Љубомората е комплексна емоција, која е насочена кон другите, нејзината манифестација се изразува низ гнев, тага, чувство на отфрленост, одмазда, презир, безвредност, несигурност, потиштеност. Таа произлегува од ниското ниво на самодоверба и од преголемата зависност и подложност на надворешни влијанија.
За успешно справување со љубомората најважно е сознанието за сопствените вредности; да знаеме со каков партнер сме во љубовна врска; што може да очекуваме од него; и да веруваме дека ќе најдеме решение за тешкотиите. Подложноста на љубомората може да ни создаде сериозни проблеми и да нè оддалечи од мирот и хармонијата во животот. Опседнатоста со постапките на партнерот и наметнувањето на песимистичкото размислување: дека тој е неверен; дека има негативно мислење за нас; дека нецелосно се вложува во односот; дека има скриени намери и сака да нè искористи итн. претставуваат иницијална каписла за градење дисфункционална и дисхармонична љубовна врска. Со овој пристап на негативно размислување го оптоваруваме сопствениот дух, манифестираме недоверба и создаваме психички немир и емоционален отров.
Една од главните цели на човекот е да воспостави духовна хармонизираност, мир и среќа во животот, кои е невозможно да се постигнат, доколку сме константно завидливи, зајадливи и љубоморни. Треба да имаме екстра слободно време и вишок енергија за да го трошиме на потребата да го контролираме и следиме однесувањето на партнерот. Наместо насоченост кон себе и кон позитивните можности кои се отвораат секојдневно, љубоморниот поединец константно се фокусира на тоа што другиот прави или не прави. Таквиот пристап создава голем внатрешен немир и буди опсесивна тенденција да се прочитаат туѓите мисли и намери, да се влезе во внатрешната димензија на другиот и да се открие што крие во себе. Љубомората е мошне комплексна емоција и неретко корените ги има во „несвесната” психопатолошка потреба да се биде жртва (психолошки мазохист) или насилник (психолошки садист).
Во денешното брзо темпо на живеење каде што човекот е разјадуван од разни проблеми, пренатрупан со многу обврски и неизвесности, станува крајно непрактично опсесивното занимавање со другиот и анализирањето што тој прави, за што размислува и дали вистински се вложува во односот. Иако е корисно да се знае со каква личност сме во љубовна врска, сепак дегутантно е да се преоптоваруваме со работи кои многу тешко може да ги провериме или преиспитаме. А и кога ќе се проверат или преиспитаат, сè уште не е сигурно дали сознанијата се веродостојни. Добро е да размислуваме за другиот, корисно е афирмативно да дејствуваме, но неопходно е и да преиспитаме со кого си имаме работа. Сепак, поразително е нашето слободно време да го трошиме за да откриваме што прави партнерот и да се разјадуваме со негативни мисли. Некои лица водени од стравот дека може да бидат изневерени или напуштени, инсталираат прислушни апарати или ангажираат детективи за да го следат движењето и постапките на партнерот, кој веројатно без одредена причина е изложен на сомнеж и обвинувања. Љубоморните луѓе настојуваат целосно да го контролираат својот партнер, така што претураат по неговиот паричник, ја завлекуваат раката во џебовите од сакото, влегуваат во фејсбук-профилот, го проверуваат мобилниот телефон да видат со кого комуницира, а некои од нив дури и бараат туѓи влакна во спалната соба или на задните седишта од автомобилот.
Рационалниот пристап е исклучително важен во љубовта, зашто со целосно предавање на нагонот и емоциите, многу лесно може да им подлегнеме на љубоморните вибрации. Разумот помага правилно да ги читаме знаците на случувањата и да ги отфрлиме нештата што можат да нè залажат и кои погрешно ги перципираме. Љубоморните поединци неретко самите си ја бараат бељата, па се одлучуваат да ги проверуваат СМС-пораките во мобилниот телефон на партнерот, доведувајќи се во ситуација да откријат интригантни и сомнителни нешта или да умислат дека тука постои нешто. Иако не е добро да се негува илузијата дека партнерот ќе биде совршено верен, сепак често самите си напакостуваме, бидејќи копнееме да навлеземе во „тајните одаи” на саканата личност.
Проблемот е што многу тешко можеме да ги деконструираме или откриеме вистинските намери и поведението на партнерот. Затоа, се препорачува да се опуштиме и да не правиме негативни сценарија, зашто ако судбината сака да дојдеме до вистината, таа неизбежно ќе се појави и ќе нѐ соочи со стварноста. Ако постојано бараме причини за да го обвиниме, критикуваме и омаловажиме партнерот, еден ден ќе умислиме дека нè изневерува и со тоа неоправдано ќе го уништиме љубовниот однос, кој можеби ветувал многу повисоко ниво на сродност и посветеност.
Во денешно време причина за појава на љубомора доаѓа и од преголемата зависност и оддаденост на социјалните мрежи и интернет комуникацијата, од каде што многу често и започнуваат љубовните сеанси. Стравот дека партнерот нешто договара или иницира преку комуникацијата со „пријателите” на социјалните мрежи, зема сè поголем замав.
Кога се вљубени во својот партнер, жените подлабоко ги изразуваат своите чувства и не се определуваат да флертуваат или изневеруваат. Нивниот главен приоритет се емоциите, а не нагонот и страстите. Од друга страна, кај мажите приоритет се страстите. Доволно е некоја атрактивна жена да помине покрај нив, па веднаш да се возбудат и да продуцираат раскошни фантазии. Нивната хормонална структурираност прави брзо и лесно да им се подредуваат на егото, страста и нагонот. Тоа предизвикува жените да станат несигурни и љубоморни, бидејќи веруваат дека партнерот експресно и без многу размислување ќе им се оддаде на искушенијата.
Мажот кој е опсесивно љубоморен може да биде мошне опасен, груб и насилен. Тој го наметнува своето его во врската и партнерката ја доведува во ситуација да не смее никого да погледне, да повика во домот, ниту некаде да отиде, без за тоа да биде информиран. Дури и кога оди да пазарува, мора да го извести каде е, колку ќе се задржи и со кого разговарала. Тоа е голем стрес и притисок, кој ретко која жена може да го издржи, без притоа да го загрози своето психичко здравје.
Жените кои се во љубовна врска со опсесивно љубоморен партнер, треба да бидат исклучително внимателни, бидејќи за болната љубомора скоро и да не постои лек, освен трпење, прифаќање и подредување на судбината. Причинителите за пројавата на патолошката љубомора може да ги бараме во детството, во претходната љубовна врска, во психолошката детерминираност, или во некои други околности кои таквиот маж или жена ги направиле болно љубоморни. Најстрашно е кога не постојат реални причини, но и покрај тоа се иницира опсесивна љубомора. Постојат и ситуации, кога со своето неодговорно однесување, едниот партнер ја испровоцирал љубомората кај другиот.
Некои мажи им наметнуваат на жените постојано да седат дома, да им се подредуваат и да зависат од нив. Тоа најчесто произлегува од околностите кои ги спречиле жените да создадат сигурност на професионален план и да обезбедат финансиски средства за поголема самостојност во животот. Немајќи ги материјалните добра, тие стануваат тотално подредени и тогаш многу од нив си се тешат со изговорот: „Што да правам, морам да го трпам, бидејќи иако ме мачи, можеби тоа го прави од љубов и затоа што премногу ме сака”. Така, овој тип на жени доброволно прифаќаат да бидат психолошки мазохисти, да бидат жртви на психолошките садисти, кои се навикнати да измачуваат, да манипулираат и да го наметнуваат своето его.
(Авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)