ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Животна лекција

88

Животот е едно големо училиште во кое учиме значајни животни лекции исполнети со радост, убавина и хармонија, но надополнети со многу разочарувања, немир и дисхармонија. Учиме од самите себе, учиме од постапките на другите, учиме и од судбината, која неретко нè соочува со тешки животни ситуации, поставувајќи нè пред клучното прашање: да се биде или не?

Да се биде среќен, да се креира позитивна животна цел и да се придонесе за напредокот на другите е суштинската мисија на секој духовно осознаен и душевно облагороден поединец. Овие нешта им биле познати и на старите Египќани, нивната животна филозофија била тесно поврзана со верувањето во задгробен живот и со потребата за бесмртност. Преку одговорот на прашањето: дали ја пронајде радоста во својот живот, дали во текот на животот ги направи другите луѓе среќни?, старите Египќани утврдувале дали, по смртта, човековата душа ќе отиде кај Бог, а неговите дела ќе станат бесмртни.

Животот е непрекината низа од настани, кои во себе ги кријат смислата на нашето постоење и тајната на нашата животна мисија. Колку подлабоко ќе навлеземе во себе и ќе ги осознаеме причините за нештата што ни предизвикале болки и страдања, толку полесно ќе се справиме со последиците и ќе најдеме решение за проблемите.

Себеосознавањето е клучен аспект на мирот и хармонијата и основа за воспоставување квалитетен и исполнет начин на живеење.

Иако не постои општа дефиниција за квалитетен и исполнет начин на живеење, сепак, без постигнување мир со себе и внатрешна хармонија, илузорно е да се надеваме дека ќе може среќно и исполнето да живееме.

Едни велат дека квалитетот на животот се мери според луѓето што ги имаме покрај себе; за други верата е најважна; трети ја фаворизираат страста; четврти ги истакнуваат во преден план парите, моќта и статусот; петти сметаат дека животот нема смисла бидејќи е полн со болки и страдања. Но, можеби, најголемата вистина е дека смислата, квалитетот и вредноста на животот се мерат сообразно со делата што ги оставаме зад себе и колку претставуваат тие дела инспирација за мир, напредок и среќа на другите. Во тој поглед, во Библијата е запишано: „Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји“.

Да се придонесе за напредокот на другите и да се биде ориентиран кон позитивните вредности е голем предизвик, кој бара цврст карактер, моќна самосвест, афирмативна волја и решеност да се издржи кога е најтешко.

Неретко, токму духовно најосвестените и најблагородните трпат најголеми удари од духовно неосвестените, завидливите и негативните луѓе. Овој свет како да не е креиран да го препознае светлото, туку сè повеќе пропаѓа со својата предаденост на мрачното и на деструктивното. Да се појават и да им бидат конкуренти на најмоќните политички лидери, прашање е дали ќе може најголемите светители, со својата животна мисија на добрина, благородност и хармонија, да го придобијат мнозинството и да бидат меѓу „избраните“. Такво е нивото на свест на толпата, која своевремено не успеа да ги препознае духовната големина, етичкото реформаторство и ореолот на љубовта на спасителот Исус Христос, туку на дадената можност да избира, се одлучи да го спаси разбојникот Варава. Меѓутоа, дали со таквиот „избор“ ја спасија својата душа, го постигнаа мирот и се извлекоа од празнотијата, површноста и од бесмислата на своето постоење е прашање што и денес е актуелно и карактеристично за начинот на живеење на современите „избирачи“.

За жал, постојат поединци што во името на профитот и на политичките интереси и привилегии се способни духовно да го затрујат својот народ со пропагирање разни невистини; физички да го загрозат со горење разни токсични материи; емоционално да го вознемират со убивање на надежта дека може да биде подобро; материјално да го осиромашат со константно и константно крадење; ментално да го обеспокојат со ширење страв и повикување да продолжи да гласа, зашто „од лошо има и полошо“. Најпоразително е што искуствата (историјата) потврдуваат дека од лошото навистина може да има и полошо. И сè така во недоглед, додека не попуштат човековите волја, емоција, мисла и здравје целосно и тогаш, можеби, ќе биде доцна за сè. За да не се случи тоа, неопходно е да ја научиме животната лекција дека не треба да се потпираме на надворешниот фактор, да не веруваме во празни зборови и да ја даваме својата доверба на лица што не водат сметка за општото добро, одговорноста, должноста и за чесноста. Кога ќе сфатиме дека сите ние сме дел од една целина и дека не треба да дозволиме лошите, духовно неосвестените и алчните единки да ја креираат, уништуваат и деградираат целината (нашата заедничка иднина), можеби, тогаш ќе постои шанса за општеството во кое живееме и за човештвото на кое му припаѓаме.

Мајка Тереза има кажано: „Ако не можеш да направиш големи нешта, направи мали, но со голема љубов“.

Првото нешто што треба да го направиме е да размислиме за состојбата на својата душа, потоа да преиспитаме кон какви вредности ја насочуваме својата личност и дали придонесуваме општеството во кое опстојуваме да стане поубаво место за живеење. Со ориентација кон позитивното и со пронаоѓање на смислата во хуманото дејствување, се приближуваме кон Бога и ја внесуваме радоста во сопственото постоење.

Правејќи ги другите луѓе среќни, воедно придонесуваме среќата да стане дел и од нашето живеење. Само така може да ја умножиме позитивната енергија и да ја пронајдеме радоста. Замислете го животот во кој клучна цел е да ги експлоатираме, лажеме, крадеме и изневеруваме другите. За каква животна мисија може да зборуваме ако сме водени од егоизмот, алчноста, ниските страсти, површноста и од потребата да манипулираме, искористуваме, повредуваме, загадуваме и уништуваме? Дали на тој начин му ја ветуваме својата душа на нечестивиот и придонесуваме мрачните сили и темните енергии да загосподарат со сепостојното?

Во религиозните книги е запишано дека определбата кон злото и негативната енергија никогаш не може да донесе мир во душата и среќа во животот.

Ако наша главна цел е да живееме во љубов и да бидеме во мир со себе, тогаш неопходно е да размислиме за состојбата во која се наоѓаме, да ја подигнеме свеста, да внимаваме на совеста и да разбереме дека секоја наша постапка предизвикува последица.

Резултатите од нашите дела или недела, можеби, ќе бидат невидливи за пошироката  јавност, меѓутоа ќе продолжат да опстојуваат во потсвеста, предочувајќи ја состојбата во која се наоѓа нашата душа. Колку и да ги потиснуваме, неубавите, неморални и гревовни постапки ќе испливуваат на површина низ јасно видливиот или прикриен гнев, фрустрација, несигурност, немир и чувство на вина.

Излез постои, но само ако искрено се покаеме, побараме прошка и почнеме духовно да се трансформираме.

Од друга страна, поединецот што се ослободил од чувството на вина, ги надминал лошите влијанија, тргнал по патот на духовноста и осознал дека среќата доаѓа со мирот во душата, неизбежно зрачи со смиреност, радост, ведрина и со душевна убавина.

Секој треба да се праша самиот себе: какви дела оставам зад себе и колку придонесувам позитивните вредности, етиката и добродетелта да станат патокази на среќното, хармонично и квалитетно живеење? Афирмативниот пристап и изборот на позитивното треба да бидат наша цел, затоа време е да престанеме да учиме лоши животни лекции и да зависиме од лица и од групации што не покажуваат интерес за општото добро, правдата, моралот и за чесноста.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)

 

 

ИЗДВОЕНИ