четврток, јули 16, 2026
Дома КОЛУМНИ ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Позитивна енергија во домот

ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Позитивна енергија во домот

329

Во оваа колумна ќе дадеме краток опис на древното кинеско учење фенг шуи, како вештина што отвора нови подобри можности во животот. Фенг шуи е исцелувачка практика на спојување на животворната енергија присутна во домот, со енергетскиот вител на Земјата. Терминот фенг шуи, буквално, означува „ветер и вода“, заснован е на концептот дека човекот е производ на универзумот. Оттука, се верува дека човековиот дом треба да биде во корелација со природните сили, т. е., со „ветерот и водата“.

Познато е дека уредувањето на домот го одразува внатрешниот свет на луѓето што живеат во тој дом. Енергијата во домот влијае на нашето ментално здравје, на расположението и на чувството на мир и сигурност. Чистиот и уреден дом секогаш буди убаво расположение, додека нередот предизвикува психофизичка напнатост и нерасположение. Според учењето фенг шуи, при средувањето на домот, клучно е прво да се почне со миењето на прозорците. Се смета дека прозорците се поврзани со очите на сопственикот на домот. Низ прозорците го набљудуваме светот околу нас, воедно овозможувајќи и на светлината да влезе во нашиот дом. Валканото стакло ја искривува стварноста, правејќи ја мрачна и сива. Сончевата светлина е неопходен елемент за добро здравје. Недостатокот на сончева светлина доведува до ризик од појава на дебелина, депресија, лошо спиење и стрес. Проветрувањето на домот внесува нова, свежа енергија, затоа корисно е  прозорците редовно да ги отвораме, но и убаво да ги исчистиме, со цел нашиот дом да се исполни со светлина и позитивна енергија.

Амбиенталната состојба во која се наоѓа домот ја пресликува нашата психичка состојба. Кога под креветот складираме разни предмети или бескорисни крпи, тогаш си го нарушуваме спиењето.

Врз основа на хаосот што владее во домот, експертите дури можат да постават и дијагноза – чорапи под креветот, облека закачена на столовите, насобрана прашина, расфрлени книги итн., укажува дека постои хаос во човековите душа и мисли и во неговиот живот, воопшто. Експертите сметаат дека нередот во домот може да доведе до невротични реакции, а претераното собирање разни предмети се смета за опсесивно-компулсивно нарушување, кое бара стручно лекување. Многумина во домот чуваат предмети што ги потсетуваат на одредени негативни моменти или, пак, на лица со кои имале лоши емоционални искуства. Препорачливо е тие предмети да ги остават во подрумските простории, или што е уште подобро, да ги фрлат во канта за отпадоци. Многу е покорисно да бидеме опкружени со предмети што ги сакаме и што во нас будат убави спомени.

Натрупаноста со стари и нефункционални нешта е знак за малодушност и дека на енергетски план не сме ослободени од стегите на минатото. Луѓето честопати не можат да се одвојат од предметите што веќе не им се потребни или не ги користат. Ослободувањето од стари предмети (весници, часописи, сувенири, гардероба итн.) отвора простор, во кој можат да влезат нови нешта, нова надеж и нови искуства. Ако просторот е натрупан со непотребни работи, животот веројатно е исполнет со хаос, конфузија и незадоволство. Слепото држење за луѓе кои веќе не се достапни, исто така прави енергетска блокада за создавање нови, потенцијално подобри и похармонични релации. Во тој случај, најдобро е да донесеме одлука дали повторно ќе воспоставиме контакт со луѓето, со кои некогаш сме се дружеле или, пак, ќе ги пуштиме  да си отидат по својот пат.

Според фенг шуи филозофијата: Додека не се завршат старите работи, не може да се напредува во животот. Недовршените нешта ментално нè блокираат и ја ослабнуваат нашата виталност. Постојат предмети што во нас будат сентиментални емоции, така што не сакаме да се ослободиме од нив. Проблемот е што тие ја блокираат нашата енергија, нè врзуваат за минатото и нè спречуваат да продолжиме понатаму. Затоа, кога љубовниот однос со партнерот ќе дојде до својот крај, неопходно е да се направи попис на целокупниот заеднички инвентар и да се процени што треба да задржиме, а од што треба да се ослободиме. Чувањето нешта кои не ни требаат или кои не ги користиме, неизбежно предизвикуваат уште поголем неред, конфузија и непотребно емоционално врзување. Доколку се одлучиме да задржиме некој предмет од претходната врска, корисно е енергетски, односно спиритуално да го прочистиме. Американските Индијанци користат снопови на осушена жалфија за да го закадат или прочистат предметот, луѓето, па и просторијата во која живеат.

Поволни и неповолни фенг шуи формули:

Во дневната соба чувајте многу здрави зелени растенија за да го сочувате мирот при собирањето на членовите на семејството;

Ако имате проблем со неплодност, во својата спална соба внесете сина или жолта боја;

Ѕидовите на кујната бојадисајте ги со светли, пастелни бои за да внесете многу јанг енергија поради добро варење на храната и здравје;

Потрудете се вашиот дом и работната маса да бидат чисти и уредни за да го поттикнете позитивниот проток на чи (енергија);

Во својот дом и на своето работно место немојте да носите предмети што сте ги купиле на пазар за стари работи или од некоја пропадната фирма додека најпрвин не ја прочистите нивната енергија;

Прочистете ја енергијата на новиот дом или канцеларијата пред да се вселите за да не наследите каква било негативна енергија која останала зад претходните станари;

Ако вашата енергија и вашите напори стагнираат, направете чистење на енергијата во својот дом и на работното место. Почнете така што ќе го тргнете нередот кој го забавува протокот на позитивната енергија низ вашиот простор;

На денот на летната долгодневица, 21 јуни, кој е најмногу јанг од сите денови во годината, направете чистење на енергијата со кадење, проветрување, со помош на ѕвончиња, музика, ракоплескање или некој друг метод;

Не подарувајте остри предмети, зашто тие претставуваат прекин на пријателството;

Од својата спална соба отстранете ги опремата за вежбање направена од метал и телевизорот, посебно од источниот дел, зашто тие ја спречуваат вашата здравствена енергија;

Ставете ги книгите со тема самопомош во северниот сектор на својата соба или дом;

Немојте да го поставувате креветот така што неговото подножје да биде свртено кон вратата, зашто тоа е многу неповолно;

Чувајте ги ножевите во фиока или шкафче, ако сакате раздорот во семејството да го сведете на минимум;

Златото има своја цена. Знаењето нема цена;

Прочистете ја енергијата на својот дом по пролетното чистење, така што во секој агол ќе фрлите со прстите малку морска сол;

За да го поттикнете мирниот сон, во текот на ноќта окадете ја собата со лаванда или попрскајте ја со мирис од лаванда;

Имајте на ум дека секој од нас ја создава сопствената судбина со своите мисли, зборови и дела. Она што ни се случува е последица на избор или одлуки кои сме ги направиле во минатото;

Не дозволувајте ринглите на вашиот шпорет да се извалкаат или запечат со храна која се истурила во текот на варењето. Чистите рингли го потикнуваат богатството во вашиот дом;

Својот дом и канцеларија украсете ги со благородна уметност и со слики кои ве инспирираат или смируваат во текот на денот;

Немојте да отстранувате некое здраво дрво – ако едноставно  морате да го направите тоа, засадете три дрвја кои ќе ги заменат неговиот живот и дух;

Не молете за злато. Молете се за добри деца и среќни внуци.

Нека вашите емоции, окружување и стил на живот бидат урамнотежени – Кинезите веруваат дека нарушувањето на овие три елементи предизвикува болест.

 (Авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)

ИЗДВОЕНИ