ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Живот во страдање и незнаење

42

Воведувањето дисциплина внатре во умот е суштината на учењето на Буда. Се верува дека дисциплинираниот ум креира среќа, а недисциплинираниот ум води кон страдање.

Желбата да се биде ослободен од страдање е легитимна цел за секое човечко суштество. Тоа доаѓа заедно со нашата желба да бидеме среќни. Но, проблемот се појавува ако живееме со чувство на недостиг и кога не сме задоволни во мигот на сегашноста. Честопати, страдањето е резултат на јазот што се создава меѓу она што човекот е и го има, и она што човекот сака да биде и копнее да го има.

Одбивањето да го прифатиме страдањето како дел од постоењето ќе предизвика да се доживееме како жртва на судбината. Таквиот пристап е сигурен рецепт за пропаст.

Во будистичкото хиндуистичко учење, страдањето е резултат на нашите негативни минати дејства (кармички долгови) и на него се гледа како на катализатор (прочистувач) што поттикнува духовно ослободување. Од јудејско-христијанска перспектива, страдањето може да послужи за многу цели: како искушение што ќе ја зацврсти нашата вера и ќе нè доближи до Бога или, пак, може да ги разлабави нашите врски со материјалниот свет и да нè насочи кон духовните вредности.

Буда подучувал дека спасението е исклучиво производ на личниот напор и на совладувањето на неразумните желби и потреби. Само личноста што успеала да ги совлада своите желби и да го пронајде „средниот пат“, може да доживее внатрешен мир и хармонија.

Земајќи ги страдањето и постојаното барање среќа и егзистенцијална сигурност како заеднички именител на целото човечко искуство, Буда ги посочил причините за незадоволството и утврдил дека тие може да се отстранат и покажал начин како да се стори тоа.

Причината за злото и за несреќата е во човековата себичност, негативност и алчност. Самољубието и неосвестеноста можат да се опишат како извор на сите страдања. Негативноста може да се оттргне само со активно залагање за тоа што е позитивно и со духовно воздигнување на личноста.

Во сечиј живот барем еднаш навлегле болеста, повредата, бедата, тегобноста, губитокот на блиски или некој друг облик на дисфункционалност, тага и зло. Човековата егзистенција е далеку од тоа да биде совршена. Дури и оние најсреќните во светот мораат да ја признаат несреќноста. Факт е дека животот не е совршен. Луѓето ги креваат рамениците и вела, таков е животот или, пак, се обидуваат да ги намалат несовршеностите на постоењето. Страдањето, на некој начин, е предизвикано од копнежот по нештата што не можеме да ги имаме или, пак, од стремежот да ги одбегнеме нештата од кои не можеме да побегнеме. Така, копнеењето по пари го наведува сиромашниот да страда; копнеењето по здравје го соочува болниот со страдање; копнеењето по бесмртност наспроти неизбежноста на смртта води кон страдање итн.

Буда и будизмот се наполно уверени во превласта на болката над задоволствата во човековиот живот. Радоста само повремено се сретнува, а страдањето и болката се насекаде присутни. Докази за страдањето не се само старост, болест и смрт. Страдањето е содржано и во грижата, јадот, очајот, навредите и во разочарувањето. Страдаме бидејќи сè е минливо и подложно на постојана промена. Страдаме ние, а страдале и сите суштества пред нас, отсекогаш, и кога би се собрале солзите на сите суштества, од нив би се наполниле четири големи мориња.

Овие размисли на Карен Армстронг укажуваат дека треба да го прифатиме страдањето како природна нужност и составен дел од постоењето.

Доктрината на ослободување што ја проповедал Буда била слобода од ропството на авидја. Авидја е незнаење кое ја затемнува нашата свест и нè доведува во состојба на замаеност внатре границите на нашата личност. Оваа авидја, ова незнаење, ова ограничување на свеста, создава тешка преокупираност со егото и затоа станува извор на секаква гордост, алчност и суровост, својствени на саможивите и на негативни поединци.

Кога живее во незнаење, човекот е во состојба на духовно спиење; неговата свест е неспособна да проникне во суштината на своето постоење. Токму нашето изопачено разбирање на светот е она што лежи во коренот на нашите болни и несреќни чувства, како што се лутината, омразата, приврзувањето за минливите нешта и непуштањето на тоа што поминало.

Буда сметал дека духовното прочистување може да се постигне само со духовни средства. Тоа е возможно со себеспознание и етичко дејствување. Тој се потпирал на разумот, на логиката и на искуството, и го повикувал човекот во самиот себе да ја бара вистината.

Кога се живее етички коректен живот, тоа ни помага да се потсетиме на она што е познато како четирите огледи, а тоа се: драгоценоста на човечкиот живот; неизбежноста на смртта и несигурноста во поглед на смртниот час; неумоливоста на причинско-последичниот закон и на дејствувањето на кармата; и разбирањето на природата на страдањето.

Буда укажал дека никој не може вистински да се просветли, одново да се роди и да се исцели само слушајќи ги поуките на некој друг, туку секој мора да вложи сопствен напор и во себе самиот да побара потпора: „Бидете самите на себе светлина, бидете сами на себе прибежиште; не барајте никакво друго прибежиште освен во самите себе“.

Работата на самите себе, негувањето позитивен став и создавањето силен ментален имунитет се клучните фактори што овозможуваат духовна воздигнатост и внатрешна хармонизираност.

Достигнувањата на највисоката вистина и на личната етичка доблест се нарекува пат на совршенството – дамапада, која поединецот го воздига во мудрец кој постигнал високо ниво на рационално сознание и внатрешна хармонија.

Во „Дамапада“ се искажани етички начела за високите духовни вредности:

Подобро да не се прави ништо, отколку да се прави тоа што е погрешно, зашто погрешните дела донесуваат страдање; Бокалот се полни капка по капка; Ако човекот направи нешто добро, треба постојано да го повторува и да најде радост во своето добро дејствување. Собирањето добри дела донесува радост и создава позитивна карма; Можеш да направиш две грешки на патот до вистината: да не одиш до крај или воопшто да не одиш по патот на себеспознанието; Човекот може да најде задоволство во злото сè додека злото не ги донесе своите плодови. Кога ќе созреат плодовите на злото, тој тогаш навистина ќе го согледа злото; Ако го вклучиш светлото за некој друг, тоа ќе го осветли и твојот пат; На глупавиот што му прави зло на добриот човек кој е чист и ослободен од гревовите, злото му се враќа како прашина фрлена кон ветерот; Твојата работа е да го откриеш својот свет, а потоа од срце да му се предадеш; Не верувај во ништо, без разлика каде си го прочитал или кој го рекол, дури и ако јас го кажав, освен ако не се согласува со твојот здрав разум и сознание; Од страста се раѓа страдањето, а од страдањето се раѓа стравот. Ако човекот е ослободен од страстите, тој е ослободен од стравот и од страдањето; Здравјето е најголемиот дар, љубезноста е најголемото богатство, чесноста е најдобриот пријател; Дури и смртта не треба да го плаши човекот што живеел мудро и доблесно.

Учењата на Сидарта Гаутама Буда будат надеж и визија и водат кон лична трансформација, духовна зрелост, свесност и будност.

Моралната посветеност, духовното просветлување, отворениот ум и облагородениот напор овозможиле Буда да ја оствари својата животна мисија на голем етички мудрец, кој непоколебливо го трасирал патот што води кон духовното ослободување и кон позитивните аспекти на постоењето.

ИЗДВОЕНИ