ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Судбина

0

Духовното созревање и надградбата на личноста се основни за надминување на сопствените слабости и за ментално ослободување од негативните удари. Инвестирањето во себе ќе ни помогне да најдеме решение за наталожените грижи, разочарувања и неуспеси во односите со другите луѓе.

Живеењето со немир, јад и емоционален отров не може да ни донесе ништо добро. Преголемата фокусираност на болките и на страдањата произлезени од минатото и од лошата сегашност ги стопира нашите можности за напредување и за реализирање на потенцијалите. Не постои човек што не се разочарал и не потклекнал пред проблематичните животни ситуации.

Суштината не е да стравуваме од непознатото, туку храбро да се справиме со последиците од разните искушенија. Треба да се сфати дека грешките се составен дел од животот и тоа не е ништо срамно. Тие се поуки, кои овозможуваат да ја тестираме својата ментална сила и да се надградиме како личност. Невозможно е постојано да постигнуваме успеси и секогаш да бидеме на висина на задачата. Треба да се стремиме кон подобро и да преземаме сѐ што е во наша моќ за да постигнеме успех. Но, ако не успееме во намерата, неопходно е да бидеме толерантни кон себе и да не се разочаруваме. Ако не сме успеале денес, ќе успееме утре. Таков пристап имаат лицата кои веруваат во себе, кои се борат и кои оптимистички се движат низ животот.

Не постои безгрешен човек, како што не постои ниту идеално мудар поединец кој секогаш ќе умее да ги предвиди ризиците и да се заштити од разочарувањата. Цврстината на карактерот не произлегува од пасивноста и од дистанцираноста од искушенијата, туку од борбата и од способноста за справување со ударите на судбината.

  1. Со упорност и храброст до целта

Суштината е да станеме кога ќе паднеме, да извлечеме поука од неубавото искуство и да продолжиме напред кон перспективите на постоењето. Лошо е кога го идеализираме успехот и сметаме дека поразот никогаш нема да тропне на нашата порта. Едно е што самите себеси си посакуваме, а сосема друго е со што ќе се соочиме.

Нема духовно откровение без страдание. Во мигот кога човекот ќе ја допре точката на најголемото страдање, кај некои луѓе се буди импулсот на верата и силната насоченост кон Бога. Со својата фаталистичка помиреност, тие успеваат да ја победат болката, отворајќи го патот кон исцелувањето на душата и кон психофизичкото хармонизирање на личноста. Философот Фридрих Ниче тоа го објаснил со терминот „љубов кон судбината“ (amor fati), како асоцијација за прифаќање на болката и за одживување на тагата.

Предусловот за позитивна промена е поврзан со елиминирање на омразата, гневот, огорченоста, јадот и на стремежот да им напакостиме на лицата кои емоционално нѐ повредиле. Погрешно е сфаќањето дека поривот за одмазда го придвижува духот на луѓето. Напротив, нејзината моќ е да нѐ води кон амбисот на самоуништувањето, иницирајќи го вртежот во кругот на заемното дисхармонизирање и повредување. Наместо постојано да се лутиме и емоционално да страдаме поради претрпените неправди и навреди, најдобро е да осознаеме со какви лица си имаме работа. Тие што нѐ повредиле, само ни покажуваат со каков духовен квалитет е изградена нашата личност; од што треба да се ослободиме; што треба да исцелиме и што треба да преобразиме со цел да бидеме во мир со самите себе. Емоционален отров, себеразјадувањето и очекувањето на другиот да му биде лошо, ќе предизвика нам да ни стане уште полошо. Големиот духовник и философ на православието, Максим Исповедник, има кажано: „Оној што во своето срце внесува омраза кон некој човек поради негова лоша постапка, целосно е отуѓен од Бога. Љубовта кон Бога не трпи омраза кон човекот“.

  1. Не посакувај лошо!

Бог го посакува спасението на сите, но не го добиваат сите бидејќи спасението зависи од позитивната волја, од вербата и од духовната посветеност. Треба да научиме да им простуваме на другите, да си простиме себеси и да чекориме кон светлите основи на постоењето.

Отпорот да се препознае тагата е пат за константно живеење со неа. Прифаќањето е најдобар лек за болката и најсилен мотив за ослободување од лошото и фокусирање кон доброто. Животот брзо поминува, така што не треба да трчаме по погрешни патишта и да се оптоваруваме со нештата што поминале. Најголема грешка е постојано да тагуваме по сѐ што сме пропуштиле да го направиле, ако тагуваме ќе пропуштиме уште еден куп работи.

Осветлениот пат најмногу го посакуваме, а од него најсилно се плашиме. Преземањето одговорност за сопствениот живот за многумина е невозможна мисија. Кога сме поставени пред сопствената совест, станувајќи свесни дека лично сме одговорни за сѐ што правиме или не правиме, во тој случај нужно ја отвораме можноста за создавање позитивни промени. Сѐ додека ги обвинуваме судбината, минатото, општеството или другите луѓе за борбите и тешкотиите низ кои поминуваме, сѐ дотогаш нема да напредуваме и да создаваме хармонија во своето живеење. Самовредноста се тестира низ неповолните животни ситуации, а силата произлегува од визијата, храброста и подготвеноста да се иницираат промени.

Повеќето опстојуваат во одреден однос, работно место, животна средина или пријателства во кои не чувствуваат љубов, напредок и хармонија, туку лажна сигурност и површност. Бегството од празнотијата на животот помага, но не за долго време. Проблемите не се решаваат ако го потиснеме тоа што нѐ измачува. Соочувањето со проблемот е клуч за разрешување на проблемот.

  1. Страв од промени

Голем број луѓе стравуваат од промени, држејќи се упорно до ситуациите и до односите кои само навидум им создаваат задоволство, среќа и исполнетост. Овие поединци сметаат дека новиот почеток е ризик. Нивната теза е дека немаат сила и волја да почнат нешто одново бидејќи животните кризи и тешкотии целосно ги истоштиле. Тие не сфаќаат дека суштината на постоењето е да станеме подобра верзија на самите себе, да ги надминеме личните слабости и да создадеме похармоничен однос со другите. Тоа нема да го постигнеме ако престанеме да се бориме и не веруваме во некои нови можности. Самодовербата и позитивниот пристап се основните вредности што овозможуваат излез од кризата.

Античкиот философ Хераклит потенцирал дека „сѐ тече, сѐ се менува“, така што ако некој однос бил лош, тоа не значи дека така ќе биде и во иднина. Од нас зависи како ќе му пријдеме некому и кон што ќе се фокусираме. Ние одлучуваме дали ќе ги гледаме убавите нешта или постојано ќе критикуваме, ќе шириме негативизам и ќе живееме во незадоволство. Кога постигнуваме внатрешен мир и осознаваме дека клучот не е во менувањето на другите, туку во подобрувањето и во менувањето на самите себе, тогаш му даваме шанса и на другиот да ги увиди своите погрешни постапки и да се подобри како личност. Од друга страна, на односот што завршил не треба да гледаме како на искуство што ни го упропастил животот, туку како на поука што ја осветлува патеката на нашиот живот. Таквиот пристап ќе ни овозможи да станеме поуспешна верзија на самите себе и подобра личност за лицата што вистински ќе нѐ сакаат и почитуваат.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)

ИЗДВОЕНИ