„Матица македонска“ – првата издавачка куќа во самостојна Македонија, одбележува 35 години постоење и годишнината ќе ја чествува со настани во текот на целата година, почнувајќи од 5 февруари, со традиционалниот зимски саем на книгата „Книга во секој дом“.

„Матица македонска“ соопшти дека во три и пол децении има објавено повеќе од три илјади наслови од различни области, со преку шест милиони примероци. Меѓу нив ги издвојува големиот број монографии за македонската историја и култура, како и избраните дела од голем број македонски автори. Издавачката куќа посочува и  дека постојано се залага книгите на македонски јазик, покрај во Македонија, преку соработката со странски издавачи и други институции да се достапни и во книжарниците и во библиотеките во Европа, САД и во Австралија.

Во рамките на зимскиот саем на книгата „Книга во секој дом“, како што најави, ќе има јубилеен попуст од 35 до 80 проценти на изданијата на „Матица македонска“.

– Во оваа година, најголемо внимание ќе им биде посветено на македонските автори заради заложбата на „Матица македонска“ безрезервно да се вложува во афирмацијата и во развојот на македонската книжевност и во критериумите и бројноста на македонската читателска публика. Јубилејот ќе биде одбележан и со стотици нови изданија. Меѓу другото, по повод 35 години од постоењето, почнуваме и нови едиции во кои ќе бидат објавени клучни прозни и поетски книги за македонскиот книжевен развој, а од автори што со своите книжевни дела имаат остварено придонес во досегашниот развоен пат на „Матица“. Првото објавено дело од овие едиции е „Ѓон“ од Драги Михајловски, информираат од издавачката куќа.

ИЗДВОЕНИ