Будно да сонуваме, да се надеваме и да веруваме дека допирот на позитивните вибрации длабоко и силно ќе го огреат нашето срце е привилегија за избраните и за сите оние што го слават благодатот на своето постоење. Како сонцето што секое утро изгрева, будејќи ја надежта на новиот ден, така и вљубеникот во убавините на животот се радува што Бог го дарувал со уште една шанса – денот да го прослави со храброст, смисла и убавина, а животот да го обои со позитивен наплив на романтична мелодија, произлезена од благородниот ритам на срцето и нежната арија на душата.
Да постоиме – тоа е нашата визија, да создаваме – тоа е нашата мисија, да љубиме – тоа е нашата инспирација и цел поради која вреди да постоиме, да создаваме и да се радуваме.
Никој не пропаѓа ако во своето срце ја чувствува надежта, а во својата душа ја негува смислата дека сè е дофатливо и остварливо за човекот што искрено и посветено плови низ морето наречено живот.
Треба да знаеме дека бурите, колку и да се надвиснати над нашите мисли, а брановите моќно ја заплискуваат нашата животна пловидба, не доаѓаат за да ни го блокираат патувањето, туку за да ни го расчистат патот и што побрзо да нè однесат кон пристаништето на љубовта и засолништето на среќата и хармонијата. Затоа, не треба да стравуваме кога бурата моќно провејува над нашето битие, ниту да тагуваме по сонцето кое некогаш со најсилна светлосна енергија ја греело нашата аура. Напротив, треба да го пробудиме импулсот на надежта, да се свртиме кон сегашноста и со ветрето на промените да ја иницираме радоста, бидејќи и покрај сè, постоиме, имајќи ја можноста самите да ја управуваме и да ја креираме стварноста. Така, бурата на животот, брановите во личноста и вербата во изгрејсонцето ќе водат љубов со ѕвездите создавајќи судбина во која падовите ќе послужат како отскочна штица за подемите – насочени кон среќата, љубовта и убавината на своето вистинско постоење.
Затоа позитивно да го прославиме овој ден, зашто нема ништо поскапоцено од можноста да бираме, да се радуваме и да уживаме во мигот на сопственото постоење.
Многумина би дале сè само кога би можеле за миг да го почувствуваат импулсот на бурата, движечката сила на бранот и нежниот допир на изгрејсонцето.
Кај некои Англичани постои навика барем еднаш годишно да одат на гробишта, во болници или санаториуми со цел да се потсетат дека доброто здравје и мирниот живот се најскапоцените вредности на постоењето.
Треба да сме ѝ благодарни на божјата промисла што постоиме и што имаме можност да определиме дали својата животна пловидба ќе ја насочиме кон афирмативните и добрите нешта или ќе се жалиме, ќе тагуваме и ќе губиме волја бидејќи нè зафатиле лошите лица и нѐ блокирале негативните ситуации. Но, само кога вистински постоиме и стануваме одговорни за својот живот, ќе можеме да направиме разлика помеѓу вредните и невредни мисли и околности и ќе се определиме за тоа што ја воздигнува нашата личност, дистанцирајќи се од негативното, лажното и површното.
Бурите на животот служат за да ни го зајакнат духот и не треба да се плашиме од нив, туку да ги прифатиме и да ги осознаеме како поука која може да нè направи поцврсти, помудри и поспособни за препознавање на идните непогоди на животот. Како што вели Паоло Коелјо: „Кој сака да ужива во убавината на виножитото, мора да научи да го љуби дождот”.
Кога ја губиме контролата врз сопствениот живот и стануваме празни, малодушни и несреќни, најмалку што треба да направиме е сè да ѝ препуштиме на судбината, да дигнеме раце од можноста да се бориме, без притоа да вложуваме напор да ги менуваме нештата во кои се наоѓаме. Напротив, самите треба да ја одредиме сопствената цел и мисија, а тоа значи – да станеме свесни за своето постоење и да се радуваме што со својот дух може да ги бираме, создаваме и да ги менуваме нештата. За почеток, треба да го избришеме сеќавањето и да го детоксицираме умот од сè што не придонесува за нашиот личен развој и да им се заблагодариме на животните бури и бранови што нè довеле до сегашниот миг – до можноста да сфатиме и да отвориме нова, поубава страница во сопствениот живот.
Кога не би постоеле неубавите нешта, не би умееле да ги препознаеме убавите и благородни нешта.
Многу лица и ситуации заминале од нашиот живот, со цел да дојдат некои други лица и да се случат поубави животни ситуации. Непријатностите, страдањата и кризите не се трајни категории на животот, туку моментални ситуации кои може и треба да се менуваат.
Кога постоиме и имаме можност да бираме, најглавно од сè е да се избереме себеси и да почнеме да се радуваме, зашто тоа е најмоќниот лек против негативните влијанија на судбината и на околината.
„Сè што не ме убило, само ме направило посилен”, се зборови на филозофот Фридрих Ниче, кој иако се соочувал со невозвратена љубов и со тешки здравствени проблеми, смислата ја пронашол во радоста на творештвото и во креативниот дух на мислата.
Зошто сите ние да не се определиме за позитивните вибрации, за слободата на духот, за смеата и радоста?
Постојат многу можности за радување. Некои ѝ се радуваат на природата, други на домашното милениче, трети на успехот во работата, на другарувањето со пријателите, на прекрасната вечер помината под сводот на ѕвездите, но зошто сите ние да не им се радуваме на искрените прегратки споделени со блиските, на топлината произлезена од сродноста со саканата личност и, пред сè, од чувството дека постоиме. Кога не би постоеле, би било ирелевантно што се случува, бидејќи ништо од наведеното веќе не би имало смисла и значење за нашата личност.
Затоа, треба да бидеме среќни сега и свесни дека не се знае кога Бог или судбината ќе нè оневозможи да ги спроведеме плановите за вистинско вкусување на убавините на животот. Зафатеноста со многу површни и небитни нешта, преголемата оддаденост кон работата, а некои и на ниските страсти, неминовно ќе нè оддалечи од мирот во душата и од суштинската вредност на сопственото постоење.
Вредноста, пак, е поврзана со свеста за уживање во малите обични радости, со задржување на моралот на личноста, со практикување на достоинството и со увидот дека животот сè побрзо поминува покрај нас, без да забележиме дека ние само физички учествуваме во него.
Промената е чин на мигот, затоа треба да престанеме да се окупираме со нештата што не ги сакаме, туку вниманието да го пренасочиме кон она што го привлекуваме и посакуваме. Тоа подразбира во овој единствен и неповторлив миг да се чувствуваме добро, да се радуваме што постоиме и што имаме можност да ги привлечеме убавите, хармонични и позитивни животни ситуации. Овој благодат ќе пристигне доколку почнеме да се однесуваме кон себе со повеќе милост, љубов и почитување, доколку со надеж и оптимизам им пристапиме на потенцијалите во животот, иницирајќи радост и верба дека вредело сè што сме поминале и осознале.
Кога длабоко веруваме, позитивно дејствуваме и работиме на тоа што го сакаме, и универзумот ќе придонесе да го добиеме тоа што го заслужуваме.
Љубовта, мирот во душата и радоста споделена со најблиските се највеличествените вредности. Тие го обележуваат животот со смисла и убавина, поради нив вреди да се потрудиме и да се радуваме оти имаме можност да ги развиваме и да ги споделиме во просторот и времето во кои постоиме.
(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)












