Луѓето се разликуваат по многу нешта, но најмногу по својот победнички или губитнички менталитет, кој во голема мера го определува нивото на успех или на неуспех во животот. Да се верува во себе, да не се потклекнува пред ударите на судбината и да се одржува достоинството кога не се одвиваат нештата на посакуваниот начин, претставува камен-темелник за градење победнички дух и за подем во животот.
Сè зависи од тренингот на умот, методот, волјата и од силниот дух – потребно е само човекот вистински да се поттикне и да одлучи да ги менува наметнатите матрици дека е слаб, мал, обичен, несреќен и неуспешен. Победникот не се раѓа, туку се создава низ постепеното иницирање на новиот пристап исполнет со позитивни вибрации, повисоко ниво на самопочит и со верба во сопствените вредности.
Никој не се родил со готови решенија и со среќна ѕвезда за сѐ во животот да му се одвива како што посакува.
Секој морал да помине низ разни борби и искушенија и бил принуден да ја тестира својата ментална сила кога било најтешко. Додека некој потклекнал пред товарите и прифатил дека нема полза од обидот да се менуваат нештата, друг во ударите на судбината препознал шанса да научи нешто за себе и за луѓето и тоа му помогнало уште повеќе да го зајакне карактерот и да го зацврсти својот дух. Таквиот поединец сфатил дека тешкотиите го активираат умот исто како што физичките вежби и работата го зајакнуваат телото.
Да се биде верен на сопствените идеали, непоколеблив во бранењето на своите права и настојчив во градењето на позитивните насоки е знак за победнички менталитет и за успех во животот.
Губитникот наоѓа оправдување во поразот и разочарувањата дека не му е дадено да биде среќен, исполнет и реализиран, а победникот пронаоѓа стимулација во ограничувањата и во тешкотиите и бара начин да ги организира своите потенцијали и да почне постепено да се искачува кон височините на животот.
Победникот знае дека ништо не доаѓа лесно и без труд, туку дека само со упорна и посветена работа се пристигнува на целта. Тој учи од лошите искуства и се води од начелото дека патот кон горе секогаш почнува оддолу.
Губитникот најчесто не знае што сака, брзо се откажува од целите, така што вината за неуспесите ја бара кај другите и постојано ги повторува сопствените матрици на однесување. Тој е љубоморен и завидлив на туѓите успеси, живее според импулсот на телото и потребите на егото, сметајќи дека секогаш го добива најлошото и затоа ретко го почитува доброто. Губитниците не поминуваат најдобро во животот, бидејќи се полни со гнев, страв, себичност, крутост и неспособност да ги прифатат позитивните можности и да ги забележат туѓите вредности. Тие постојано тонат надолу, свесно или несвесно, обидувајќи се да ги повлечат и другите личности кон дното. Неразмислувањето за последиците, површното однесување, погрешните постапки и потценувањето на тоа што го имале, нужно ги одвело кон амбисот на љубовните односи и лошите животни околности.
Со кого сме, такви стануваме, затоа е исклучително битно навреме да побегнеме или да се заштитиме од лицата што го носат во себе самоуништувачкиот синдром, бидејќи лесно може да им го префрлат својот губитнички порив на блиските и да им ги уништат можностите за напредување. Негативизмот и незадоволството од постојното тие често им ги префрлаат на другите, набивајќи им чувство на вина и грижа на совеста за сè што им се случува во животот.
За разлика од губитникот, победникот поттикнувачки влијае на другите луѓе, учи од лошото и секогаш се стреми кон доброто. Тој знае дека губењето на една битка не значи и губење на волјата и на стремежот да биде многу подобро. За него, животот е искуство, предизвик и борба со наметнатите концепции дека секогаш и во сè мора да се биде најдобар. Напротив, победникот е свесен за своите несовршености и слабости и дека за да се постигне успех, мора многу нешта да се истрпат и уште поупорно да се работи. За разлика од губитникот, кој се повлекува во себе и ја обвинува судбината за тоа што му се случува во животот, победникот храбро се соочува со ограничувањата и вадејќи го најдоброто од себе, не дозволува стравот од пораз и негативниот суд на јавноста да го парализираат неговото битие.
Победникот верува во сопствените вредности и во позитивната сила на Божјата промисла, бидејќи знае оти на крајот сѐ ќе биде добро. Само човекот што не се обидел, не успеал, тоа е максимата на победниците – тие сфатиле дека патот кон рајската убавина на мирот и успехот никогаш не е поплочен со злато, туку со трње, пот и солзи.
За да бидеме победници врз сопствените слабости, ниски страсти, егоборби и стравови, неретко мора да се откажеме од себеси и, во името на позитивното дело и животната мисија, да го направиме тоа што се очекува од нас.
Светите книги кажуваат дека лицето што упорно и себично се држи за тесните интереси и за своето мало и ситно его, еден ден ќе се загуби себеси и ќе сфати дека живеело како воопшто да не живеело. Поединецот, пак, кој во името на Бога, вредноста и должноста се подредил себеси, вечно ќе живее и ќе го осветлува патот со своето жртвување за доброто на самиот себе, за другите и за општеството во кое опстојува.
За вредноста на таквиот животен избор сведочат големиот број светители, револуционери, реформатори, хуманисти и духовно воздигнати личности, кои со својот свет пример ги приближиле Божјите благодати и поуки до луѓето, осветлувајќи им го патот кон мирот, хармонијата и среќата.
За да станеме победници врз лошото со благородната сила на доброто, не е потребно да се просветлиме, доволно е само да го побараме човекот во себе и да станеме чесни, верни, посветени, морални и насочени кон исполнување на должноста во нашето секојдневно работење и функционирање.
Иако судбината некогаш може да биде мошне сурова и да предизвика вредните да не бидат препознаени од невредните, победниците да бидат напаѓани од губитниците, духовно неосвестените, суровите и површните да удираат по светите, мудрите и духовните, сепак мора да сфатиме дека сè е Божја промисла. Кога не би била присутна темнината, немаше толку многу да ја почитуваме светлината; ако не го вкусевме страдањето, немаше да дојдеме до откровението; ако врз себе не ги почувствувавме ударите на нељубовта, немаше да уживаме толку многу во љубовта и ако не беше искушението, немаше толку многу да му се радуваме на спасението.
За да се вброиме во редот на победниците, треба да почнеме многу повеќе да ја сакаме татковината во која живееме, да не им замеруваме постојано на лицата што ги љубиме, да уживаме во тоа што го работиме, да се радуваме што постоиме, да не ги мразиме тие што нè повредиле, да веруваме дека Бог ги наградува праведните и дека на крајот сѐ е за доброто на душата. Таа ги избрала местото, луѓето и околностите со цел да научи вредни животни лекции и да стане победник онаму каде што парите, моќта, славата, статусот и егото ја губат својата важност.
Иако не знаеме каде се наоѓа тоа место, сепак знаеме дека не е потребен рај за да се почувствуваме вредно, среќно, гордо и исполнето само затоа што му припаѓаме на одреден народ, одредено семејство, однос, врска и духовна цел – себеси да се наречеме луѓе.
(Авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)