– „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ е текст од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, напишан во 1972 година, во формата на комедија дел арте. Претставата е за вителот на живата еротика, младоста и на незаузданата, вечно незаситна страст. Сепак, меѓу редови се насетуваат и една празнина, суета и егоизам на општеството што постојано трча по уживање. Денес, половина век по ‘68, суетата и бесцелноста остануваат актуелни, а им се придружува и трката по материјалниот статус, но и егзистенцијалниот страв

Претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ, деновиве премиерно беше изведена во рамките на годинашниот 39. фестивал „Град театар“ во Будва. Претставата, која е копродукција на Драмски театар Скопје, Белградско драмско позориште, Местно гледалишче Љубљана и продукција на „Град театар“ Будва, имаше две изведби, а публиката во Будва ќе може да ја види и на 12 и на 13 август, со почеток во 21:00 часот, на летната сцена во комплексот „Словенска плажа“.

По премиерата и по изведбите во Будва, македонската публика ќе има можност да ја види копродукциската претстава в недела, на 17 август, во рамките на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“. Претставата ќе се игра во 21:00 часот, во Долни Сарај.

Како што потсетуваат од Драмски, предизвик да се создаде копродукциска претстава на четирите уметнички куќи е одбележувањето на пет години од смртта на авторот Душан Јовановиќ, кој остави силен печат во театарскиот израз во регионот.

– „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ е текст од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, напишан во формата на комедија дел арте. „Плејбоите…“ е напишан во 1972 година, а првпат е изведен во Местно гледалишче Љубљана, една година подоцна. Напишан е во период на исклучително бурни меѓународни и регионални историски движења, во духот на сексуалната револуција и пролетта 1968 година, како и под влијание на околностите во тогашна Југославија, на кои реагираа уметниците од најмладата генерација. Во нивните дела е присутен таканаречениот лудизам – специфичен одговор на „тешките“ теми што ги отвори повоената генерација млади луѓе. Лудизмот се карактеризира со целосно отсуство на каква било потрага по смислата, одговори или решенија за егзистенцијалните тешкотии; тој повеќе ги прифаќа работите такви какви што се и наместо да бара излез во дадените околности, дозволува настаните да се одвиваат низ „опуштена игра“. Сето ова важи и за „Плејбоите…“. Тоа е вителот на живата еротика, младоста и на незаузданата, вечно незаситна страст. Сепак, меѓу редови се насетуваат и една празнина, суета и егоизам на општеството што постојано трча по уживање. Денес, половина век по ‘68, суетата и бесцелноста остануваат актуелни, а им се придружува и трката по материјалниот статус, но и егзистенцијалниот страв – се посочува кон претставата.

На чело на уметничкиот тим на претставата е Иван Пеновиќ, млад хрватски драматург, драмски писател и режисер, кој со својот интегрален и ангажиран пристап веќе се вбројува меѓу највозбудливите автори во регионот. Тој е директор и на Драмата во Хрватско народно казалиште – ХНК Сплит. Покрај него, авторскиот тим го сочинуваат и Соња Должан (превод), Лазе Трипков (сценографија), Александар Ношпал (костимографија), Владимир Пејковиќ (композиција) и Дамир Клемениќ (сценско движење).

Во копродокциската претстава играат актерите од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ.

ИЗДВОЕНИ