Дали некогаш сте се прашале: Што е животот и што треба да направите за да се почувствувате среќни, хармонични и исполнети? Колку материјални средства треба да поседувате, каков успех треба да постигнете, кон какви телесни задоволства да се насочите и колкав внатрешен мир да воспоставите, за да, конечно, самите себеси да си кажете: Задоволен сум од тоа што сум и од позитивните нешта што ми ги дава животот, време е да се опуштам и да уживам во убавините на сопственото постоење.
Едно од клучните прашања кои секој човек треба да си го постави е: Според какви навики и определби го креирам својот живот и дали умеам да им се радувам на малите радости или постојано копнеам да ги реализирам високите цели и мегаломанските желби и потреби на сопствената личност?
Сите сакаме да бидеме среќни, но дали знаеме како да станеме среќни?
Филозофот Сенека има кажано: „Повеќе страдаме во главата, отколку во реалноста”. Песимизмот, преголемата опседнатост со тоа што го немаме, зависничката врзаност за лицата и предметите, емоционалната преокупираност со страдањата од минатото, немањето визија за перспективите на иднината и стравот од преземање одговорност за состојбите во сегашноста, се само дел од причинителите на егзистенцијалната празнина и отуѓувањето со кои се соочуваат голем број од луѓето. Апатијата, беспомошноста, себичноста и подложноста на површните вредности станаа белег на современото живеење.
Главниот проблем е во неспособноста и во незаинтересираноста на луѓето да иницираат промени и да го пронајдат вистинскиот пат кој ќе ги однесе кон мирот и кон хармонијата на животот.
Опстојувањето во својата комфорна зона и префрлувањето на одговорноста врз општеството, родителите, партнерот или другите стана начин за бегство од реалните проблеми и од состојбата во која се наоѓа човековата душа. Наместо да се соочат со самите себе и да го преиспитаат сопственото однесување, многумина се чувствуваат немоќни да направат вистински промени во својот живот и во релациите со блиските. Излезот го бараат надвор од себе – во емоционалната врзаност за предметите или за луѓето, создавајќи зависнички односи кои барем за миг им будат среќа и исполнетост.
Психоаналитичката теорија укажува дека сè што е потиснато и неразрешено, еден ден нужно ќе излезе на површина и ќе создаде големи проблеми во животот на човекот. Затоа, не треба да бегаме од проблемите во кои се наоѓаме, зашто колку и да го потиснуваме нивното влијание и да не ги забележуваме, ние ги поседуваме и ги носиме со себе. Главниот аспект за неутрализирање на проблемите е да ги преиспитаме причинителите кои нè соочиле со тешкотиите и потоа да започнеме со долгиот процес на промена и лична духовна трансформација. За да се извлечеме од одредени проблеми и за да го подобриме животот, потребно е да ја промениме својата енергија, односно да направиме суштинска промена во умот и во емоциите.
Ако сакаме нов резултат, ќе мора да ја отфрлиме навиката да бидеме тоа што сме и да создадеме ново Јас.
Тоа значи некој да престане да се оддава на разни пороци, друг да не биде жртва на парите, трудот или на егото, трет да не инклинира кон блуд и кон ниски страсти, четврт да не биде опседнат со надворешното, туку да гради позитивен сооднос со блиските или со семејството итн.
Многумина стравуваат од промени и ја одржуваат статус кво ситуацијата, сè додека тешкотиите не станат крајно неподносливи и опасни за да се продолжи на истиот начин. Поразително е доколку човекот се доведе во ситуација да му се случи некој губиток, траума, криза, болест или трагедија за да почне да ги преиспитува сопствените постапки и да осознае што работи, како живее, што чувствува, колку знае и што требал да промени во самиот себе и во своето живеење. Народната мудрост тоа го искажа со зборовите: „Не ја цениме вредноста што ја имаме, сè додека не ја загубиме”. Големо проклетство е да имаме добро здравје, прекрасна личност покрај себе, одлична работа, висок статус, позитивна можност за успех и напредок, и потоа, поради сопствена неодговорност и непочитување на вредноста, сето тоа да го загубиме.
Дали е потребно најлошото можно сценарио за да почнеме да создаваме промени кои ги поддржуваат нашето здравје, односите, кариерата, семејството и иднината? Клучното прашање е зошто да чекаме нештата да пропаднат во егзистенцијалната бездна, за потоа да се свестиме и да се вадиме од кризата?
Секој индивидуално одлучува дали ќе учи и ќе ја подига свеста и духовната структура на личноста низ состојбите на болки и страдања или ќе се менува и ќе се развива кога преовладува состојбата на радост, мир и инспирација. За жал, многу од луѓето се одлучуваат за првата опција и откако ќе доживеат сериозни кризи и тешкотии, почнуваат да вложуваат во личниот развој и да се интересираат за состојбата на својата душа.
Нашите намери, мисли, емоции, молитви не само што влијаат на мигот на сегашноста туку можат да влијаат и врз иднината. Кога имаме негативни емоции (гнев, омраза, навреденост, страв) се чувствуваме дисхармонизирано на психофизички план. Позитивните емоции (љубов, среќа, радост) прават да бидеме задоволни, исполнети и во хармонија со самите себе. Кога долг период сме под влијание на негативни и агресивни емоции, нужно го дестабилизираме своето биополе и создаваме подлога за доживување болести и несреќи. Врз здравјето влијаат токму тие потсвесни емоции, како и состојбата во која се наоѓа нашата душа. Според Сергеј Лазарев: „Ако агресивноста навлезе во душата, тогаш започнуваат болестите. Прво заболува човековата душа, а потоа неговото тело”.
Лицата што поседуваат висока потсвесна агресивност, често имаат здравствени и судбински проблеми. Тие манифестираат нервоза, непотребно се раздразливи, конфликтни и незадоволни од самите себе, од релациите со другите и од перспективите на животот. Негативните карактерни особини какви што се алчноста, зависта, љубомората, злонамерноста, недовербата и чувството на недостиг, можат да ја зголемат потсвесната агресивност. Проблемите се јавуваат кога човекот опсесивно се врзува за своите пороци, нагони, копнежи, сексуални желби, храна, работа, пари и саканата личност, поради што неговата душа станува агресивна и незадоволна, зашто за таквиот поединец ништо не е доволно добро, за да може целосно да се опушти и да ужива во тоа што го има.
Врзаноста е зависност. Колку посилно зависиме од нагонските импулси на телото и сме водени од копнежите, толку повеќе ќе имаме внатрешен немир и ќе бидеме навредени, посебно ако немаме можност да ги задоволиме желбите и да го добиеме тоа што го сакаме. За да ја надминеме навреденоста, потребно е да не се врзуваме за среќата што ни ја овозможуваат надворешните нешта, да не претеруваме со своите копнежи, туку да ги контролираме и реално да им пристапиме на околностите во кои се наоѓаме.
Смирените и духовно воздигнати лица успеваат да ги контролираат алчноста, зависта, страстите, амбициите и разните потреби на телото бидејќи сфатиле дека целта на постоењето не се базира врз парите, материјалното, блудот, егото и врз телесното, туку врз љубовта, мирот и хармонијата на душата. Таквите луѓе добиваат дарови на животот и нè стануваат робови на ниските и површни вредности.
Заклучокот е да не чекаме околностите околу нас да се променат, туку да почнеме самите да се менуваме и да отвораме нови перспективи во животот. Клучната цел е да ја надвладееме емоционалната врзаност за минатото, да работиме на исцелување на душата во мигот на сегашноста и да ја насочиме мислата кон позитивната визија на иднината.
(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)












