ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Вечна борба

92

Етичките пророци спаѓаат меѓу најпродуктивните и најоригинални духовни учители, кои со своите мудри поуки ги насочуваат луѓето кон моралот, добродетелта и кон позитивните вредности на постоењето.

Заратустра (на старогрчки Зороастер, што значи „златна ѕвезда“) се истакнал како најголем пророк и духовен реформатор кај старите Иранци (Персијци). Роден е во Источен Иран, во 630 година пр. н.е., во племето Спитама. Заратустра бил пророк возобновител, кој ја поставил на појасни духовни основи персиската вера како една од првите индоевропски религии. Познат е како основач на зороастризмот и на парсизмот, но и како прв светски моралист што ја поставил етиката во центарот на филозофските размислувања.

Богословието на Заратустра извршило силно влијание врз јудаизмот и врз христијанството. Уште поголемо влијание извршило врз религијата на Манес, кој ја позајмил Заратустровата идеја за вечната борба меѓу силите на доброто и силите на злото. Извесно време ова дуалистичко сфаќање (наречено манихејство) претставувало значајна религија во светот, иако веќе речиси наполно е исчезнато. Од него произлегува и богомилството, родено кај нас. Следбениците на зороастризмот го почитуваат култот на огнот, кој е стар ирански симбол на возвишеноста, универзалноста и на животот. За зороастризмот мошне е карактеристичен начинот на кој се ослободуваат верниците од мртвите – тие ниту се закопуваат ниту се палат, туку се поставуваат на потпорни греди, каде што мршојадците ги јадат.

Во „Зенд-Авеста” (света книга на зороастризмот, која е преведена на голем број светски јазици), Заратустра пишувал за создавањето на светот, за вечната борба што се одигрува помеѓу силите на доброто и силите на злото, како и за моралните норми што ги насочуваат луѓето кон внатрешен мир, добродетел и среќа.

Во светот на светлината, на доброто и на справедливоста се олицетворени мислите и пораките на врховниот бог Ахурамазда (ахура се индоевропски божества кои се трудат да воведат ред во светот, кои се борат против хаосот, темнината и злото; мазда значи „мудар“, како основен белег на позитивното опстојување), божество на добрината и на мудроста, а во светот на темнината и на злото доминира лошиот дух Ахриман. Меѓу светлината и темнината, доброто и злото се води постојана, бескрајна борба. Духовите на доброто даваат енергија за создавање и градење, силите на злото водат кон деградирање и уништување.

Според древните Иранци, луѓето се ашаван (праведни) или другвант (приврзаници на злото). Ахурамазда (Мудриот заповедник) ги има под свое покровителство праведните и чесните, а под влијание на лошиот дух Архиман се луѓето определени за зло, лаги, неверства и кражби. Секој човек има право да избира на чија страна ќе застане. Знаењето, вербата, справедливоста и духовната самосвест треба да им помогнат на луѓето да работат во насока на позитивните вредности и да придонесуваат за колективниот напредок.

Трите атрибути на Ахурамазда (на современ персиски јазик Ормузд) се добрата мисла, добриот збор (поука), доброто дело (справедливост). Тие начела го повикуваат човекот да одгледува добри мисли, да кажува добри зборови и да прави добри дела, бидејќи „сите праведни зборови и праведни дела извираат од знаењето и мудроста“. Ова сфаќање асоцира дека за воспоставување етичка воздигнатост и внатрешна хармонија, неопходно е човекот да практикува добронамерност, умереност, трпеливост, сомилост и насоченост кон знаењето.

Како етички мудрец и воин на светлината, Заратустра ги мотивирал луѓето да се борат против силите на злото и да се ориентираат кон позитивните вредности: чесност, вистинољубивост, праведност и верност. Тој го повикал човекот да стане справедлив, да се освести, да ги насочи своите стремежи против негативците и да ги вложи своите напори за воздигнување на позитивните вредности.

Според Заратустра, „знаењето е најдрагоцената вредност. Тоа е човеков непогрешлив и долговечен пријател, негов најверен и најсигурен водич низ животот“. На луѓето им порачал да ги развиваат самопочитувањето и етичката мудрост, да не тежнеат кон опсесивно трупање материјални добра, туку правилно да ги реализираат своите духовни и ментални потенцијали.

Изворот на среќата се наоѓа во човекот. Секој поседува слобода на волјата и лично одлучува дали ќе ѝ служи на силата на доброто или, пак, ќе им се предаде на злото и на негативните искушенија. Мудриот човек ќе го избере патот на вистината, светлината и редот, кој ќе го поврзе и изедначи со силите на доброто и ќе им помогне да ги победат силите на злото. Најголем човеков дострел е да оствари победа на доброто во себе, во своите мисли, зборови и дела. Според Заратустра, мудриот и етички ориентиран поединец нужно чувствува мир во душата и радост во срцето. За да ги постигне овие вредности, неопходно е да се заштити од вибрациите на злото и негативноста.

Во основата на моралната филозофија на Заратустра е определбата кон водење умерен, разумен и пристоен живот. Со практикувањето на овие вредности, може да се избегнат лошите влијанија на судбината, која не е фаталистички предопределена, туку плод на личните активности и на животните определби. Потенцирал дека аспектите на доброто и на злото; радоста и страдањето зависат од нивото на свест кај луѓето. Никој не е роб на Бог или на судбината, туку самиот е творец на вистината, светлината и на мирот или, пак, станува жртва на незнаењето, темнината и на дисхармонијата. Човекот лично одлучува дали ќе го победи злото произлезено од суетата, гневот и од негативноста или ќе се определи за добрината, чесноста и за позитивната енергија. Слично на учењето на индиската карма, и Заратустра сметал дека луѓето се креатори на својата среќа или несреќа. Во тој контекст се и сфаќањата дека судбината на човекот и по смртта е определена од неговите добри или лоши дела, зашто бесмртноста на душата (а телото по смртта нема никакво значење) зависи од неговите етички определби и хумани настојувања во текот на животот.

На лицата што им предизвикуваат зло на другите, Заратустра им порачал дека „набргу за секое направено зло, стотици зла ќе се срушат врз нив“. Во своето етичко учење тој се залагал за активистички пристап и за енергично дејствување против силите на темнината, незнаењето и злото. Според него, „ниеден човек не може да се смета себеси за духовно чист доколку не им се спротивстави на сите зла и искушенија што ќе му застанат на патот“. Оваа согледба укажува дека борбата за воспоставување добро честопати ги соочува луѓето со многу откажувања, тешкотии и страдања. Од друга страна, животните борби и тешкотии може да бидат од полза, бидејќи будат значајни искуства и водат кон изворот на духовното просветлување.

Заратустра укажал дека поединецот кој не извлекол поука од минатото и кој не манифестира доблесно и вредно работење во сегашноста, нужно ќе биде казнет од иднината. Асоцијацијата е дека никој однадвор нема да ѝ ја спаси душата на таквата личност или, пак, да ѝ создаде мир и хармонија во животот. Напротив, излезот од лошата судбина ќе мора да го пронајде во етичката насоченост и во позитивните дејствувања, кои се најдобриот начин за воспоставување среќа и задоволство. Затоа, ако оди со силите на доброто и светлината, ако е активен во борбата против злото и темнината, човекот ќе може да се надева на рајско блаженство и на мир во душата. Во спротивно, ќе се соочи со болки, страдања и со тешка судбина, а по смртта ќе биде сместен во светот на злото и меѓу духовите на темнината.

Со констатацијата дека најврвното задоволство произлегува од хармонијата помеѓу телото, умот и душата, ќе го завршам претставувањето на етичките идеи на персискиот (ирански) маг Заратустра, кој со своето учење и со животните определби покажал дека најблагороден и најсреќен е човекот што придонесува за среќата на другите.

ИЗДВОЕНИ