недела, февруари 8, 2026
Дома КОЛУМНИ ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Влијанието на траумата врз децата и младите

ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Влијанието на траумата врз децата и младите

86

Психофизичката криза со која се соочуваат голем број од луѓето мошне негативно влијае врз квалитетот на нивниот живот. Мнозина не знаат како да се ослободат од емоционалната болка и на кој начин да го хармонизираат своето биополе (животна енергија). Депресијата е во пораст, како и разните зависности, а зголемен е и степенот на самоубиства помеѓу младите. Тоа е вистинска епидемија, која се заканува да ги уништи перспективите на хармоничното живеење. Според истражувањата, кај најмалку 20 % од младите е дијагностицирана анксиозност. Тоа е приближно една петтина од младите што одлучиле да отидат кај стручно медицинско лице и да добијат дијагноза. Хрватскиот психијатар Дарко Марчинко ги потенцира научните истражувања спроведени во САД и во Западна Европа, дека од 10 до 15 % од општата популација имаат симптоми за поставување дијагноза – нарушување на личноста. Секој шести припадник на западната цивилизација влегува во таа категорија. Општ впечаток е дека современиот човек сè почесто се чувствува немоќно пред разните тешкотии, отуѓувањето, притисоците и негативностите на постоењето.

Постои индивидуална, семејна и трансгенерациска траума. Изворната траума најчесто потекнува од семејните односи и влијае на умствен план, создавајќи емоционален и ментален дисбаланс. Незадоволената потреба за блискост и емпатија може да создаде фрустрација, несигурност и криза на идентитетот.

Ако не ги разрешил своите стравови, комплекси и агресивни пориви, родителот (или старателот) им ги пренесува таквите емоционални импулси на своите деца. Многу луѓе имаат трауматско искуство од детството, кое потоа го носат со себе како камен околу вратот. Трауматичното животно искуство е голема пречка за успешно и хармонично функционирање. Многумина не знаат како да се справат со траумите, така што одлучуваат да ги потиснат во длабочината на своето несвесно.

Според американскиот генетичар Брус Липтон, потсвеста на човекот почнува да се мести уште во периодот на раното детство (од раѓањето до шестата година), кога одреден настан, намерно или случајно искажани зборови на возрасните, казните и траумите го формираат „искуството на потсвеста“ и, на крајот, личноста на човекот. Липтон смета дека човековата природа е така структурирана што „ги складира лошите искуства во потсвеста многу полесно отколку сеќавањето на пријатните и радосни настани“. Како резултат на тоа, кај повеќето луѓе потсвеста е исполнета со 70 % негативно и само со 30 % позитивно искуство.

  1. Научните истражувања откриваат дека човечкиот мозок се развива во интеракција со околината

Затоа мозокот на трауматизираните деца не изгледа како мозокот на децата што не се трауматизирани. Писателите Франсеск Миралјес и Ектор Гарсија во книгата „Ичиго-Ичие“, го наведуваат истражувањето на францускиот невролог Борис Сирилник за важноста на љубовта за постигнување психофизичка хармонија.

По падот на Николае Чаушеску (1989 година), доктор Сирилник работел со деца во романските сиропиталишта, кои во текот на првите десет месеци од животот не искусиле никаква нежност. Невролошките испитувања направени кај нив откриле дека страдаат од атрофија во префронталната мозочна кора и амигдалата (складиште за емоциите од преживеаните трауматски искуства). Според Сирилник, причина за тоа е недостигот на сетилна стимулација од нивните негуватели, кои ја ограничиле комуникацијата со децата само на давање храна и неопходна медицинска помош. Десет проценти од децата што имале наполнето пет години покажувале знаци на сериозно психолошко нарушување, а деведесет проценти покажале однесување слично на аутизмот, и сето тоа како последица од немањето нежност. Поради ваквата ситуација, децата биле дадени во згрижувачки семејства, во кои ги имале потребното внимание и грижа. И тогаш се случило чудо: по само една година, речиси сите деца закрепнале и нивните префронтални кортекси почнале повторно да се развиваат.

Истражувањето ја потврдува мислата искажана од шаховскиот првак Боби Фишер: „Ништо не е толку лековито како човечкиот допир“. Познато е дека искрената и топла прегратка барем за миг ги смирува лицата што поминуваат низ животни тешкотии или чувствуваат голема емоционални болка поради загубата на блиска личност итн.

  1. Поради доживеаните трауми од детството, човекот е постојано во фаза на хипербудност, бидејќи стравува дека би можеле да му се повторат лошите искуства

Постојат трауми во животот што е исклучително тешко да се надминат, но тоа не значи и дека не може да се надминат. Кај некои лица емоционалната болка е толку силна, поради што почнуваат физички да се самоповредуваат, обидувајќи се на тој начин да ја амортизираат големата душевна болка произлезена поради смрт на блиска личност, развод, физичко насилство, понижување, силување итн.

Траумите може да нè одведат во темните одаи на сопствената личност и да ни создадат фрустрација, незадоволство и немир во животот. Хитлер и Сталин биле мошне трауматизирани како деца, исто и Чарли Чаплин и Ал Пачино. Но, за разлика од Хитлер и Сталин, кои се истакнале како едни од најзлите лидери во историјата на човештвото, Чарли Чаплин и Ал Пачино низ креативните импулси на уметноста пронашле канал за изразување на својата посебност и за трансформирање на својата енергија. Тоа им помогнало да се себеисцелат, а потоа и позитивно да влијаат врз другите лица.

  1. Траумата е голем учител, иако нејзините последици се болни, тешки и непредвидливи

Има луѓе што не знаат дека биле трауматизирани. Тие чувствуваат голема внатрешна тежина, но не може да ја откријат причината за својата душевна болка.

Силните емоции се реакција на нашиот ум. Нашиот ум ја толкува сегашноста врз преживеаните искуства од минатото. Емоционалната вознемиреност има своја причина. Треба да го прекинеме циклусот на трансгенерациска траума, која прави да живееме со тело на болка.

Родителите што ги тепаат своите деца испраќаат мошне лоша порака. Некои деца го разбираат тоа како порака дека не се доволни добри и затоа „заслужуваат“ да бидат истепани. Кога ги малтретира некој што би требало да ги сака, тоа значи дека, можеби, „не заслужуваат“ да бидат сакани. Таквото себедоживување предизвикува малтретираното дете да се повлече во себе и да живее во страв или, пак, да стане насилно и да ги малтретира своите другарчиња. Насилството, кое во последно време е максимално присутно помеѓу младите, може да се толкува како чин на празнење на наталожениот гнев произлезен од емоционална болка, страв, закана и несигурност. Тоа, можеби, е производ на чувството на отфрленост или неразбраност од страна на родителите или надлежните. Голем број научни истражувања утврдиле дека училиштата се полни со трауматизирани деца, кои имаат тешкотии во учењето и поседуваат ниско ниво на емпатија. Во последно време, сè повеќе млади покажуваат отпор кон училиштето бидејќи се чувствуваат неразбрани и уште помалку почитувани. Тоа ги прави отсутни, нервозни, површни, демотивирани од образовната програма и насилни кон послабите од себе. Затоа врсничкото насилство (булинг) е во експанзија и се заканува уште повеќе да се шири доколку општеството не најде мерки да го спречи психичкото и физичкото насилство помеѓу младите.

  1. Кога ќе се одвоите од самите себе, тогаш имате ранливо и исплашено Јас

Децата, но и возрасните се емоционално ранети и повредени поради оневозможеноста за вистинска поврзаност со блиските. Кога немаме со кого да разговараме во детската возраст, тогаш нужно доживуваме траума. Тоа прави да се чувствуваме крајно осамено. Децата не ги трауматизира само болката туку и тоа што се чувствуваат осамено и што нема кој да ги разбере. Кога се игнорирани или напуштени од своите најблиски, таквата околност прави целосен неред во нивната душа.

На едно бебе не му е потребно само мајчиното млеко туку и приврзаноста, топлината и заштитата. Така и на младиот човек не му требаат само скапи технички апарати, материјални добра, облека од позната марка и уписи на разни курсеви туку и искрен разговор, емпатија, почит и внимание.

 

(Авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)

ИЗДВОЕНИ