Стабилно и тивко време ќе се задржи до вторник, со појава на магла и зголемена облачност во одделни котлини. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Поради спуштање на постуден воздух од север, на планините и на повисоките места врнежите повремено ќе преминуваат во снег. Во Скопје и околината од вторник попладне ќе има зголемена облачност и повремен дожд, додека на околните планини се очекуваат снежни врнежи. Ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер, кој повремено ќе засилува.
Максималните дневни температури ќе се движат од 5 до 12 степени Целзиусови, а во Скопје меѓу 7 и 9 степени. Утринските температури ќе се спуштаат од -1 до 8 степени, информира Метеоаларм.
Според метеоролошкиот сервис „Severe Weather Europe“, промената на времето во Европа се очекува околу католичкиот Божиќ и би можела да влијае на појавата на снег за време на празниците. Сепак, не се најавуваат изразени студени аномалии.
Снег најверојатно ќе има на повисоките надморски височини и во северните делови на Европа, а можно е снежни врнежи да се појават и во централна Европа. Метеоролозите предупредуваат дека, поради променливите атмосферски модели, прогнозата може да претрпи измени.












