Зима на векот? Многу малку веројатна – метеоролозите се сомневаат во прогнозите

622
Германските медиуми во последните денови беа преплавени со извештаи за „екстремна зима“, поплавени улици и лошо време кое наводно ѝ се заканува на земјата. Колку е тоа реално?

Речиси секоја сезона има сензационални текстови кои предвидуваат „пеколно лето“ или „зима на векот“. Овој пат станува збор за „зимата 2025/26“, која, според некои портали, треба да биде најстудената во последните сто години, пишува Дојче веле.

Сепак, експертите предупредуваат дека времето не може да се предвиди толку однапред. Ваквите наслови, велат тие, служат пред сè за привлекување кликови на Интернет – а кликовите значат заработка.

„Со таканареченото „clickbaiting“, должноста за внимателно ракување со информации често се занемарува. Како државна институција, ние не би направиле такво нешто“, вели Лотар Бок од Германската метеоролошка служба (DWD) во Минхен.

Поларен вртлог и шпекулации

Повод за нови шпекулации беше статија што поврзува слаб поларен вртлог над Северниот Пол со можен арктички студ во Германија. Метеорологот Бок потврдува дека вртлогот следната зима би можел да биде послаб, но забележува дека тоа не значи автоматски екстремен студ.

„Слабиот поларен вртлог не може да го задржи студениот воздух на север, па затоа ледените маси можат да се спуштат кон Европа – но тоа не мора да се случи“, објаснува Мартин Гуд од Центарот за временска експертиза ARD.

Зима 2025/26 – сè уште непознница

Според експертите, времето зависи од многу фактори: температурата на океанот, морските струи и општите атмосферски услови.

На прашањето дали следната сезона навистина ќе ја донесе „зимата на векот“, метеорологот Карстен Шванке кратко одговара: „Не знаеме“.

„Зборувајќи за сериозни прогнози, дури на почетокот на годината можеме грубо да ги разгледаме можните модели на проток на воздух“, додава Гуд.

Прогнозите се сигурни не повеќе од десет дена однапред

Метеоролозите истакнуваат дека е можно сигурно да се предвиди времето не повеќе од десет дена однапред.

„За три дена можеме да направиме релативно точна прогноза, а со стабилни временски услови можеби и до десет“, вели Бок. „Но, долгорочните прогнози 20 или 50 дена однапред – тоа едноставно не е можно“.

Иако прогнозите се поточни денес отколку пред половина век, метеоролозите признаваат дека сè уште имаат големи тешкотии со долгорочните предвидувања.

Зима на векот? Многу малку веројатна

„Зима на векот“ статистички се случува еднаш на сто години. Таква, на пример, беше онаа во 1962/63 година, кога Германија ја забележа најстудената сезона во 20 век – со замрзнати реки, прекини на електричната енергија и бројни смртни случаи.

Дали 2025/26 година ќе биде слична? Експертите велат дека веројатноста за такво сценарио е многу мала.

ИЗДВОЕНИ