„Зијан“ со своите безвремени песни предизвика срцата на присутните забрзано да чукаат, за на крајот од концертот, кога стивнаа гитарите и засилувачите, повеќето од гледачите да почувствуваат блажено спокојство во душата. „Зијан“ дефинитивно не е група што често се среќава на вакви концерти, но е група што кога ќе ја чуете, постојано ја носите во срцето

Рок-групата што се смета за фундамент на македонската рок-музика и постои 43 години, настапи пред своите гевгеличани со целовечерен концерт, како дел од манифестацијата „Гевгелија – Град на културата 2025″.

– Добровечер, наши луѓе! Да си поминеме убаво и ние и вие. Се надеваме, ќе биде! – со овие зборови Костадин Динев го започна концертот во пријатната августовска вечер, на Градскиот плоштад во Гевгелија.

И така бидна. Убаво. Пред големиот број нивни обожаватели, од најмлади до повозрасни, се редеа песните „Тивка вода“,„Елизабет“, „Каде сте, ангели“, „Пријателе“, „Обична песна“, „Без тебе“,„Кате сваќе“, „Деца бевме“, „Еј, остани“ и сè така до крајот со песната, која е нивни заштитен знак и, би рекле, национално музичко богатство – „Пушти коси“.

Со своите безвремени песни, „Зијан“ предизвика срцата на присутните забрзано да чукаат, за на крајот од концертот, кога стивнаа гитарите и засилувачите, повеќето од гледачите да почувствуваат блажено спокојство во душата. „Зијан“ дефинитивно не е група што често се среќава на вакви концерти, но е група што кога ќе ја чуете, постојано ја носите во срцето.

Еден од присутните, инаку голем познавач на рок-музиката, Никола Опров, воодушевено изјави по концертот:

– Да не постоеше песната „Трба, трби“, во која е опеан славниот гевгелиски јунак Леонид Јанков, тогаш сигурно песната „Пушти коси“ ќе беше неофицијална химна на Гевгелија.

А, јас би додал, ако Скопје се препознава по „скопско“ во рамките на пијалаците, тогаш, во рок-музиката, Гевгелија се препознава по групата „Зијан“, работела таа или не. Оваа група останува мера на еден постојан квалитет. Нејзината музика останува свежа и со текот на годините не губи ништо од својата свежина, благодарение, пред сè, на интересната и ненаметлива употреба на македонскиот мелос во композициите, одличните текстови и луцидните аранжмански решенија. Во нејзините песни ќе ги почувствувате здивот на Медитеранот, опојниот мирис на смоквите и на калинките, брановите на Дојранското Езеро, волшебната убавина на Кожуф Планина, писокот на зурлите и татнежот на тапаните, фолклорното богатство на пределот Бојмија, магиската моќ на обредните русалиски игри, питомоста и добродушноста на луѓето што живееле и живеат на југот од Македонија, во „сончевата долина“ Гевгелија.

Костадин Динев, басистот на „Зијан“, вели дека, можеби, тајната на долговечноста на нивните песни се крие во фактот што не се правени трендовски, само за една сезона. И, навистина човекот е во право. Нивната музика е чиста како бистрата вода што ја опејуваат во својата песна, музика на која ѝ веруваш затоа што во неа нема ниту фолирање ниту, пак, лажно флертување со публиката и со стиловите. Нивната музика е вистинска, преполна со љубов и има неминлив квалитет.

За концертите, кои ги имаа досега во голем број, почнувајќи од настапите во Домот на младите „25 Мај“ во Скопје, преку настапот и победата на гитаријадата „Заечар `87“, двојната победа на фестивалот во Суботица и концертите насекаде во Македонија, во една пригода гитаристот Аце Митров рече дека за секоја група тоа претставува мерило за нејзиниот квалитет и за нејзината музика. Само на еден концерт, кажа тој, на свирките во живо, може да се создаде вистинска атмосфера, која, ако е добра, ве понесува да дадете сè од себе.

На овој самостоен концерт во Гевгелија, „Зијан“ навистина создаде вистинска рок-атмосфера, даде сè од себе и уште еднаш докажа дека е „дијамант“ на македонскиот поп-рок. За да успее еден бенд, потребно е многу работа. Но, треба и помош од Бога, особено во делот на пишувањето и на компонирањето. И без лажна скромност, Господ ги дарил момците од групата и со дарба за компонирање и со музичка виртуозност.

Овој осврт кон концертот на „Зијан“ во Гевгелија ќе го завршам со мислењето на гевгелискиот професор Стефчо Стефанов, автор на книжулето „Гевгелисувајне“, кој има кратка и интересна порака, онака на „гивгилиски“, за сите оние што доаѓаат во Гевгелија, а не ја познаваат музиката на оваа група и не го знаат стихот од песната „Пушти коси ветер да ги носи“.

– Ич ним ни помисљави да кајш оти си подишил гивгилиски ваздух ако воа стих не ти са има увртено уф главта, или пу пу не дај Боже да не знајш шо стих е, кој стих е и чиј стих е. „Зијан“ ак не ти са чуани и не са знаат – арам да тее. Ни кучиинта уф Гевгелија нема да те залаат – напиша професорот Стефчо Стефанов во своето книжуле „Гевгелисувајне“.

Затоа, мојот совет е да побарате на некој од музичките канали некоја од песните на овој состав, кој и денес со иста страст ги изведува своите песни, кои се повеќе од музика, затоа што откако ќе ги чуете, ќе ви бидат и пријател и поддршка во некои тажни моменти, но и потсетување на големото звучно богатство што го поседува македонската поп и рок-музика. (Љ. А.)

ИЗДВОЕНИ