ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Причини за страдањето

178

Буда осознал зошто луѓето страдаат и нашол решение за надминување на страдањето. Неговото учење било смело дури и за Индија, а се состоело во следното: Зошто постои духовна беда и страдање во нашиот живот? Затоа што сме себични. Ние ги сакаме нештата само за себе – затоа постои беда. А каде е излезот од таа состојба? Во напуштањето на алчноста, во елиминирањето на копнежот и во надминувањето на его принципите на личноста.

Афирмативното гледиште на животот е изобличено од нашите себични стремежи и од нашата подложност на површни и минливи нешта. Будизмот потенцира дека со неутрализирање на алчноста, копнежот, гневот, заслепеноста и на љубомората, луѓето ќе воспостават внатрешен мир, хармонија и духовна будност.

Се чувствуваме несреќно доколку го немаме тоа што го сакаме.

Буда бил уверен дека е возможно да се смират страстите, алчноста, приврзаноста и измамите кои на луѓето им создаваат толку голема болка. Верувал дека може да се постигне ослободување (мокша). Наместо исчекување божја порака, тој ги мотивирал луѓето да го бараат одговорот во себе, испитувајќи ги крајните домети на сопствениот ум. „Буда не кажувал дали постои или не постои Бог или нешто апсолутно. Ниту тврдел ниту негирал, туку укажал да не донесуваме заклучоци за нештата што не ги познаваме“.

Стремежот на Буда бил насочен кон вистината, така што се противел на слепо прифаќање на авторитети. Затоа, не расправал за потеклото на светот и за градбата и за односите во него, ниту сакал да измислува некои нови верски или филозофски догми. Имал за цел да предизвика кај слушателот внатрешна промена и преобразба во мислите, чувствата и волјата. Верата ја оправдувал единствено како привремена доверба во учителот во кој претходно сме се увериле дека и самиот го живее тоа што го проповеда. „Буда сметал дека вистината ја согледуваат само мудреците и тоа секој поединечно, сам за себе“. Затоа ги отфрлил сите свети книги, сите форми на верски обреди и наметнати авторитети. Го отфрлил дури и јазикот, санскрит, на кој традиционално се проповедала религијата во Индија.

Метафизичките мудрувања не биле во доменот на неговите интересирања. Буда асоцирал дека „ако некој наиде на човек што бил погоден од стрела, тој нема да губи време прашувајќи се од каде дошла стрелата, или за кастата на поединецот што ја истрелал или, пак, анализирајќи го видот на дрвото од кое е направена, или начинот на кој бил изработен врвот. Пред сѐ, тој ќе треба да се сосредоточи врз тоа веднаш да ја извлече стрелата“.

  1. Ослободување од болките и страдањето

Клучната идеја на Буда била да се препознаат причините за страдањето и да се постигне ослободување од болките и неспокојството: „Укажувам само на едно единствено нешто, на страдањето и на ослободувањето од него… Како што морската шир е проникната само со еден единствен вкус, со вкусот на солта, исто така, ученици мои, ова учење и оваа дисциплина се проникнати со еден единствен вкус, со вкусот на ослободувањето“.

Животниот процес е исполнет со болка. Овој процес треба да се спознае за да може да се сопре. Според Буда, таа највисока цел за секого може да се оствари само со етички средства – со воздржување да се прави зло, со правење добро, со прочистување на срцето, со медитација придружена од облагородено, правилно однесување, кое не му наштетува на ниедно живо суштество.

Класичната систематска поделба на науката на Буда е наука за спознанието, етиката и медитацијата. „Будистичкото учење укажува дека судбината на човекот е да се ‘пробуди’ и да стане свесен за својата положба во светот; и дека тоа ќе го постигне со потиснување на стремежот кон злото и со охрабрување на позитивните вредности, кои ќе ги постигне низ морално однесување и практикување на медитацијата“. Оваа согледба на Тревор Линг асоцира дека човекот ќе успее духовно да се разбуди само доколку тргне кон себеиспитувањето, ако ги открие и ги развива вистинските добродетели и ако сфати дека себеразвојот и чистотата на умот не можат да се постигнат со живеење во блажено незнаење, со негување на егоизмот и со подреденост на потребите на телото. Во таа насока пишува и Мирча Елијаде, според кого: „Мудроста (џана), која кинејќи го превезот на илузијата (маја) или бришејќи го незнаењето (авидја), овозможува ослободување, а со тоа и будење“ .

Будистичката етика детално и јасно ги формулирала забраните, но и позитивните вредности кои секој духовно определен поединец бил должен да ги воспостави во своето живеење. Во многу будистички текстови како карактеристични забрани се наведуваат следните елементи на кодексот на будистичката деонтологија (морални норми и должности): Да не се убиваат и повредуваат другите суштества; да не се зема тоа што не е понудено; да не се врши прељуба; да не се лаже; да не се пијат опојни пијалаци.

Овие морални заповеди важеле за секој духовен посветеник, но должностите што требале да ги исполнуваат будистичките монаси се многу побројни и построги.

  1. Патека на просветлувањето

Спознанието, етиката и медитацијата го поттикнале Буда да ја побара смислата на животот и да тргне кон духовната патека што овозможува спас од болките и од  страдањата. Откако една вечер седнал покрај река, под дрвото Бо во Буд Гаја во северна Индија, Буда почнал да проникнува во суштината на постоењето, и врз основа на длабокото мистично искуство – од кое го изнашол решението за проблемот на страдањето, тој постигнал просветлување. Тогаш разбрал што е животот и како треба да се постигне спасение од разните неспокојства и негативни состојби.

Луѓето го нарекле Буда, Разбуден. Врз основа на контемплацијата (задлабочено размислување), Буда ги сознал суштинските проблеми на постоењето и ги открил патиштата на човековото ослободување (кои ќе ги соопшти во својата позната беседа во Бенарес). Почнал да го проповеда својот Среден пат, односно подучувал дека за да се биде спасен, мора да се избегнува како правецот на сладострасната попустливост, така и правецот на аскетизам. Станал најпознат пророк, илјадници го следеле и ги слушале неговите мудри искажувања, во кои ги потенцирал слободата на изборот и независноста од авторитетот. Просветлувањето му се случило на триесет и петгодишна возраст. Останатите 45 години од својот живот крстосувал низ цела северна Индија и ја проповедал својата нова филозофија на сите што сакале да го слушаат. Буда бил неуморен во ненаметливото проповедање на своите сознанија и непоколеблив во поттикот за моралното воздигнување на луѓето. Така придобил многу почитувачи, кои се делеле на монаси (бхикшу)  и посветени лаици (утсахи). Кога умрел во 483 година пред н. е., Буда веќе имал илјадници следбеници.

Колку што е познато, самиот Буда не пишувал ништо. Но, уште во текот на неговиот живот постоеле усни компилации на неговите учења, што биле запомнети, повторувани наизуст и така тие им се пренесувале на поколенијата од човек на човек. По долго време усно пренесување, учењата биле запишани врз листови од палма, во првиот век пред нашата ера во Цејлон. Во една од таквите збирки „Дама-падам“ дадени се 423 Будини етички искажувања.

(продолжува)

ИЗДВОЕНИ