продолжи да ја води партијата, додека се очекува останатиот дел од партиската хоризонтала и вертикала да биде целосно нова личност. Од старата гарда се очекува да останат Бујар Османи, Арбр Адеми, Бајрам Реџепи, Валдет Џафери и Јетон Шаќири. По 22 години на власт, ДУИ изгледа застарено, неатрактивно и отцепена од реалноста. Сите политичари кои долго време остануваат на власт се опколени со послушници, кои потоа го создаваат „Потемкиновото село“ со што прават лидерот да живее во илузија – објаснува аналитичарот Незири за весникот ВЕЧЕР.

Незири додава дека по локалните избори, таа илузија веќе не постои.

– Се виде дека граѓаните Албанци бараат претставување со дигнитет, бараат меритократија, квалитет и допирливи резултати. Фолклор-патетизмот е веќе прочитана сторија, тој филм го имаат гледано неколку пати низ поновата историја. Затоа сметам дека ДУИ ја доби пораката од народот, а тоа е „метла“ за корумпираните, за неморалните и за личностите без дигнитет – нагласува Џелал Незири.

Дали ваквите промени ќе се случат, останува во рацете на партиските делегати. А граѓаните, својот суд за направеното ќе го дадат на првата следна изборна проверка. (Б. Ѓ.)

 

Атанасоски: На СДСМ му е нужна дезаевизација

Според аналитичарот Благојче Атанасоски, на опозициските социјалдемократи им е нужно дистанцирањето од поранешниот лидер, Зоран Заев.

– Нужно и клучно е целосна дезаевизација на партијата, односно тргнување на баукот дека „кланот од Дубаи“ ја има целосно приватизирано партијата и ја има претворено во своја приватна ДООЕЛ фирма. Така, полека, одново ќе се гради, враќајки ги своите разочарани членови, потоа и симпатизери, и со текот на времето ќе се наметне наново како компетитивна партија на македонската политичка сцена, респектабилна и конкурентна за власт. Сè друго е заблуда, мачкање очи и замајување на јавноста и тонење на партијата, без грам чувство за одговорност, срам и емоција за самата партија дека ја носите во пропаст! – смета Атанасоски.

ИЗДВОЕНИ