ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Погрешни одлуки        

311

Колку грешките направени во минатото го прават нашиот животен пат потрнлив и како да се однесуваме кон грешките направени во минатото? Не постои безгрешен човек, ниту живот што не бил опфатен со болки, страдања, тешкотии и немири. Секој поединечно се соочил со ситуации во кои преовладувале стравот, неизвесноста, кризата и ризикот. Таквите околности предизвикале да ги почувствуваме последиците од направените грешки и лошо донесените одлуки. За да се ослободиме од емоционалниот товар од минатото, неопходно е да ги спроведеме следниве методи.

Првата асоцијација е:

– Ако сакаме да имаме смирен и хармоничен живот, неопходно е да ги согледаме и осознаеме лошо донесените одлуки. –

– Да го утврдиме патот и вредностите што ќе ги следиме во животот.

– Да знаеме како да се однесуваме понатаму, без да ги продуцираме и провоцираме сличните грешки од минатото.

Ненаучената животна лекција носи иста таква животна лекција. Од друга страна, добро научената животна лекција асоцира дека ќе знаеме како да се однесуваме и заштитиме од злото и од негативните вибрации. Секоја грешка може да нè одведе во непознат правец како, на пример, да им се препуштиме на ниската страст и на сексуалните авантури со непознати личности. Кога е нагонот пред рациото, лесно може да се случи да заболиме од венерични болести, да дојде до несакана бременост или до други опасни последици. Вториот пример се однесува на позајмување финансиски средства на недоволно стабилни и доверливи личности. Тие може да ни пристапат со голема милосливост, молба и потреба да им позајмиме пари, со цел да решат некој егзистенцијален проблем. Наместо да проанализираме со кого си имаме работа и дали тој/таа ја зборува вистината, ние веруваме во туѓиот збор и позајмуваме пари или стануваме жирант. Колку пати се случило поединецот кому сме му направиле услуга потоа да заборави на долгот и да не се интересира како ни е нам и во каква финансиска ситуација се наоѓаме? Не бадијала е поговорката ако сакаш некого да отстраниш од својот живот, позајми му пари. Таквото животно искуство предизвика многу од луѓето да се разочараат и да се чувствуваат манипулирано и сето тоа поради големата наивност, сочувствителноста и нерационалноста „да веруваат без да преиспитаат“. Но, сите луѓе не се сочувствителни, одговорни и совесни, постојат поединци што газат преку другите и гледаат да ги остварат своите цели на секаков начин. Тие се учени да земаат, да исцицуваат и да придобиваат, а многу ретко да даваат, споделуваат и возвраќаат. Дури и кога ќе дадат, всушност, даваат за да придобијат. Многумина максимално се разочарале кога станале жиранти; кога се одлучувало за напредокот на компанијата; кога имало имотноправни спорови со роднини или кога се делел имотот поради развод.

За жал, на овој свет, таму каде што се работи за капитал, профит и статус, не постојат емоции, морал и чувство за другиот. Некои поединци ќе направат сè само да останат на власт, да имаат моќ, да стекнат огромен капитал и да остварат висок статус во општеството. Нив не ги интересира што со дистанцирање од моралот, совеста и хуманоста, самите себе се деградираат. Отсекогаш постоеле и постојат лица што им служат на „златното тело“ и на култот на парите, за разлика од оние личности што биле и се ориентирани кон алтруизмот и духовноста.

Затоа не треба да се чудиме што овој свет сè повеќе се опредметува и станува свет на објектот, на егоизмот и на материјализмот. Клучно е да се подготвиме за новонастанатите општествени околности и да сфатиме дека не се сите луѓе водени од моралот, од свеста и од совеста, ниту, пак, дејствуваат според начелата на сомилоста, должноста и на одговорноста.

Асоцијацијата е дека токму поради негативните луѓе и вибрации, неопходно е што повеќе да ги вклучиме во нашиот живот анализата, будноста и свесноста. Мора и треба да се заштитиме, бидејќи „ако ние самите себе не се заштитиме, нема кој да нè заштити“. И Исус Христос очекувал луѓето да поверуваат за да бидат спасени. Тој побарал од човекот „да чукне за да му се отвори; да посака за да му се даде“. Слепиот бил исцелен, зашто поверувал во божествената моќ на Спасителот и откако отишол да ги замие очите со вода – прогледал.

Некои луѓе водат сметка само за себе, бидејќи се максимално водени од егоизмот и од личниот интерес. Дали постапуваме паметно доколку во контакт со таквите поединци наместо рационално, ние пристапуваме со „отворено срце“ и со безрезервна доверба во нивната „етичка воздигнатост“? Дали погрешно донесената одлука подоцна може скапо да нè чини и дали може таа грешка да нè одведе кон лошата патека на животот? Секако дека може! Мнозина настрадале, бидејќи не преиспитале со кого си имаат работа и безрезервно верувале во туѓите настојување и ветување.

Алчниот и неспособен деловен партнер може да нè одведе кон лоша патека во работата; односот со љубоморен и агресивен љубовен партнер може да ни создаде страв и неубава вибрација во љубовта; лошото друштво и слепото прифаќање на туѓите совети може да нè насочи кон зависностите и дисхармоничната патека на егзистенцијата итн. Последици од сите тие погрешно донесени одлуки може да бидат: уништена младост, потрошена енергија, загубени пари и, пред сè, многу нервоза, немир, стрес и оптовареност.

И кој би можел да нè спаси од сите тие психофизички кризи и тешкотии? Народната мудрост вели дека како што ќе постелеш, така ќе си легнеш, односно дека најчесто секој го добива тоа што го заслужува. Асоцијацијата е дека нема кој да нè спаси од разните искушенија и негативни вибрации ако не работиме на своето духовно, енергетско и ментално воздигнување. Подготвеноста да избегнуваме лица и ситуации што може да нè одведат кон негативната егзистенцијална патека, претставува голема мудрост и висока свест за следење на вистинските вредности во животот.

Заклучокот е да бидеме отворени за позитивни вибрации; да се сакаме и прифатиме себеси; да најдеме начин да се самоизлекуваме; да се ослободиме од емоционалниот товар; да ги осознаеме грешките и да се обидеме што помалку да грешиме. Никој не е безгрешен и со голем капацитет на мудрост и способност во секој миг да знае како треба да се постапува и однесува кон предизвиците во животот. Но, секој врз основа на стекнатите искуства, вложувањето во личниот развој, читањето и позитивните примери може да направи избор и да тргне кон позитивната патека на постоењето.

Позитивните доживувања даваат сила, будат волја и создаваат мотив да се бара и да постигне сè што е осознаено како убаво и хармонично. Наспроти маките и тешкотиите во животот, човекот има можности да избира, а тоа значи: да се определи за сè што е добро; да го вклучи рациото и да сфати дека без оглед на присуството на злото и негативноста, постојат и светлина и убавина. Но, најглавната светлина и убавина произлегува од позитивната вибрација на душата, а таа најмногу ќе свети кога ќе воспоставиме мир и хармонија во животот.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)

ИЗДВОЕНИ