Жоао Феликс, некогаш еден од најголемите фудбалски таленти во Европа, ќе ја продолжи кариерата во Ал Наср во Саудиска Арабија. Веста за неговото заминување од Европа предизвика бројни реакции во фудбалската јавност, а особено внимание привлече изјавата на Саул Нигез, неговиот поранешен соиграч од Атлетико Мадрид.

Саул ја искористи можноста да коментира за развојот на Феликс и неисполнетиот потенцијал, потсетувајќи се на нивните заеднички денови во Атлетико, каде што Португалецот пристигна во 2019 година од Бенфика во трансфер вреден повеќе од 120 милиони евра.

-Имавме големи очекувања. Жоао имаше сè за да стане врвен играч – талент, техника, интелигенција. Но, во фудбалот, тоа едноставно не е доволно. Ако не дадете 100 проценти, талентот ја губи својата вредност, рече Саул, додавајќи:

-На тренинг забележавме дека не се труди доволно. Се обидовме да му помогнеме, да го мотивираме, да разговараме со него, но тој никогаш не го прифати тоа. Сакаше да игра на врвно ниво без навистина да се труди – и тоа беше крајот на приказната.

Феликс во текот на својата кариера играше за Бенфика, Атлетико Мадрид, Челзи, Барселона и Милан, но не остави трага во ниту еден клуб што би го оправдал статусот на суперталент од почетокот на неговата кариера. Во секој од тие клубови, неговата улога беше привремена и тој остана без континуитет и стабилност.

Со преселбата во Ал Наср, каде што ќе игра заедно со Кристијано Роналдо и други ѕвезди од Саудиската професионална лига, Феликс се приклучува на растечкиот тренд на млади европски играчи кои одат во Азија, иако многу од нив се уште се во средината на своите кариери.

Останува да се види дали Феликс ќе го пронајде мирот и континуитетот во Саудиска Арабија што му избегаа на Стариот континент – или неговата кариера дополнително ќе се оддалечи од потенцијалот што некогаш го ветуваше.

ИЗДВОЕНИ