Просторот пред спортскиот центар „Борис Трајковски“, од 24 до 28 декември ќе се претвори во вистинска новогодишна идила. За тоа ќе придонесе „Зимскиот фестивал“, кој ќе го донесе духот на европските божиќни базари во Скопје. Посетителите ќе уживаат во топла празнична атмосфера, богата музичка програма, улична храна и деликатеси, детски активности и во тематски зимски забави.
Со мирис на зима, топла храна, празнични греени пијалаци (чај, вино, џин, ракија и пиво) и посебни фестивалски менија, оваа зона ќе го направи „Зимскиот фестивал“ срцето на градот.
Фестивалот ќе донесе цела плејада популарни диџеи, артисти и бендови: „Рингтоунс“, Куку Леле, Дуо Дис, „Брејкдаун бенд“, Васил Ангелов со бенд, диџеј Иван, диџеј Гардијан, диџеј Омимен, диџеј Фичо, диџеј Тина Мицковска, диџеј Фудимен, диџеј Матс, диџеј Фрики, диџеј Тами, диџеј Боно, кои ќе настапат од 24 до 28 декември.
Дополнително, на сцената ќе настапат и урбаните танчари од студиото „Брејк а лег“, кои ќе донесат силна енергија и визуелен спектакл, а, пак, за најмалите, во рамки на Фестивалот ќе има забави со маскоти, аниматори, интерaктивни детски активности и др.
Фестивалскиот простор ќе биде автентично уреден по пример на европските божиќни базари со дрвени куќарки, голема елка, празнични украси, топол амбиент, светлосни инсталации, зимска декорација и магично празнично чувство кое ќе ве пречека на секој чекор.












