– Биеналниот „Зимски салон“, небаре сегмент од Вивалдиевата опера, е нестрпливо очекувана ликовна манифестација за која се знае и која се сака, чека и се доживува како вреден културен настан. Тука се среќаваат, се судираат и се обединуваат различни автори, генерации, времиња и визии, создавајќи сцена на која минатото и иднината страсно дебатираат, почитувајќи се, кажа на отворање на изложбата претседателката на Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, покровител на овој значаен ликовен настан кој се случува во годината кога ДЛУМ слави 80 години постоење

 

Биеналната изложба „Зимски салон 2026“ во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), која од вчеравечер е отворена во галеријата „Мала станица“ во Скопје, го покажа целиот раскош на македонската уметничка сцена. Концептот и изборот на делата на ова 21. издание се курирани од реномираната словенечка ликовна критичарка со меѓународна биографија, кураторка на многу ликовни проекти, историчарка на уметност и социолог Лилијана Степанчиќ. Изложбата за отворена ја прогласи претседателката на Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, покровител на овој значаен ликовен настан кој се случува во годината кога ДЛУМ слави 80 години постоење.

– Осумте децении ликовна уметност значат континуиран духовен пораст на генерации сликари, богато сликарско творештво, сликарски натпревар, плодна и препознатлива сликарска уметност, стимулирање на чувството за убаво, натпревар, почит, креација, градење трајни, автентични вредности, духовно зреење и воздигнување. Националната галерија вечерва го потврдува својот статус на институција која ја артикулира културната меморија и ја поддржува и ја поттикнува современата уметничка мисла, посочи Сиљановска-Давкова. Таа додаде дека тука се среќаваат, се судираат и се обединуваат различни автори, генерации, времиња и визии, создавајќи сцена на која минатото и иднината страсно дебатираат, почитувајќи се.

Д-р Маја Рауник Кирков, претседател на Уметнички совет на ДЛУМ, посочи дека на конкурсот се пријавени 63 дела од кои 46 се изложени.

–Темата на изложбата беше „Мора да се потрудиме да го постигнеме она за што ни беше кажано дека е невозможно“. Ова не е само наслов туку ова е едно мото како да се однесуваме во животот, бидејќи постојано се појавуваат некои граници. Но, историјата ни покажува дека, најчесто, тие граници се имагинарни и дали ќе ги прифатиме или не зависи од нас самите. Ова е еден повик на акција на уметниците“, вели меѓу другото Рауник-Кирков, која додаде дека годинава пријавувањето на дела првпат беше преку апликација и со доставување на фотографија на делото и објаснување на концептот.

Според  Степанчиќ, пак, насловот е намерно долг за да се оттргнеме од тоа време на инстант, на кратко, на брзо, на малце, за да можеме, сепак, да бидеме она што сме во суштината, а тоа е дека сите ние сме слоевити личности.

Претседателката на ДЛУМ, проф. д-р Јана Манева-Чупоска, пак, посочи дека осумдесетгодишниот јубилеј на Друштво на ликовните уметници на Македонија

претставува значаен историски момент во континуитетот на македонската современа уметност.

– Во неговите редови се испишува ликовната историја на повеќе уметнички генерации, од пионерите на повоената модерна, преку авторите што ја афирмираа југословенската и европската современост, до денешните интермедијални и концептуални практики кои ја отвораат уметноста кон глобалниот културен простор, вели Манева-Чупоска. Таа додава дека преку изложбите, како домашните така и меѓународните, Друштвото активно учествува во формирањето на визуелниот идентитет на државата и во градењето на нејзината културна препознатливост и идентитет.

– Во таа насока, изложбата „Зимски салон“ зазема особено значајно место во програмската и во историската рамка на ДЛУМ. Конципирана како тематски и кураторски структурирана изложба, таа функционира како репрезентативен модел на периодичен увид во актуелната ликовна продукција, овозможувајќи анализа на современите визуелни дискурси, медиумски експерименти и авторски позиции, додава Манева-Чупоска. (Д. Т.)

Ана Спасова добитничка на наградата „Зимски салон 2026“

Академската графичарка м-р Ана Спасова е годинашнава добитничка на наградата „Зимски салон“ за своето дело насловено „Решение во исчекување“. Делото го прикажува самиот чин на обид да се направи она што е прогласено за невозможно. Делото се потпира на фотографии од медиумско покривање на нерешени општествени и еколошки кризи во Македонија, вклучувајќи пожари на депонии и електронски отпад и нивните последици, трајно нерешеното загадување на воздухот, како и граѓанските протести што произлегуваат како одговор. Делото се состои од 72 слики (секоја 5X5 сантиметри) распредели во строго определена мрежа, прикажувајќи примери од општествен и институционален (не) ред и бирократија…

Со истакнување на тензијата меѓу напорот и опструкцијата, делото го отелотворува самиот принцип на повикот да се обидеме, да се стремиме и да се соочиме со она што ни е кажано дека не може да се постигне.

 

ИЗДВОЕНИ