ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: „Ненормален“ партнер

83

Денес многумина се жалат дека не постојат нормални партнери во љубовта, но дали е навистина така?

Најчесто ги привлекуваме сличните нешта, така што ако сме привлекле „ненормални“, тогаш, можеби, и кај нас постои нешто ненормално. И треба да се прашаме зошто постојано привлекуваме чудни и необични партнери и дозволуваме тие да ни се вовлекуваат во животот. Можеби, самокритичноста и аналитичкиот пристап ќе ни помогнат да промениме некои нешта кај себе и со вложување во духовниот развој на личноста, да се хармонизираме. Со песимизам и со сфаќањето „никој не е доволно добар за мене“, илузорно е да се надеваме дека ќе оствариме нормален и квалитетен љубовен однос.

Со негување на размислата дека не постои нормален партнер за нас, неизбежно ќе наидуваме на ненормални партнери.

Како размислуваме и прозрачуваме, такви нешта и привлекуваме. Афирмативниот пристап, оптимизмот и позитивните вибрации се главните патокази дека сме на вистинскиот пат во барањето нормален и добар партнер. Од друга страна, можеби, избрзуваме со етикетирањето на другите, без притоа да проникнеме во вистинскиот карактерен профил на нивната личност.

Мнозина сметаат дека туѓите неодговорност, несериозност и левтерност се карактерни знаци на ненормално однесување. За да ги избегнеме погрешните заклучоци, неопходно е да ја преиспитаме валидноста на  сопствените критериуми и да сфатиме дека е невозможно целосно проникнување во вредностите и во слабостите на другите. Самокритичноста и објективниот пристап се клучни во остварувањето на целите. Погрешно е кога мажите опсесивно трагаат по најморалната, најчесна, најпосветена жена, без притоа да се прашаат колку се и самите морални, чесни и посветени. Од друга страна, дали со негувањето на таквата фикција треба да вршат психолошки притисок врз својата партнерка? Наместо да претеруваат со барањето совршенство, многу подобро за мажите е да иницираат љубов и да почувствуваат сродност со жената, која (ќе) ја почитуваат, сакаат и воздигнуваат.

Овие вредности се остварливи ако во љубовниот однос доминираат: почитувањето (ако го сметаме партнерот за ненормален, тогаш како ќе го почитуваме); довербата (ако не постои доверба, како ќе си веруваат партнерите еден на друг) и посветеноста (ако секој влече на своја страна, тогаш не може да постои заемна блискост и посветеност).

Можеби, главните проблеми во љубовните односи произлегуваат од недостигот на доверба и посветеност. Денес луѓето сѐ помалку размислуваат за другиот и за неговите потреби, така што живеат по строги шаблони во кои точно се знае кон што се насочени емоцијата и енергијата. Лошите искуства од минатото неретко мошне силно влијаат врз нивото на доверба, така што некои поединци сметаат дека „сите се исти“ и дека не треба премногу да им се посветуваат и подредуваат на другите. Поради неразрешениот гнев и акумулираната фрустрација, често се случува таквата единка да врши психолошки притисок врз партнерот (поретко се случува тоа на почетокот од врската, туку откако ќе се намали интензитетот на хормоналната привлечност), очекувајќи тој да се однесува и да го прави тоа што се очекува од него. Стравувајќи дека повторно би можел да се разочара, поединецот многу често иницира нервоза, афективност и се возбудува и расправа дури и за најмали ситници.

Емоционалниот отров и неразрешените нешта од минатото нè прават нетолерантни, незадоволни и агресивни во барањето на нашите права. На несвесно ниво, кај многумина опстојува стравот од вљубување и градење љубовна идила, зашто во некоја претходна врска, иако на почетокот сè било совршено, на крајот се срушил сонот за долготрајна љубовна хармонија.

Болните и неразрешени љубовни искуства од минатото предизвикуваат потсвесен страв во новосоздадените партнерства.

Фиксацијата дека новиот партнер би можел да постапи слично како и претходниот, а кој, можеби, извршил прељуба или неочекувано и брутално ја раскинал врската, предизвикува негативни размислувања.

– „Убаво ми беше со неа, ѝ овозможував разни задоволства, шетавме, патувавме, ѝ купував подароци и ја поддржував во сѐ, но таа почна да излегува со друг и ме остави“, се дел од коментарите на разочараните и напуштени мажи.

Доколку не се исчистени од емоционалниот отров и не ги разрешиле своите стравови, како ќе има овој тип маж доверба во некоја идна партнерка? Или, пак, какви реакции треба да очекуваме од жена што во минатото имала љубовни врски со мажи што манифестирале опсесивна љубомора, агресивност и нетолеранција кон неа? На почетокот од љубовната врска, дали ќе биде таа максимално опуштена и емоционално отворена за новиот партнер? Голем број од доживеаните искуства ги определуваат карактерните својства на нашата личност и влијаат врз понатамошните постапки. Затоа се препорачува да работиме на себе и да извлекуваме поуки од лошите нешта, но и да им се радуваме на позитивните доживувања во нашето постоење.

Проблемот најчесто се појавува кога не знаеме што сакаме, кога не се задоволуваме со тоа што го имаме, туку бараме и очекуваме повеќе. Таквиот пристап создава копнеж и буди мегаломански аспирации за многу пари, страст, задоволства, моќ, статус итн. Желбата да се поседува што повеќе и повеќе, раѓа разни фрустрации, бидејќи суштината на животот не е постојано да се стремиме кон тоа што го немаме, туку да бидеме задоволни со тоа што го имаме.

Впрочем, во животот сѐ тече, сѐ се менува, така што не постои човек што вечно останал на истото ниво. Едно е кога сме млади, но сосема друго кога навлегуваме во зрелите години од животот. Како што изминуваат годините така секој човек, свесно или несвесно, таложи нови „килограми“, незадоволства и фрустрации. И ако не ги препознае и разреши, многу поретко ќе ги воспостави вредностите и ќе ги хармонизира односите со другите.

Со проблематичен личен развој и со ниско ниво на самосвест, многу лесно може да потпаднеме под влијание на негативните и злокобни личности.

Некој, можеби, постигнал успех на статусен и материјален план, но прашање е колку ги развива духовните вредности и до каде стигнал на личен план.

Од друга страна, со проблеми во барањето сродна љубов се соочуваат и духовно воздигнатите личности, кои имаат тешкотии да остварат љубовна врска со партнер што суштински ќе им одговара. За апсурдот да биде поголем, колку повисоко се искачуваме на духовен план толку помала е можноста да најдеме партнер со кого длабоко ќе се поврземе и сплотиме.

Бракот е света должност, која произлегува од начелото дека сопружниците треба да си помагаат и во добро и во лошо. Сепак, моралот, вредноста и добрината ретко се почитуваат, така што неретко страдањата не ги заобиколуваат ниту најпозитивните, најверни и најпосветени поединци. И покрај опасноста да се разочараме, многу повредно е да ја споделиме и да ја изразиме љубовта наместо постојано да мериме, калкулираме и рационализираме. Како и да е, вреди да се насочиме и да се отвориме за љубовта, без оглед што во денешно време многу од луѓето станаа премногу себични и исклучиво свртени кон себе. Не треба да се чудиме што некои се навикнаа на потребата постојано да критикуваат и да изразуваат незадоволство ако не се одвиваат нештата како што посакуваат.

На таквите поединци ќе им порачаме дека љубовта е и чин на давање, а не само чин на земање и дека е најидеално кога има во љубовниот однос и давање, но и земање. Суштинската вредност е да го направиме другиот среќен, но воедно и да почувствуваме дека тој го вреднува, почитува и возвраќа за тоа што го правиме ние за него. Еднонасочната љубов, колку и да е водена од благородна цел, сепак, не може да биде целосна и да придонесе за воспоставување среќна и хармонична љубовна заедница.

ИЗДВОЕНИ