Жртвите добиваат надеж за правда, Сексуалното насилство на интернет станува кривично дело: Нов закон за новото време – онлајн предаторите ќе заглават и до 10 години во затвор

64

Сексуалното насилство на Интерент ќе се гони и во Македонија. Ексклузивно за весникот ВЕЧЕР, од Министерството за правда споделуваат дека новото кривично дело гласи „злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудио записи или списи со сексуално-експлицитна содржина“. Во зависност од тежината на стореното, се заоструваат затворските казни, кои се движат од една до десет години. Жртвите на интернет-насилство живеат во страв, срам и со осуда и често се соочуваат со зголемен ризик од демнење и од физички напади, особено кога се објавуваат интимните фотографии заедно со личните информации како адреса и телефонски број, велат психолозите

Кога се зборува за темната страна на социјалните медиуми, прво што ни паѓа на ум е злоупотребата на фотографии, најчесто од профилите на жени, девојки, деца. Во последно време, полицијата сè почесто расчистува случаи на сексуално насилство на Интернет со различни мотиви: уцена за пари, одмазда, порнографија на некоја од групите на „Телеграм“, како што беше „Јавна соба“.

Неодамна, гостиварец од лажен профил објавувал фотографии од шест девојки без нивна согласност и пишувал вулгарни работи за нив. Во друг случај, пак, малолетник од Битолско, исто така, креирал лажен профил, претставувајќи се дека е жена и намамил маж да му испраќа „голи“ фотографии, по што го уценувал со нив, дека ако не го исплати, ќе ги објави на Интернет. Злоупотребата на фотографии од социјалните мрежи е честа појава и се користи за врсничко насилство во училиштата. Во скопско основно училиште, објавата на слики на група на „Инстаграм“, во која учествувале многу ученици, беше болна за девојче од повисоките одделенија.

Во полицијата, на пријавите за сексуално насилство преку Интернет работат инспекторите од Секторот за компјутерски криминал. Нивни најголем проблем е кога социјалната мрежа на која се објавени злоупотребените фотографии, не им ги праќа податоците за предаторот.

 

– Секторот за компјутерски криминал најчесто постапува по пријави од лица каде што е употребена нивна фотографија или видео што може да имаат и компромитирачка содржина, како и кога е оставен телефонски број во одредена група или на лажен профил на социјалните мрежи, каде што се сугерира дека лицето „нуди сексуални услуги“, како и лица што се уценувани со експлицитни видеа од непознати лица со кои комуницирале на социјалните мрежи, со цел изнудување парични средства – велат за весникот ВЕЧЕР од МВР и ги поттикнуваат жените да го пријават онлајн сексуалното насилство во полициска станица, или на официјалниот и-мејл [email protected] или на онлајн платформата „Red button“ (црвено копче), на веб-страницата на МВР.

Објавувањето сексуално експлицитни фотографии во земјава се гони по кривичното дело злоупотреба на лични податоци. Минатата недела, Србија го измени Кривичниот законик и од есен објавувањето или заканата за објавување приватни фотографии и снимки со експлицитна природа, со цел да се посрамат и понижат жртвите, треба да се признае како кривично дело одмаздничка порнографија.

Слично дело се воведува и со измените на КЗ во Македонија, кој треба да се донесе до крајот на годинава. Ексклузивно за ВЕЧЕР, од Министерството за правда споделуваат дека новото кривично дело гласи „злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудио записи или списи со сексуално-експлицитна содржина“.

– Со тоа, предложеното кривично дело во законското битие како објект на заштита ја има приватноста, а елементот на дејство на извршување претставува сторителот на трето лице да му направи достапна видео или друга снимка, фотографија, аудиозапис или спис со сексуално-експлицитна содржина, без согласност на лицето на кое се однесува тој спис, односно без согласност на лицето што е прикажано на снимката, фотографијата или чиј глас е снимен на аудиозаписот – објаснуваат од Правда.

Во зависност од тежината на стореното, се заоструваат затворските казни, кои се движат од една до десет години. Споделувањето слика или видео со сексуална содржина без согласност ќе се казни со затвор од една до пет години. Истата казна е предвидена и за креирање лажни фотографии или видеа (лепени, сечени, монтирани), познати како дипфејк. Казната е повисока доколку се споделува во група од повеќе луѓе и може да изнесува до осум години, а доколку станува збор за дете – до десет години затвор.

Жртвите на оваа форма на дигитално насилство често се соочуваат со зголемен ризик од демнење и од физички напади, особено кога се објавуваат интимните фотографии заедно со личните информации како адреса и телефонски број. Оваа ситуација создава голема несигурност кај жртвите, кои се плашат да ги напуштат своите домови и честопати страдаат од анксиозност, панични напади и од депресија, велат психолозите. Неретко жртвите го губат и работното место и се соочуваат со осуда и со потсмев од околината, а неретко и се во опасност од насилни закани.

Во извештајот „Зајакнување на правната заштита од сексуално насилство преку слики и дипфејк технологија“, во кој се објавени неколку судски случаи на сексуално насилство преку Интернет, се потврдува ниската казнивост на онлјан предаторите.

Во случајот со 42-годишната К.Е., обвинетиот без дозвола објавувал интимни фотографии на заедничкиот фејсбук-профил и ги испраќал на трети лица, вклучувајќи го и таткото на оштетената. Сепак, судот му изрекол условна затворска казна. Во случајот на 43-годишната И.Б., обвинетиот, без согласност на оштетената, со која претходно бил во љубовна врска, објавил интимен видеоклип на веб-страница за возрасни. Судот утврдил дека била нанесена нематеријална штета. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ