Стравот и негативното размислување им се најголемите непријатели на мирот и хармонијата. Опсесивното стравување и умислување разни опасности создава голем емоционален набој, уништувајќи ги можностите за успешно справување со проблемите.
За многу нешта што ни се случуваат во животот често и самите сме виновни, бидејќи некритички пристапуваме и веруваме во сѐ што слушаме, овозможувајќи им на другите „да нè пренесат жедни преку вода“. За да не се соочуваме со постојани разочарувања, неопходно е да преиспитаме кој нè полни со страв и негативна енергија и дали вреди да продолжиме емоционално да се оптоваруваме и психофизички разнебитуваме за лица и ситуации што не заслужуваат внимание.
Најопасно е кога се бориме со „невидлив“ непријател и не знаеме од каде може да следува нападот. Понекогаш најголемата опасност не доаѓа однадвор, туку однатре – од малодушноста, незрелоста, себичноста и од отпорот за преиспитување на односот кон животот.
Секој индивидуално одлучува кому ќе му верува, кон што ќе се насочи и какви вредносни норми ќе застапува.
Губењето на интегритетот на личноста, зависноста од надворешните влијанија и непреземањето одговорност за сопствените постапки се показатели дека ќе станеме лесен плен на разни неранимајковци, манипуланти и измамници. Колку повеќе се чувствуваме искористени, манипулирани и изневерени толку послабо ќе ги контролираме емоциите и нема да се снајдеме во критичните ситуации.
Колку подолго искусуваме негативни емоции толку полоша станува нашата општа здравствена состојба.
Хроничниот страв предизвикува психофизичка исцрпеност и губење на силата, ослабувајќи ги механизмите за самоисцелување и заштита од болести. Напнатоста во телото алармира дека имаме афектирани емоции како вознемиреност, гнев и страв наместо хармонични емоции што создаваат чувство на мир, љубов и опуштеност.
Една од најопасните карактеристики на стравот е да наметне убедувањето дека нема да се справиме со проблемите и ограничувањата. Многумина стравуваат дека нема да се справат со болеста; други со губење на работата и финансиската сигурност; трети со стареењето; четврти со осаменоста, одбивањето или напуштањето на партнерот итн.
Научните истражувања утврдиле дека стравот од јавен настап е прв на листата најчести стравови. Покрај стравот од говорење пред публика, мошне силен е и стравот од воведување радикални промени во животот. Стравот од неуспех ги парализира опциите за напредување, оневозможувајќи го поместувањето од точката на која се наоѓаме. Како што напишала Сузан Џеферс: „Изгледа дека стравот станал епидемија на целото човештво. Се плашиме од почетокот; се плашиме од крајот. Се плашиме од промени; се плашиме кога сме заглавени. Се плашиме од успехот; се плашиме од неуспехот. Се плашиме од животот; се плашиме од умирањето“.
Живеењето во страв, анксиозност и неизвесност предизвикува стресот да стане наше секојдневие и предуслов за целосно исцрпување на имунолошкиот систем. „Тоа е причината поради која луѓето што живеат во страв се постојано болни и страдаат од широк спектар исцрпувачки болести“, смета Алан Пиз. Според него, „стравот не е ништо повеќе од физичка реакција на размислувањето за непосакуваните последици. Тоа создава електрична енергија во мозокот што се пренесува во физичкото тело“.
Клучниот аспект за надминување на последиците од стресот и стравот е да развиеме победнички начин на размислување и да не дозволиме напнатоста и загриженоста да доминираат со нашето битие.
Соочувањето со непознатото и пробивањето низ стравот е подобро решение отколку да живееме во константен страв произлезен од чувството на беспомошност. Народната мудрост кажува дека стравот лозјето го чува, но животната мудрост кажува нешто друго: стравот не ја спречува смртта – го спречува уживањето во убавините на животот.
Не треба да му дозволиме на стравот да нè совлада и да ни ги блокира шансите за излез од кризата. Опстојувањето во трепет, страв и несигурност е подлога за доживување разни разочарувања, болести и несреќи.
Во периодот кога доминираат здравствените опасности, основно е како ќе размислуваме, со што ќе се окупираме и кому ќе му веруваме. Едно е храбро и достоинствено да ги пречекаме искушенијата, а сосема друго е постојано да стравуваме во мигот на сегашноста и да подлегнуваме пред црните сценарија за иднината.
За да ги неутрализираме вибрациите на стравот и вознемиреноста, треба да го подигнеме нивото на самопочит и да се ослободиме од негативното програмирање.
Поголемиот број стравови се производ на внатрешната состојба на умот отколку на надворешните ситуации.
Честопати непотребно ги преувеличуваме опасностите и се оптоваруваме со грижи што нема да се остварат. Научно е докажано дека животот е изграден само 10 % од она што навистина ни се случува, а останатите 90 % зависат од нашиот поглед на светот и од индивидуалното креирање на вредностите или слабостите на сопственото постоење. Студиите утврдиле дека најголем дел од работите за кои се грижиме нема да ни се случат и дека имаме малку или воопшто немаме контрола врз оние што ќе се случат.
Позитивните перцепција, визуализација и проекција се импулсите што ѝ се потребни на нашата личност во справувањето со стравот и негативните вибрации на околината. Кога размислуваме дека сѐ ќе излезе на добро и иницираме волја, решителност и храброст во борбата со тешкотиите, тогаш шансите за постигнување успех максимално се зголемуваат.
Какви начела треба да практикуваме за да постигнеме мир и хармонија?
- да престанеме да се окупираме со лошото;
- да се олабавиме и да ги прифатиме нештата врз кои не можеме да влијаеме;
- да дозволиме позитивната енергија да влезе во нашиот живот;
- почесто да се смееме – смеата привлекува радост, нè ослободува од неубавото чувство и ја исцелува нашата психофизичка состојба.
Најглавно од сѐ е да не се грижиме за она што ќе се случи, туку да почнеме да уживаме во секој миг што го имаме.
Најдобри лекови за стресот, стравот и тензијата честопати се добриот сон; креативната активност; прошетката во природа; читањето интересна книга; молитвата; гледањето или слушањето инспиративни и позитивни нешта што облагородувачки влијаат врз нашиот дух.
Дали може да постигнеме смиреност и хармонизираност ако постојано консумираме лоши вести и остваруваме комуникација со лица што злонамерно критикуваат, се жалат и шират негативна енергија? Кон каква перспектива ќе нè однесе изборот на деструктивното е прашање што секој самосвесен поединец е должен самиот на себе да си го постави.
Треба да знаеме дека постојат единки, структури и компании што профитираат од пласирањето страв и создавањето тензија кај потенцијалните потрошувачи, клиенти или сограѓани. Нивната цел е да го направат човекот подложен на надворешни влијанија, зависен и егзистенцијално несигурен.
Интегритетот и особеноста на личноста најбрзо пропаѓаат кога преовладува борбата за опстанок и кога сè ѝ е подредено на потребата за преживување. Тогаш многу лесно може да се спроведат мерки што ги загрозуваат слободата, демократијата и автономијата. Еден ден, можеби, токму во името на безбедноста и заштитата луѓето ќе бидат колективно подложени на инјектирање чип, масовно вакцинирање, следење и контролирање сѐ со цел да им се помогне во борбата со разните закани и непријателски влијанија. Целта ќе биде спас на човештвото или, можеби, подјармување на луѓето и ставање под власт на нечестивите креатори на новиот светски поредок.
Како и да е, наше е да ја преиспитаме причината за стравот и да се соочиме со него. Позитивно ќе постапиме ако ги освестиме своите стравови, работиме на подигнување на личноста и сфатиме дека од нас зависи дали ќе се определиме за позитивниот или за негативниот пристап кон околностите на животот.
(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)