Брачните односи станаа еден од најголемите проблеми во 21 век. Новите тенденции во поделбата на улогите помеѓу мажот и жената, сè повеќе им предизвикуваат голема неусогласеност и заемна отуѓеност. Можеби сето тоа има корени во еманципацијата на жената, која, денес, многу поретко е орудие во рацете на мажот, туку е самостојна и независна индивидуа која автономно управува со својот живот. Притисокот се префрли врз мажите, кои почнаа да ја губат контролата врз жените и во одредени ситуации се чувствуваат подредени. Тешкотиите да се обезбеди солиден личен доход и да се биде реализиран и успешен во работата, предизвика мажите константно да бидат под голема психофизичка напнатост. Тоа произлегува и од вековно наметнатите правила дека мажот е должен преку обезбедување материјални средства да се докаже себеси како маж, како што и преку искажувањето на страстите, да ја покаже својата моќ во креветот. Се очекувало тие нешта да ги поседува, да ги развива и да ги докажува. Од друга страна, во едно поинакво време, улогата на жената била да раѓа деца и да се грижи за домот и за семејството. Ако порано, исклучиво мажите ги обезбедуваа средствата, го водеа главниот збор во семејството, се образоваа и се експонираа во јавноста, денес во многу нешта улогите се променети, така што и жените почнаа поинтензивно да се едуцираат и насочуваат кон професионалните дејности, кон јавноста и кон независноста.
Исклучивата надлежност за децата и домаќинството престана да постои во свеста на жената. Доколку, поради тоа, дојде до судир помеѓу улогата на мајка и домаќинка, од една, и вработена жена од друга страна, тој судир неретко се разрешува на штета на одлуката за проширување на семејството. За многу жени, тоа значи откажување од соодветната професионална дејност или од напредокот во кариерата.
Како што наведува Ханс Јелоушек, „во претходниот век преовладувал моделот на заемна зависност”. На мажот му била потребна жена, а на жената маж за да можат хармонично да живеат. Тој ги обезбедувал финансиските средства и, пред сè, бил ориентиран нанадвор. Затоа, му била потребна жена која ќе биде ориентирана навнатре, која ќе се откаже од сопствената професија и ќе се грижи за неговата благосостојба, за децата и за сè што припаѓа во доменот на семејството. И на жената ѝ бил потребен маж – некој што ќе обезбеди материјална сигурност, заштита и статус во општеството. Тие живееле во своевидна симбиоза, бидејќи само заедно ја правеле целината. Индивидуализмот предизвика нештата максимално да се променат. За разлика од порано, денес централно места зазема автономијата на поединецот, а зависноста од другиот е оценета како незрел однос помеѓу партнерите.
Таквата ситуација создаде револт кај одредени мажи, кои почнаа сè повеќе да се чувствуваат загрозени од еманципацијата и напредокот на жените. Нивните критики се дека промената на улогите помеѓу половите предизвика жените да манифестираат ароганција и потреба за доминација, за себенаметнување и за неизвршување на обврските кои отсекогаш биле под нејзино владение. Но, ако ги анализираме новонастанатите женско-машки релации, што да се очекува поинаку? Жената работи по повеќе од 8 часа на ден надвор од домот и тоа неминовно наложува поинакви улоги и на мажот кон семејството и домашните обврски. Нерационално е да се очекува дека и покрај сменетото темпо, стилот на животот и работните обврски, задолженијата и функциите на мажот и жената ќе останат непроменети.
Но, исто така, сè повеќе стануваме сведоци кога не мал број жени се определуваат да ги напуштат своите деца или препуштаат мажот да ги подига и воспитува. Од друга страна, некои жени покажуваат интерес исклучиво за децата, така што ретко наоѓаат време за својот партнер, игнорирајќи ги неговите потреби за внимание, љубов и страст.
Нештата што пристигнаа од модерното општество, како сè повеќе да нè оддалечуваат од нашето традиционално, т. е. конзервативно восприемање на машко-женските односи. Сепак, треба да се укаже дека само пред неколку децении, многу од жените беа тотално обесправени, некои од нив малтретирани и експлоатирани, бидејќи уздите на владеење (повисок статус и материјални средства) беа во рацете на мажите. Можеби и денес го има тоа, но не во толкав обем како што го имало во претходниот век и порано.
Современиот начин на живеење, на дел од жените им овозможи самостојно да го решат станбеното прашање, голем број од нив работат, се едуцираат и стануваат независни. Нивната перцепција за вистинскиот маж почна да се менува. Во некои љубовни ситуации, веќе не се согледува дали низ посветеност, верност, емоционалност и интелектуалност, мажот ќе придонесе за семејството, туку колку материјални средства поседува или создава, колку е убав и атрактивен и пред сè, дали е статусно воздигнат. Да замислиме, колкав е бројот на жените што бараат такви мажи и, од друга страна, колкав број мажи ги поседуваат тие квалитети и можности? Не можејќи да го најдат „вистинскиот”, кај некои жени се јавува потребата да бидат помоќни од мажите и свесно или несвесно се наметнуваат како наредбодатели и диктатори, односно попримаат (или манифестираат) машки карактеристики. Проблемот е ако главната преокупација на жената се надворешните активности и немањето слух за обврските и за потребите на семејството.
За да ги избегнат недоразбирањата и конфликтите, и мажот и жената треба да сфатат дека успехот во семејството зависи од нивната заемна посветеност и подеднаква поделба на обврските. Само така ќе создадат мигови на задоволство и среќа, кои ќе им го исполнат животот со хармонија и убава енергија.
Изборот и постапките што ги правиме во животот, неретко се детерминирани од лошото минато, неразрешените фрустрации и немањето чувство за градење хармонична семејна заедница. Можеби затоа, некои жени мошне негаторски и критички се однесуваат кон одредени мажи. Но, од маж до маж има разлика, исто како што од жена до жена може да има голема разлика (општите дефиниции за мажите и жените треба секогаш да се земаат со резерва). Некои мажи имаат многу ниско ниво на самопочит и лабилен карактер, така што прифаќаат да бидат угнетувани и деградирани од страна на одредени жени. Од друга страна, самосвесните и духовно изградени мажи ќе направат разлика и ќе се дистанцираат од таквата жена.
Најголемиот број современи мажи (посебно тие што живеат на Балканот), посакуваат природните улоги и понатаму да се почитуваат и развиваат, а тоа подразбира мажот да биде главен во семејството, а жената да си остане верна на вредностите што ѝ припаѓаат на една жена, а тоа подразбира да ги извршува домашните работи.
Како заклучок, ќе потенцираме дека денес улогите максимално се променија и многу од жените не сакаат да им бидат подредени на мажите, да им робуваат и да треперат пред нивната умислена „големина”. Повеќето од нив сакаат да бидат независни, да напредуваат во кариерата и да имаат финансиски приходи, делумно поради својата самостојност, а делумно и како придонес за заедничкиот семеен буџет. Според Ханс Јелоушек, моделот на домаќинка која го гледа својот сопруг со благодарност бидејќи тој е единствениот што заработува, и која целосно е посветена на домаќинството и на подигнувањето деца, веќе не привлечен за повеќето жени. Тие сметаат дека таквиот модел ги омаловажува и ги става во подредена позиција во семејната хиерархија.
Но, ако нештата ги гледаме од поинаков аспект, факт е дека современата жена почна да оди во некоја друга насока и постепено да се оддалечува од суштинската природа на својата личност. Еволуцијата е најмоќната сила на земјата, добро е таа да биде присутна и во љубовните односи помеѓу мажот и жената, но само доколку придонесе за нивно хармонично и позитивно живеење.
(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)












