По период на постабилно време под доминација на силниот Рексов блок, кој одржуваше релативно мирни и често благи услови над поголемиот дел од Европа во текот на последната недела од декември, атмосферските услови се менуваат.
Овој систем со висок притисок полека се движи кон запад, отворајќи го патот за ладни арктички воздушни маси да се спуштат кон централните, источните и јужните делови на континентот, објавува Severe Weather.
Нагло опаѓање на температурите
Како што Рексовиот блок се повлекува, се формира таканаречен диполен временски модел, силен антициклон над Атлантикот и Западна Европа, додека истовремено го продлабочува циклонот над источните и северните делови на континентот.
Таквиот распоред овозможува пенетрација на леден воздух од север и североисток, што ќе донесе значително пониски температури и повремени снежни врнежи околу Нова Година.
Според моделите за прогноза, студената воздушна маса би можела да биде 10-15 °C под нормалните вредности за крајот на декември и почетокот на јануари, што би резултирало со нагло опаѓање на температурите и мраз во многу региони.
Најизразеното преместување на студениот воздух се очекува низ практично цела централна и источна Европа, при што утринските температури е можно да паднат под -10°C во некои области. Заедно со падот на температурите, се очекува снег во северните и источните региони на континентот, додека во западните региони, како што се Обединетото Кралство и Ирска, студениот воздух исто така ќе придонесе за формирање на снежни услови во првите денови од 2026 година.
Температурен ролеркостер
По почетното продирање на студената маса, атмосферските услови би можеле повторно да станат подинамични. Се очекува дека, заедно со постудените северни струи, постепено ќе се врати потопол, јужен проток на воздух, особено по должината на Медитеранот.
Оваа комбинација од различни воздушни маси може да доведе до неочекувани временски обрасци – од студени и снежни денови во северните региони до поизразени потопли и повлажни услови кон југот и југозападот на континентот.
Накратко, првите денови од 2026 година би можеле да го означат вистинскиот почеток на зимската сезона, со посебен студен бран и снежни епизоди, но и со можност за побрзи временски промени како што се развиваат атмосферските обрасци.
Топлината и обилните дождови се враќаат на Балканот
Додека западниот дел од Европа ќе замрзне, ситуацијата во нашето подрачје ќе биде целосно обратна. Ќе се воспостави постојан југозападен тек, кој ќе донесе значително потопол и повлажен воздух од Медитеранот кон централна и источна Европа и Балканскиот Полуостров. Температурниот контраст низ Европа ќе биде огромен.
На Балканот и Источна Европа, температурите би можеле да бидат до 15 °C повисоки од просекот, а дневните вредности локално ќе достигнат 15 °C. Големата количина на влага ќе донесе и обилни врнежи, особено на јужните падини на Алпите и западните падини на Динаридите и Апенините, каде што во текот на неделата би можеле да наврнат помеѓу 150 и 300 милиметри дожд.












