ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Отуѓување

406

Отуѓеноста сѐ повеќе станува дел од современото живеење исполнето со многу фрустрации, проблеми и тешкотии. Разните егзистенцијални закани и опасности наметнаа колективна судбина на страв, неизвесност и несигурност. Човештвото се соочува со новонастанати околности, кои почнуваат од корен да го менуваат досегашниот начин на опстојување.

Отуѓеноста го зема својот данок: луѓето сè почесто се несреќни, незадоволни и осамени. Оваа опасна „болест“ на 21 век е поприсутна во големите градови. Човекот е социјално битие, така што отсуството на друштво влијае врз психата и го деградира чувството на сигурност и емоционална припадност.

Социјалните врски повеќе не се такви какви што беа некогаш. Индивидуализмот, егоизмот и материјализмот станаа насушна потреба во екот на најсилното влијание на капитализмот, консумеризмот и потрошувачкото општество. Речиси сѐ им е подредено на поривот за стекнување што повеќе пари, на телесните страсти, волјата за моќ и за егоистичките стремежи.  Хуманиот, посветен и искрен однос е во тотално опаѓање, додека неморалот, лагата и измамите се третираат како снаодливост, немоќ пред искушенијата и искористување на можноста наместо како одлика на нечесност и негативност. Општото чувство на недоверба, страв и несигурност предизвика луѓето да станат емоционално затворени, отуѓени и себични.

Сите овие нешта предизвикаа современиот човек да биде сѐ поосамен и натрупан со лични и семејни проблеми. Многумина целосно се индивидуализираа и воопшто не размислуваат за создавање брачна или семејна заедница. Други имаат големи тешкотии да остварат однос со сродна, хармонична и посветена личност. Постојат и поединци што целосно им се препуштаат на слободните врски, давајќи им предност на телесните задоволства и на површните односи.

Брзото темпо на живеење и работните ангажмани наметнаа постојано да бидеме во трка со времето, затоа недоволно другаруваме со блиските или ретко наоѓаме време за мир, релаксација и за посветување на самите себеси. Општ впечаток е дека сите некаде брзаат, чувствуваат психофизички замор и константно решаваат свои или туѓи проблеми. Традиционалната навика седнување на кафе-муабет е заменета со современата форма на комуницирање спроведена на социјалните мрежи и со виртуелните пријателства.

Во екот на технолошкиот напредок и на информатичката револуција, комуникацијата го достигнува својот врв, но воедно и отуѓувањето и осаменоста се шират со незамислива брзина.

Можностите за брза и лесна комуникација рапидно се зголемија, а блискоста, искреноста и довербата драстично се намалија. Луѓето, како никогаш претходно, се блиску едни до други преку комуникациска форма, но далеку од духовната суштина и душевната близина.

Живеејќи во страв од осаменост, многумина ги спуштаат критериумите и дозволуваат во нивниот интимен простор да навлезат залутани и некомпатибилни поединци. Неразумното подредување на ниските вибрации и прифаќањето сѐ и сешто асоцира дека одредени лица го загубиле чувството на самовредност, морал и естетика. Тоа услови да преовлада максимата „Подобро нешто отколку ништо“. Таквата ориентација создаде несигурни, фрустрирани, очајни и внатрешно осиромашени поединци, кои постепено се соочуваат со распадот на личноста.

Човекот не е создаден да го помине својот живот во осаменост и отуѓеност, но истовремено не е должен да биде со секој колку да не биде сам со себе.

Најлошо е кога не си припаѓаме на самите себе, туку сме сечии.

Неретко, многу подобро е да бидеме сами отколку да опстојуваме во однос со поединец што влијае негативно врз нашата личност. Чувството на површност и лажна среќа е насекаде околу нас. Кога прифаќаме сѐ и сешто и не водиме сметка за честа, достоинството и за полнотата на личноста, неизбежно им стануваме лесен плен на депресијата, неуспехот и на празнотијата. Прифаќањето на самите себеси значи дека добро се чувствуваме во својата кожа и умееме да им се радуваме на нештата што ги имаме. Секој човек треба да им биде верен на сопствените цели и свесен за сопствените вредности.

Да се постигне мир со себеси е најтешкиот предизвик, кој создава најголема среќа. Не постои повеличествено знаење од умешноста да бидеме задоволни од себе и со она што го имаме. Секогаш постојат нешта што ќе ни недостигаат. Ставањето фокус кон тоа што го немаме, неминовно предизвикува несреќа, немир и фрустрацијата. Негативната перцепција, отпорот кон иницирање промени, духовната затвореност, емоционалниот отров и ниското ниво на самопочит се главните причинители на отуѓеноста. Кога долг период одржуваме негативна слика за самите себе, тогаш неизбежно се движиме кон болка, страдање и отуѓеност.

Од друга страна, колку и да се трудиме духовно да зајакнеме, отуѓеноста е присутна насекаде околу нас. Таа стана главна карактеристика на современото живеење. Постои професионална, национална, културна, социјална отуѓеност итн. Постои и отуѓеност од природата, бидејќи алчните, корумпирани и духовно неосвестени индивидуи не сфаќаат дека со загадувањето и уништувањето на екосредината го уништуваат и сопственото постоење. Може да постои и отуѓување од работното место или од трудот, постои отуѓување во брачните и семејни односи, како и во доменот на пријателствата. Но, ниедно од овие отуѓувања не е толку опасно колку што е отуѓеноста од самите себе.

Отуѓениот поединец не е во контакт со себе, ниту е во сооднос со светот што го опкружува. Тој живее во немир, страв и им е предаден на безизлезот, песимизмот и на тагата. Тоталната изолација не е добра за ниту еден човек што претпочита да живее слободно, опуштено и позитивно. Кога не сме опуштени, не излегуваме, не другаруваме и не се отвораме за задоволствата, во тој случај нужно се отуѓуваме од другите лица и манифестираме депресивни мисли. Албер Ками има кажано: „Најголемата великодушност кон иднината се состои во тоа да ѝ дадеме сѐ на сегашноста“. Барањето на смислата, пронаоѓањето на целта и остварувањето на визијата се лек за отуѓеноста. Кога нема за што да се бориме, кога не веруваме дека ќе успееме и кога не сме ослободени од чувството на вина за грешките од минатото, тогаш душевно венееме, емоционално страдаме и психофизички се отуѓуваме.

Една од причините за сѐ поголемата доминација на отуѓеноста е стравот произлезен од егзистенцијалната несигурност. За да се чувствуваме опуштено и хармонизирано, неопходно е на работен план да бидеме исполнети, реализирани и уверени дека ќе биде подобро. Нискиот личен доход, подложноста на мобинг, експлоатацијата, креативната стагнација и обезвреднувањето на професионалните квалитети се само дел од негативните изблици што предизвикуваат отуѓеност од трудот.

Социјализмот овозможуваше сигурно работно место и гарантиран личен доход, така што луѓето беа поопуштени и имаа повеќе време за другарување и за слободни активности. Денес, ако не работиме или немаме доволно пари, неизбежно ќе чувствуваме страв, несигурност и негативен набој, поради што ќе страдаат и нашите односи во надворешната средина. Во капитализмот, отуѓувањето се наметна како стил на живеење, бидејќи поретко ги посетуваме роднините, помалку се гледаме со пријателите и не другаруваме со соседите. Таквата околност предизвикува да се отуѓуваме од другите, а со самото тоа да се отуѓуваме и од самите себе.

За факторите што ја создаваат отуѓеноста (алиенацијата) има пишувано германскиот филозоф Карл Маркс. Главниот виновник за отуѓувањето тој го лоцира во експлоатирачкиот капиталистички систем. Теоријата е дека сѐ започнува со отуѓувањето од производите на трудот, зашто средствата за работа и плодовите од трудот наместо да им припаднат на директните создавачи на добрата – производителите (работниците), тие целосно паѓаат во рацете на профитерски ориентираните работодавци (капиталистите).

Заклучокот е дека суровата експлоатација предизвикува луѓето да се отуѓат од трудот, а со отуѓувањето од трудот, тие нужно се отуѓуваат и од самите себе. Кога сме отуѓени од себе, тогаш неизбежно се отуѓуваме од другиот човек и од заедницата во која живееме.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)

ИЗДВОЕНИ