ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Окупирање со негативни луѓе

192

Ништо не е поважно од мирот во сопствената душа и од чувството дека сме ослободени од навреденоста, емоционалниот отров и од лошите мисли.

Да се постигне хармонија со самиот себе воопшто не е лесна работа, бидејќи постојат многу искушенија, тешкотии и ситуации што може да ни создадат негативни емоции, фрустрации и разочарување. Доволно е да бидеме во контакт со луѓе што зрачат со незадоволство и што шират деструктивна енергија, па и самите да бидеме зафатени од негативни вибрации. Усното народно творештво вели дека со кого си, таков стануваш. Асоцијацијата е дека треба да бидеме максимално внимателни со кого другаруваме, остваруваме љубовен однос, градиме блиски релации или споделуваме дел од своето слободно време. Многумина ги уништиле шансите за создавање среќен и хармоничен живот откако влегле во брачен однос со некомпатибилен партнер, склон кон неверство, негативност, незадоволство, себичност и фрустрација.

Разумноста, преиспитувањето и внимателниот пристап се клучни во заштитата од негативните изненадувања и разочарување. Константното разочарување го пасивизира духот на човекот, предизвикувајќи му апатија и страв од перспективите на иднината.

Денес, опасностите демнат на секој чекор, бидејќи постојат многу лица што не водат сметка за чесноста, моралот, емпатијата, должноста и за одговорноста. Нивната матрица на однесување е креирана од егоизмот, негативноста и од суровоста. Затоа не треба да бидеме изненадени што некои од нив ја искажуваат својата потсвесна агресивност така што ги повредуваат другите луѓе; ги измачуваат животните; не водат сметка за екосредината; не придонесуваат за општото добро и ја уништуваат перспективата на заедницата. Во нивниот профил на размислување единствено преовладуваат тесните себични интереси и потребата да украдат, да изневерат, да повредат, да искористат и да ги деградираат хуманите вредности на постоењето. Затоа не треба да бидеме наивни и да сметаме дека сите луѓе се исти – историјата на човештвото нè потсетува дека деструкцијата, уништувањето, алчноста, себичноста, конфликтноста, ниските страсти и очовеченоста биле и ќе бидат карактеристичен дел на човековото живеење.

Многу лесно може да ги загубиме хармонијата, виталноста и креативната енергија доколку дозволиме лица што постојано критикуваат, напаѓаат и манифестираат гнев и омраза го окупираат нашето внимание.

Доволно е непромислено да влеземе во одредена животна ситуација исполнета со тензија, притисоци и конфликти и потоа сериозно да го загрозиме својот мир и да ја деградираме психофизичката стабилност на нашата личност.

Животот е полн со борби и тешкотии, така што без акумулирање ведрина, оптимизам и позитивна енергија, многу тешко ќе успееме да се справиме со ограничувањата и да најдеме решение за проблемите. Колку повеќе ја трошиме својата енергија на лица што не ја почитуваат нашата личност толку помалку ќе живееме во мир, стабилност и хармонија. Окупирањето со негативни ликови е знак дека не владееме со својата енергија, туку дека дозволуваме надворешниот фактор да го креира и да управува со нашето размислување. Насочувањето кон позитивното и негувањето на сопствените вредности се основа за извлекување од лошото и за фокусирање кон доброто.

Да размислиме и да согледаме кој е патот што води кон позитивна енергија и кон мир во душата и што треба да направиме за да воспоставиме среќно и хармонично живеење.

Ако ги прашаме лицата што суштински им се оддале на верата и на духовноста, нивниот одговор е дека патот е преку Бога, односно преку Божјите пророци и светители, кои со своите етички начела, добри дела и позитивен дух ги мотивирале луѓето да си ја спасат душата и во периодите на криза, да се поткрепат со светителното.

Можеби, патот навистина е ние да почнеме малку повеќе да веруваме, да му се оддадеме на духовното, да ја бараме смиреноста и да почнеме да ги следиме начелата што произлегуваат од врвните пророци и светители, кои нè подучуваат како да воспоставиме позитивна енергија и како да се заштитиме од сè поголемата наезда на негативна енергија.

Свети Климент Охридски има кажано: „Оттргни се од злото и итај кон доброто“. Тоа значи дека првично сме должни да ја препознаеме заканата, па потоа да тргнеме кон благосостојбата. Не можеме да ја пронајдеме благодатта ако не се дистанцираме од опасноста. Најголема закана за мирот и за хармонијата е негативната енергија – ако е постојано присутна во нашето живеење, таа може да нè соочи со разни болести, несреќи и со тешки животни ситуации.

Како се рефлектира негативната енергија врз животот на луѓето и која е нејзината задача?

Нејзината задача е да го стесни, отежне и да го ограничи напредувањето на човекот. Позитивната енергија овозможува ширење, развивање и протекување. Негативната енергија собира, стуткува и затвора, предизвикувајќи да станеме мали, обични, неуспешни и несреќни. Негативното има цел да нè одржува во духовна темнина и емоционално црнило. Од другата страна, позитивната енергија или светлосното има тенденција да нè понесе кон благородното и благопријатното.

Доколку на работното место, во љубовниот однос или во секојдневието сме опкружени со луѓе што зрачат со лоша енергија и што тежнеат да создаваат разни пакости, што треба да знаеме за да се заштитиме од нивните негативни вибрации?

Како прво, треба да сфатиме дека нивната главна определба е да нè држат под контрола, да нè направат зависни, да нè поседуваат и да не ни дадат опција да напредуваме. Со постојани критики, обезвреднување и со негирање на нашата личност, тие имаат цел да ни ја нарушат самодовербата и да нè подложат на манипулација, доминација и на експлоатација. На тој начин, тие ја исползуваат нашата позитивна енергија и го јакнат своето нарушено его.

За да продолжат да се однесуваат овие поединци како паразити, неопходно е да постојат лица што енергетски ги потхрануваат и постојано им се потчинуваат. Концептот на таквите индивидуи е да го држат подредениот во страв, незнаење, во еден вид безумие и тотална егзистенцијална зависност.

Емоцијата е еден вид енергија, така што кога сме опфатени од страв, несигурност, тага, безнадежност и апатија, тогаш нашата виталност е на најниско ниво.

Доколку се случи во еден таков период да бидеме енергетски атакувани, можно е сериозно да го загрозиме нашето здравје и да се доведеме во критична психофизичка состојба. Механизмите на самозаштита се најслаби кога се наоѓаме во голема емоционална криза, немаме самодоверба и волја за напредување. Тоа ќе предизвика да не владееме со својата енергија и да станеме плен на надворешните фактори и влијанија. Атакуваниот поединец, кога е константно под удар на енергетски вампири, може да стане подложен на аритмија, главоболки, да чувствува општа слабост, да биде склон кон инфекции и кон кожни болести.

Што треба да направиме за да се извлечеме од таквата ситуација?

Првата задача е да се соочиме со стравот и да сфатиме дека колку и да е тешко, ќе помине. Потоа, да препознаеме кој нè држи во незнаење и се обидува да манипулира со нас и да нè контролира. Главната цел е спонтано да се извлечеме од стегите на негативните луѓе и да започнеме процес на ширење и напредување. Будењето на виталната енергија секогаш започнува со дистанцирање од лицето што енергетски (емоционално) нè исцрпува. Најзначаен аспект на промената е ширењето на свеста за моќта на позитивната енергија. Незнаењето ограничува, става во рамка, додека знаењето и повисоката свесност мотивираат, ослободуваат и будат тенденција за промена на нештата.

Голема мудрост е да умееме да се заштитиме од лицата што постапуваат негативно, во тој контекст како заклучок ќе ја наведам мислата: „Ако сакаш да го видиш карактерот на човекот, само погледни како се однесува со луѓето од кои нема корист“.

 

ИЗДВОЕНИ