ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: ШТО Е ПОТРЕБНО ЗА СРЕЌА?

105

Оженете се, вели Сократ, ако најдете добра жена – ќе бидете среќен, а ако најдете лоша – ќе станете филозоф.

Колку е значајна хармонијата во семејството?

Да се создаде среќа во семејството претставува голем предизвик, но и уште поголема одговорност, зашто среќата не се чека, туку се гради. Како што рекле, не чекајте да дојде совршениот миг, создајте го! Духовната воздигнатост на човекот и неговата ментална и емоционална сила се согледуваат токму преку градењето хармонична семејна заедница. И во светите книги им е наложено на луѓето да создаваат љубов и семејство, да подигаат свои поколенија и да иницираат подобри предуслови за напредок на човештвото. Кога не би се случувале тие нешта, каква би била иднината на човештвото? Во тој контекст, добро е да се почитуваат и да се градат вредностите поврзани со конзервативната семејна традиција: почит кон повозрасните, чист образ, морал, скромност, добродетел…

Сепак, треба да се потенцира дека и конзервативната семејна традиција, исто така, има големи недостатоци и злоупотреби и не може со векови да се остане со неа. Најдобро е да се направи некоја комбинација од традиционалното и од современото, зашто и современиот живот создава свои вредности.

Сѐ што произлегува од Запад не значи дека е совршено, но и сѐ што е добро од Запад не треба да го сметаме за лошо и неприфатливо.

Воспитанието и образованието на децата се исклучително важни за нивниот личен развој, така што е клучно да растат во семејство исполнето со љубов, хармонија и посветеност. Од друга страна, каков ќе биде развојот на нивната личност доколку живеат со родители што се отуѓени еден од друг, што многу малку разговараат и немаат емоционална блискост? Проблемите може да бидат уште поголеми ако партнерите станале родители во период кога не биле доволно зрели да се грижат за себе, а камоли за деца.

Децата не треба да бидат единствената причина за одржување на бракот на една двојка, чија љубов повеќе не може да оживее, смета Ханс Јелоушек. Според него, и за децата е штетно ако не постои блискост и посветеност помеѓу партнерите, а родителите се преправаат дека сè уште е сѐ во ред меѓу нив. Мртвата тишина неретко знае да биде поопасна и од отворените караници. Кога сме убедени дека брачниот однос е полн со мачнини и страдања, тоа чувство нужно им го пренесуваме и на своите деца.

Кога партнерите меѓусебно не се разбираат, помислата за разделување е многу поблиска, а можностите за такво нешто  многу поголеми. Ако двајцата не чувствуваат дека нивната емоционална и сексуална поврзаност и понатаму е жива, туку дека сѐ повеќе меѓусебно се отуѓуваат, веројатноста дека еден од нив ќе пронајде нов партнер, со кого ќе се почувствува поисполнето и повозбудливо, максимално се зголемува. Порано повеќето жени не смееле да се разведат дури и ако бракот им бил вистински пекол, зашто економската ситуација, општествените норми и разните притисоци влијаеле на нивната одлука да останат во дисхармоничната брачна заедница по секоја цена. Денес е поинаку, главното нешто што трајно ја одржува врската е квалитетот на самата врска. Затоа, ако еден од партнерите повеќе не чувствува љубов, почнува да размислува за бегство и за пренасочување на вниманието кон интимни потреби на сопствената личност.

Во суштина, хармонијата во семејството мошне тешко се одржува, бидејќи разните егзистенцијални борби и тешкотии да се обезбедат финансиски средства, да се биде успешен на работното место, да се има позитивна интеракција со роднините и со пријателите предизвикаа да се живее под постојан притисок и страв од ударите на судбината. Но, се чини не им е ништо полесно да ја одржат семејната хармонија ниту на оние чии егзистенцијални прашања се решени и уживаат во голема материјална благосостојба. Па се поставува прашањето: Што е потребно за хармонија и среќа?

Надворешните активности, зависноста од другите (најчесто од родителите), преголемата посветеност на кариерата и статусот многу лесно може да нè отуѓат од љубовниот партнер, па и од децата, доколку ги имаме. Капиталистичкото општествено уредување наметна да немаме доволно слободно време како што имавме во социјалистичкиот општествен систем, во кој многу нешта беа јасно определени и фиксирани (работно време, сигурен личен доход, слободни активности, другарување со пријателите).

Разните ограничувања со кои се соочува, му предизвикуваат страв, закоченост и неизвесност на современиот човек. Сето тоа негативно се одразува и врз градењето на семејната заедница. Кога се чувствуваме стегнато и блокирано, како ќе ја споделиме нашата емоционална и ментална енергија? Голем број лица што се со ниска енергетска вибрација на психофизички план, себеси и светот околу себе ги перципираат низ призмата на негативното. А во основа на таа енергетска блокираност лежи само едно: стравот. Тие лица поретко го забележуваат убавото кај другите и не ги препознаваат нештата што асоцираат на вредност и хармонија. Ова е одраз на нивното длабоко внатрешно незадоволство.

Главната мудрост е како да се одблокираме на психофизичко поле, како да се разбудиме и да сфатиме дека вредноста на животот се состои од мир во душата, од духовна воздигнатост и од среќа во семејството. Нема да го постигнеме тоа ако дозволиме надворешните влијанија да го контролираат и креираат нашиот живот. Аристотел има кажано: „Изолирани може да бидат само бог и ѕверот, а за разлика од нив, човекот е социјално суштество (зоон политикон) и мора да најде начин да соработува со другите“. Среќата е во енергетската размена и во позитивните вибрации во опкружувањето со другите – да даваме и да примаме љубов!

Покрај болеста, сиромаштијата, војната и здодевноста, за духовниот мир и среќата на човекот најопасни се осаменоста, стравот и отуѓувањето. Кога ќе се отуѓи човекот од другите луѓе, тогаш настапуваат осаменоста и стравот. Тие дополнително ја стеснуваат, блокираат и ја дисхармонизираат неговата енергија. Во таква ситуација, најважно е да се обидеме да излеземе од ментално-духовната матрица на однесување и да се отвориме за сѐ што може да ни создаде позитивна стимулација, бидејќи „ако имаме волја и стимулација, ќе имаме и реализација“.

Една од најголемите борби во денешно време е одгледувањето на децата и нивното водење по правилниот пат, предизвик што воопшто не е лесен. Тоа е макотрпна работа, исполнета со многу искушенија, неизвесност и со тешкотии. Опасностите демнат од сите страни, а најмногу од улицата, интернет-комуникацијата, разните пороци, зависности итн. Денешните деца не се развиваат, образуваат и воспитуваат како што било случај тоа со децата што растеле во еден поинаков систем на општествено уредување, каде што постоеле построги норми на однесување. Покрај градењето хармонична семејна заедница, една од најсериозните обврски на родителите е да ги заштитат своите деца од разните надворешни влијанија.

Неолиберализмот може да биде мошне опасен, како и напуштањето на нашите традиционални семејни норми на однесување. Ако не сакаме да дојде до губење на семејната клетка, до интензивно распаѓање на браковите, до неумерено предавање на ниските страсти и на промискуитетот, ќе мора да изградиме цврсти вредносни темели на колективен и на индивидуален план и да се заштитиме себеси и нашето општество од разните лажни вредности произлезени од капитализмот.

ИЗДВОЕНИ