ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Ранливост и фрустрираност

76

Неразрешените емоционални шеми од минатото многу често го детерминираат нашето однесување и ни создаваат конфликти и недоразбирања со лицата што нè опкружуваат. Дали е тоа поради емоционалната шема на ранливост, па брзо се возбудуваме и стануваме ранливи за сè и сешто? Можеби некој нема намера да нè повреди, но ние чувствуваме дека сме атакувани, дека некој кон нас оди критички и со тенденција да нè омаловажи. Одредени ситуации и туѓи постапки ги активираат нашите емоции, предизвикувајќи ни бурна реакција и внатрешен немир, многу повеќе отколку што претполага ситуацијата.

Клучно е да ја надминеме ранливоста и да ги разрешиме негативните емоции за да може необременети да продолжиме напред во животот

Некој друг, пак, живее со потреба во сè да постигне перфекционизам, веројатно со цел да докаже дека вреди и дека е посебен. Живеејќи со таква емоционална матрица, тој нужно станува незадоволен и неисполнет. Затоа, колку и да му даваме љубов и да му посветуваме внимание, ќе смета дека тоа е недоволно, така што ќе продолжи во сè да го бара перфектното и идеалното. Таквите поединци манифестираат незадоволство и кон самите себе бидејќи опсесивно се стремат кон „повисокото”, „помоќното”, „поуспешното” и доколку не ги остварат целите, неминовно стануваат незадоволни и фрустрирани.

Некои други, пак, свесно или несвесно се водени од емоционалната шема на страв од напуштање. Затоа, често се чувствуваат стегнато, блокирано и се во постојана психоза и страв партнерот да не ги напушти, да не ги изневери или да не им наштети. Како реакција на таквиот страв, тие неретко одлучуваат и самите да напуштаат, сè со цел да го спречат ризикот да бидат напуштени. Лицето што живее со емоционална шема на страв од напуштање, речиси секогаш виновникот за кризата и за проблемите во врската го бара кај другиот, сметајќи дека тој го поттикнал таквото негово однесување.

Одредена личност живеејќи под емоционалната шема на недостиг (лишеност) или под стравот од напуштање, ги гледа и ги доживува проблемите и онаму каде што, фактички, тие не постојат. Од друга страна, пак, може да се прашаме и колку секој од нас е свесен како изгледа во очите на другиот и колку ние самите сме способни објективно да процениме каква енергија зрачиме за партнерот? Секогаш е многу полесно за своето однесување да најдеме вина кај другиот, така што кај партнерот ја забележуваме реакцијата, но не и нашето однесување кое можеби довело до таквата реакција. Сепак, факт е дека луѓето најчесто се расправаат за најбанални ситници, за не толку важни нешта, и тоа само затоа што чувствуваат дека егото им е повредено или дека „недоволно” им е возвратено за љубовта што ја даваат. На тој начин, тие самите себеси се повредуваат, затоа што не пораснале на духовен план, ниту имаат разрешено некои трауми, тегоби и емоционални шеми произлезени од претходната љубовна врска или брак, од детството или од животот. Неразрешените ситуации им создаваат несвесна фрустрација и проекција дека нештата не се доволно добри, што од друга страна, ги тера да заземат одбранбен став и опсесивно да се штитат од другите. Нивното мото е: Дај љубов за да ти дадам; усреќи ме, па јас истото ќе го направам за тебе. Сепак, треба да сфатиме дека токму малите нешта го прават животот убав. Позитивниот момент, споделеното чувство, покажаното внимание – тоа се тие делчиња на мозаикот наречен среќа.

Со тежнеење кон потребата љубовниот однос да биде воден од егото, многу тешко можат да се постигнат заемната хармонизираност, посветеност и емоционална припадност.

Тука ќе елаборираме две решенија, кои може да ни помогнат да најдеме излез од таквата ситуација.

Прво, треба да знаеме дека атакуваниот поединец како и да се однесува, што и да прави, нема да биде најсигурен дали неговото однесување позитивно ќе влијае врз расположението и очекувањата на другиот. Да ја земеме за пример, изразената насмевка. Ако таа не е рефлексија на природна реакција, многу брзо ќе бидеме обвинети од партнерот дека вештачки се смееме – став кој можеби е далеку од вистината. Со таква личност е многу тешко да се излезе на крај. Од друга страна, пак, ако посегнеме по решението да одглумиме насмевка, да ги контролираме реакциите и да внимаваме на однесувањето (за случајно да не го изнервираме партнерот), прашање е дали и тоа ќе вроди со плод. Кадија те суди, кадија те тужи, така што засегнатата страна одлучува што е вистина, а што лага.

Второто решение е малку порадикално. Тоа препорачува да го заштитиме своето ментално здравје и да ја напуштиме таа индивидуа. Предвид може да ја земеме и следната опција: повремено да се дистанцираме од негативната енергија на партнерот и да престанеме да се расправаме и да се труеме за небитни работи од типот дали насмевката била вистинска или не, дали поканата за средба со пријатели била искрена или формално кажана…

Бидејќи во животот нештата треба добро да се обмислат пред да се донесе конечниот суд, можеби најсоодветно е на саканата личност да ѝ дадеме време да почне да ги решава емоционалните шеми, да допре до себеси и да преиспита дали има капацитет да ги надмине сопствените проблеми или ќе продолжи да ги обвинува другите за сѐ што ѝ се случува во животот. Но едно е важно, никој нема право од никого да бара да се менува заради другиот! Она што е клучно е секој да биде во хармонија со себе и да се прифати онаков каков што е, а доколку почувствува потреба дека треба да се менува, тоа да го направи заради себе, а не заради исполнување на нечии очекувања што другиот ги наметнува. Затоа рекле „немојте да се менувате за да им се допаднете на другите, туку бидете она што сте за вистинските луѓе искрено да ве сакаат”!

Таквите личности се под влијание и на емоционалната шема на виновник. Тоа предизвикува вината за неуспесите во животот постојано да се бара во општеството, партнерот, семејството, пријателите, колегите или во надворешните фактори. Концептот се базира врз определбата да не се согледуваат сопствените слабости и лошите постапки, туку да се напаѓаат другите. Оваа матрица на однесување не дава перспектива за напредок. Тука решенијата многу тешко може да се пронајдат, затоа е многу битно да се преиспита со кого се влегува во љубовен однос, какви заднини има или крие таа личност, со какви тешкотии се соочила, дали ги разрешила емоционалните шеми од минатото итн.

Не е лесно да се даде одговор на овие прашања и да се допре до најскриените пори на човековата личност. Но, некои нешта можат и треба да бидат преиспитани. А тоа е дали нашиот партнер во себе има виталност, позитивен дух, оптимизам и ведрина или, пак, е меланхоличен, тмурен, критички ориентиран, незадоволен, дистанциран, студен, инаетлив… Со такви лица е многу тешко да се излезе на крај.

Внатрешното незадоволство, произлезено од емоционалната шема на перфекционизам, ранливост, страв од напуштање, недостиг или виновник, предизвикува таквите личности да го перципираат и да го рефлектираат најлошото кај другите. Затоа е исклучително тешко со нив да се изгради хармонична и перспективна врска. Решението треба да се бара во односот со лицата кои го будат најдоброто во нас, кои умеат да ги видат позитивните страни на нашиот карактер и кои ја бараат, гледаат и ја доживуваат поубавата страна на животот.

ИЗДВОЕНИ