ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Песимизам

997

Општото чувство на бесперспектива и незадоволство предизвикаа отуѓеност помеѓу луѓето, критичка ориентираност и песимистички пристап кон можностите на животот. Негативната состојба на размислување и живеење создаде ментален притисок, емоционална оптовареност и чувство дека сме во константна криза, неизвесност и несигурност. Последиците од таквите околности предизвикаа стресот сериозно да нè разјадува, апатијата и незадоволството длабоко да се вселат во нашиот дух, создавајќи  впечаток дека целосно сме заглибени во живиот песок на постоењето. Причините за таквата дисхармонична состојба на живеење може да ја бараме на повеќе страни. Но, најголемиот виновник за незадоволството и кризата се наоѓа во определбата предност да му даваме на законот на отпорот и негацијата, наместо да се определиме за законот на афирмацијата и позитивната вибрација.

Многу од луѓето се лепат за негативното, критички размислуваат и пристапуваат со отпор и недоверба, сметајќи дека нема кому да веруваат и на што да се надеваат.

Опсесивно очекувајќи го подоброто, поубавото и поуспешното, многумина се навикнуваат на отуѓувањето и несвесно се водени од перфекционизмот и мегаломанијата. Дури и најубавата уметничка слика некој да ја принесе пред нив, ако се определени негативно да ги перципираат нештата, тие ќе измислат или пронајдат естетски несовршености во таа слика. Таквиот пристап го пренесуваат и во односите со другите лица, бидејќи живеат со ореолот на негативната вибрација и критичката опсервација.

Како се доживуваме самите себеси, така ги доживуваме и другите луѓе.

Во животот е исклучително битно афирмативно да размислуваме и да бегаме од лицата и ситуациите кои зрачат со негативна енергија. Понекогаш е добро да ги забележиме и дијагностицираме неубавите нешта, зашто само така ќе успееме да го елиминираме нивното влијание. Но, доколку останеме на нивото на негативната перцепција и го развиваме законот на отпорот, тогаш многу ретко ќе чувствуваме мир, среќа и задоволство во животот.

Будењето на свеста и препознавањето на причинителите кои нè довеле во тешки животни ситуации, се првите показатели дека сме успеале да го стопираме падот кон бездната и почнуваме да ги неутрализираме болките и страдањата.

Животот може да биде многу убав ако не претеруваме во барањето сè да биде идеално.

Понекогаш и судбината замешува прсти и може да уништи многумина, но поединецот со своето неодговорно и неразумно однесување сам се загрозува. Кога човекот манифестира песимизам, константно незадоволство, бесцелност и нема визија почнува самиот да се загрозува и доведува во тешка животна ситуација.

Гледано од психолошки аспект, феноменот „позитивна нула” претставува соочување и прифаќање на несреќниот крај, отплатување на грешките, воспоставување на мирот и започнување на новата фаза во животот.

Кога го прекинуваме уназадувањето и доаѓаме до степенот позитивна нула (позитивно мирување), тогаш може да почнеме со искачувањето кон врвот и да го градиме мирот и хармонијата. Многумина не сакаат да размислуваат за феноменот позитивна нула, бидејќи се навикнати на старите и неефикасни матрици на постапување и многу тешко одлучуваат да се променат самите себеси и околностите во кои живеат. Тие ретко ги балансираат нештата, затоа што пристапуваат со филозофијата – сè или ништо.

Кога сме дојдени до фазата „позитивно мирување”, тогаш се ослободуваме од многу негативни состојби и влијанија и започнуваме да се подготвуваме за повисоките вредности на животот.

За да се почувствуваме среќни и исполнети, клучно е да се ослободиме од емоционалните товари, од превисоките барања, од потребата да ги контролираме, владееме и доминираме другите, како и од негативната согледба дека сме мали, слаби и неспособни за придвижување на нештата кон успехот и реализацијата.

Поединецот кој пристапува негативно и со песимизам гледа на животните перспективи, постепено се движи кон себедеградацијата и ниските домени на постоењето.

Оптимизмот и афирмативниот пристап се клучни за реализирање на потенцијалите и за градење хармонични односи со другите.

Песимизмот и критицизмот нè придонесуваат да се чувствуваме добро, додека оптимизмот и позитивната енергија секогаш будат сила за надминување и на најтешките удари на судбината. Затоа, кога нештата не се доволно добри и хармонични, секој од нас посакува покрај себе да има оптимистички настроена личност, која влева мотивација и волја да ги победиме слабостите и да ги воспоставиме позитивните вредности.

Кога во нашиот модел на размислување преовладуваат негацијата, песимистичката енергија, автодеструктивното дејствување и отфрлањето на можноста за воспоставување лична промена, тогаш илузорно е да се надеваме дека ќе следува подобрување на перспективата.

Со манифестирање негативна енергија, ништо добро не може да се изгради.

Клучот на успехот е да го надвладееме критицизмот и да го прифатиме афирмативниот начин на размислување и дејствување. На пример, ако сакаме да ги надминеме проблемите во семејството, не треба постојано да го критикуваме и казнуваме детето за своите постапки, туку да му асоцираме кои навики е должно да ги воспостави и кон какви вредности да се насочи. Истиот пристап треба да се примени и во односот со љубовниот партнер – да му укажеме на тешкотиите и слабостите присутни во врската, но и да пронајдеме заедничко решение за надминување на проблематичните животни ситуации.

Дали со отуѓување, негација и отфрлање може да ни биде подобро?

Многу недоразбирања и конфликти можат да се надминат со позитивна енергија, со корисен разговор и добронамерен пристап – тие помагаат и најтешките проблеми да станат минато.

Сè може да биде надминато и разрешено, но за да се постигне тоа – потребни се двајца. Како што за љубов и посветеност потребни се двајца, исто така и за конфликт и расправии, потребни се двајца. Ако едниот влече кон позитивната страна, а другиот се окупира со негативното, тогаш хармонијата и сродноста ќе станат невозможна мисија. Неретко проблемите произлегуваат и од негативните сугестии кои ги примаме од другите, посебно ако не преиспитаме дали тие лица реално ја согледуваат проблематиката во која се наоѓаме или колку се добронамерни и способни да ни дадат корисни совети.

Секогаш треба да внимаваме кому се обраќаме за совет, колку сме објективни во проценувањето на ситуацијата и дали сме подготвени за соочување со вистината.

Некои лица сакајќи да ја потсмират сопствената совест и намалат моралната одговорност, постојано одат од еден на друг психијатар, со цел за сите свои проблеми да го обвинат партнерот и да добијат оправдување за состојбата во која се наоѓаат. Притоа, искажуваат невистини, избегнуваат да зборуваат за своите неморални и негативни постапки и наместо да ги предочат сопствените карактерни слабости, тие зборуваат за ликот и делото на лицето со кое се во љубовна врска или брак.

Професионалното работење е одлика на одговорни и зрели личности кои се верни на должноста и позитивната животна мисија. Но, кога исклучива цел се парите, тогаш не се води сметка за вистината, туку е битно да се одоброволи клиентот и да му се каже тоа што тој/таа сака да го слушне. За да дојдеме до решение на одреден проблем, секогаш треба да слушнеме што имаат да кажат двете засегнати страни.

Потребна е храброст да се соочиме со вистината и да преиспитаме каде грешиме. Најлесно е за сè што ни се случува да ги обвиниме другите и да бараме одоброволување и оправдување за своите нечесни постапки. Само кога ќе станеме свесни за сопствените слабости и престанеме негативно да гледаме на сè што не опкружува, ќе успееме работите да ги придвижиме кон хармоничната патека на животот.

 

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)

ИЗДВОЕНИ