ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Негативни последици

83

Голем број од луѓето одлучуваат да го забележуваат неубавото и да се окупираат со тоа што им недостига наместо да се насочат кон позитивното и да го пронајдат доброто во себе и кај другите луѓе. Сепак, колку и да сакаме да прозвучиме позитивно и да влееме оптимизам, мора да признаеме дека негативните вибрации се доминантно присутни, така што е неопходна голема мудрост за да го избегнеме нивното влијание.

Тоа е така бидејќи живееме во општество во кое преовладуваат критицизмот, неправдата, незадоволството и негативизмот. Егзистенцијалната несигурност и стравот од неизвесната иднина го направија своето. Долгоочекуваниот спас од духовната и од материјалната сиромаштија никако да пристигне. Неостварените очекувања предизвикаа да станеме шампиони во консумирањето антидепресиви, да продолжиме да живееме во крајно загадена животна средина и да бидеме на самото дно на најнесреќните народи во Европа. Дали треба да го бараме излезот од таквите наметнати ситуации во надворешните фактори или ќе мора да ја разбудиме самосвеста и, конечно, да почнеме да работиме на препознавање на позитивните вредности? Вербата во Бога и духовното никогаш не треба да нè напуштат. Но, за да ни помогне Бог или судбината, прво ќе треба сами на себе да си помогнеме. Тоа ќе го постигнеме доколку престанеме да се окупираме со негативното, да се полниме со гнев и омраза и да сметаме дека лошите нешта никогаш нема да бидат надминати.

Многумина ги уништуваат своето спокојство и можностите за среќна иднина само затоа што не сакаат да ги заборават навредите, омаловажувањата или неправдите. Чести причини за немирот, фрустрацијата, дури и за физичките заболувања се личните конфликти и омразата од кои нè сакаат да се ослободат.

Доколку подолг временски период акумулираме големи количини гнев, вознемиреност, одмазда, иритираност, нерасположение, може да се разболиме и сериозно да го ослабиме сопствениот организам. Лекот ќе го пронајдеме откако ќе престанеме да го лачиме отровот на лутината и на огорченоста кон лицето што нè повредило или кон животните ситуации во кои нè ставила судбината. Долго задржуваниот бес и длабоко вкоренетата омраза создаваат непремостливи пречки за проток на позитивна енергија и витална сила низ личноста.

Последиците се страшни доколку константно живееме под влијание на чувството на вина, на навреденоста и на негативните вибрации на околината.

Болките и страдањата се неизбежен дел од животот и колку побрзо го сфатиме тоа толку полесно ќе се справиме со тешкотиите и со кризите. Некои лица и ситуации се случиле во нашиот живот и колку и да сакаме, нема да успееме да се вратиме во минатото и да ги превенираме можните последици од таквите релации. Единствено што може да направиме е да се фокусираме кон мигот на сегашноста и да го прекинеме синџирот на несреќни спомени. Тоа ќе го постигнеме ако заборавиме што било зад нас и се подадеме кон тоа што е пред нас.

Ако веруваме во есхатологијата (учење за Божјиот суд, моралната цел и одговорност на човекот), треба да знаеме дека постои Божја или космичка правда во која сè е запишано. Во Библијата пишува: „Одмаздата е моја, јас ќе вратам, рече Господ“.

Норман Винсент Пил препорачува да се фокусираме на самите себе и да не им подлегнуваме на одмаздничките пориви. „Кога ќе дојде време, Господ ќе се погрижи за личноста што лошо се однесувала кон нас. Сè треба да му препуштиме на Бога. Не губете време оптоварувајќи се со негативни мисли за  некого, затоа што тие мисли не ја погодуваат таа личност, тие ве повредуваат вас и може да ви предизвикаат разни болести произлезени од психосоматска основа“.

Со своите постапки и однесување, секој си прави добро или лошо на самиот себе.

Духовната законитост вели дека секој плаќа или ќе плати за сè што направил во животот. Длабоко се лажеме ако мислиме дека со лаги, измами, негативност и со агресивност ќе се извлечеме од последиците на нашето однесување. На крајот, секој го добива заслуженото. Лицата што одлучиле да го живеат својот живот на доблестен, морален, искрен и трпелив начин, неминовно ќе бидат наградени за своите определби и напори. Поединците што постапуваат неморално, неискрено и негативно, нужно ќе се соочат со последиците од своите нечесни определби.

Понекогаш се чини дека доброто ги заобиколува позитивните луѓе, а лошото заборава да ги посети оние негативните. Тоа само така изгледа, бидејќи ниедно добро не доаѓа доколку не ја разбудиме свеста и не платиме за погрешните постапки, кога сме дозволиле негативните личности и лошите енергии да го заземат нашето битие. Од друга страна, лошите нешта постепено ја преземаат душата на негативниот човек и придонесуваат тој да стане подложен на разни стравови, внатрешни борби и болести. Затоа секогаш треба да го имаме на ум златното етичко правило: „Не правете им го на другите тоа што не сакате вам да ви биде направено“. Ако правиме зло, крадеме, уништуваме, повредуваме и изневеруваме, во миговите кога ќе ни биде најпотребно, духовната сила и нас ќе нè изневери, напушти и остави на милост и немилост на негативните енергии. Но, ако внимаваме на благородноста на нашата душа, моралот и на чистиот образ, позитивната сила и вербата никогаш нема да нè напуштат, туку ќе нè наградат со најдоброто, токму кога ќе ни биде најпотребно тоа.

Законот на кармата е ригорозен и тој никому не заборава да му го донесе тоа што го заслужува. Основниот лозунг на кармата е: „Како правиш, така ќе ти биде правено“. За жал, последиците од негативните дела понекогаш ги трпат поколенијата, кои без да бидат виновни за нешто, принудени се да ги отплаќаат кармичките долгови што ги натрупале нивните предци или родители. Трагичните судбини присутни во кланот на фамилијата Кенеди и во семејствата на Брус Ли и на Аристотел Оназис се највпечатливи примери на семејно проклетство.

Народната мудрост вели дека ако не ја почувствуваш неправдата, нема да знаеш колку вреди правдата.

Верниците знаат дека направеното добро нема да остане невозвратено, како што и иницираното зло нема да биде заборавено. Во Библијата пишува: „Прави добро за да ти биде вратено со добро“. Понекогаш доброто и не мора да биде возвратено од луѓето, зашто тоа веќе ја има пронајдено својата вредност во мирот со себе, задоволството во давањето, моралот на личноста и чувството дека со позитивните постапки се приближуваме кон Бога.

Секоја наша постапка создава последици и прави животот да ни биде исполнет со радост и убавина или со тага и темнина. Мудро постапување е кога ги препознаваме позитивното, моралното и доброто во себе, во односот со другите и во вредноста на сопственото постоење. Тоа е главниот закон на себепочитта и на внатрешната хармонија.

Кога го ставаме акцентот на мирот во душата, чесноста во односите, искреноста и на позитивната енергија, тогаш не дозволуваме негативните и себични лица да нè однесат кон својата матрица на однесување полна со интриги, неморал, конфликти, критицизам и неемпатичност.

Ние одлучуваме дали ќе дозволиме негативното ниво на живеење, придружено од ниската свест за повисоките вредности, да ги окупира нашите емоции и да нè оддалечи од духовното подигање на личноста.

Материјалните нешта, моќта и ниските страсти никогаш не може да ги заменат љубовта, мирната совест и чистиот образ. Овие благородни вредности отсекогаш биле почитувани, иако денес како сè повеќе да се ставени на маргините.

Заклучокот е дека парите не се замена за благородноста, ниту моќта и ниските страсти се замена за чесноста. Тие не може да ни го дадат она чувство по кое сите ние копнееме – мирот во душата, искрената љубов и среќата.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)

ИЗДВОЕНИ