За да постигнеме внатрешен мир и хармонија, неопходно е да се ослободиме од нештата што ја вознемируваат нашата душа. Главниот аспект на внатрешната хармонија произлегува од детоксикацијата на духот и од дистанцата од негативните влијанија.
Еден од начините за успешна детоксикација е да практикуваме самосвест, будност и фокусираност кон нештата што духовно нè воздигнуваат. Тоа подразбира проширување на своето знаење преку читање едукативни книги. Кога читаме афирмативна, позитивна и стимулирачка книга, тогаш ментално се надградуваме и духовно се воздигнуваме. Покрај читањето едукативни книги, од големо значење е почесто да престојуваме во природа и да уживаме во убавините на еколошката средина. Зеленилото, чистиот воздух, жуборот на водата, појот на птиците, шумот на лисјата, тревата и дрвјата исцелувачки влијаат врз човековото битие. Присуството во природа стимулира креативност и ослободува од лоши мисли и од негативни енергии. Кога преовладува неубаво чувство, се препорачува да слушате релаксирачка музика, која може да ја подигне енергијата и да ги активира хормоните на задоволство и среќа.
- Слушањето инструментална музика го смирува умот и го опушта телото
Ако сте под удар на лоша состојба; ако некое лице психофизички ве изместило; ако не знаете што со себе и се чувствувате емоционално вознемирени, тогаш ќе мора да се соочите со проблемот и да барате решение за излез од кризата. Потиснувањето на проблемот никогаш не носи решение на проблемот. Непреземањето одговорност за состојбата во која се наоѓате дополнително ќе ве растрои на психофизички план и ќе ви го загрози здравјето.
Што треба да направите за да се извлечете од лошата состојба?
Постојаната борба и докажувањето кој е во право дополнително ќе ве истоштат на психофизички план. Консумирањето антидепресиви не секогаш е најдобро решение. Затворањето во четири ѕида или таканаречената социјална изолација, опсесивниот шопинг и бесцелното шетање по улици нема да ви го решат проблемот.
- Напливот на негативни вибрации најсилно ги напаѓа лицата што се нагласено чувствителни и емоционално ранливи
Душата и умот први го чувствуваат ударот. Преку душата и умот ќе биде нападнато и телото. Негативните вибрации предизвикуваат растрепереност, вознемиреност, телесна слабост и чувство на паника. Зошто се случува тоа? Затоа што сме доживеале енергетски напад. Енергетски вампиризам е кога сме подложени на критики, навреди, омаловажувања и на силни бранови од негативни вибрации.
Лицата што константно се навредувани и подложни на страв, несигурност и на неправда може сериозно да ја загрозат психофизичката стабилност на својата личност. Најмногу страдаат поединците што сметаат дека не постои решение за излез од емоционалната криза.
Во моменти на голема психофизичка несигурност, најважно е да не се потклекне со духот, да не се загуби волјата и да не се падне во депресија. Дел од решенијата е да се кажуваат молитви, да се престојува во природа и да се разговара со лица што шират позитивни вибрации. Вибрацијата на природата може многу да помогне; исто така вибрацијата на добриот збор; вибрацијата, пак, на прегратката максимално помага; домашното милениче буди љубов и позитивна енергија; емпатијата на блиските иницира смиреност, верба и прифатеност итн. Сепак, пронајдената смисла, оптимизмот и надежта дека ќе биде подобро најмногу помагаат во кризни ситуации.
Зошто помага пронајдената смисла? Кога преовладуваат депресивните моменти, најмногу страдаат луѓето што ја загубиле смислата на своето постоење. Губењето на смислата може да создаде самоубиствени мисли и да иницира неразумни постапки. Некои поединци може да реагираат афективно и да ги навредуваат другите или, пак, да станат автодеструктивни и себеси да се повредат. Долготрајното опстојување во негативни вибрации може да биде исклучително опасно како за духот така и за телото на човекот.
Ако долг период игнорираме или трпиме негативни вибрации, тогаш живееме со синдром на преполнета чаша. Тоа ќе предизвика психофизички да попуштиме и да ја загубиме контролата врз сопствените мисли и емоции. Постојаната опстојба во јад, чемер и лоши состојби ќе предизвика колапс на личноста и емоционално крахирање.
Кои аспекти може да предизвикаат психофизичка дисхармонија:
- психофизички попуштаме бидејќи ни се повредени емоциите;
- постојано размислуваме за трауматичните искуства од минатото;
- се чувствуваме лошо бидејќи не сме ја исцелиле душата од наталожените неправди и навреди;
- се саморазјадуваме поради чувството на вина или гризењето на совеста итн.
Без оглед на големината на проблемите со кои се соочуваме, треба да веруваме дека ќе биде подобро. Инвестирањето во личниот развој е клуч на успехот. Затоа, неопходно е да ги разбудиме волјата, силата и визијата за справување со тешкотиите и постојано да ја зајакнуваме сопствената личност. Суштината на животот не е да ги контролираме другите и да доминираме над нив, туку да постигнеме внатрешен мир и да се отвориме за позитивните вибрации на постоењето.
- Осознаените лекции во животот го отвораат патот кон подобро утре
Честопати, по силно страдање, следува големо духовно откровение. Откако ќе се спасиме од лошите лица и ќе се извлечеме од опасните ситуации, неопходно е да почнеме да уживаме во убавите мигови на животот.
Доживеаната катарза не подразбира себегубење и пропаѓање, туку отворање шанса за духовно прочистување. Кога преовладуваат животните борби и тешкотии, тогаш е клучно да ја промениме матрицата на размислување и постапување. Лошото да го отфрлиме, а доброто да го воздигнеме.
Во моментите кога се наоѓаме пред гранична животна ситуација: да се биде или не, на површина излегуваат сите вредности и слабости на нашата личност.
Законот на природата укажува дека ако сме долу, треба да почнеме да се искачуваме нагоре. Неретко, подобро е да го допреме дното отколку постојано да тонеме кон него. Откако ќе согледаме дека сме стигнале до дното во одреден однос, работа и слично, тогаш нема друго, освен да останеме таму или, пак, чекор по чекор, да излеземе на површината.
Првиот аспект е да станеме свесни дека се наоѓаме на дното, а вториот аспект е да побараме решение за да се извлечеме од дното.
Ако си извлекол поука; ако си сфатил со кого си имаш работа; ако си креирал позитивно решение, тогаш сигурно ќе следува издигнување. Повеќето луѓе психофизички пропаѓаат, а не се ни свесни дека пропаѓаат. Неразрешените проблеми и ниската свесност предизвикуваат емоционално и егзистенцијално пропаѓање, нарушување на здравјето, пад на самодовербата, губење на целта и смислата и ред други работи со голема (бесценета) вредност.
- Будноста и свесноста се најмоќните духовни фактори што помагаат да се препознае, спречи или надмине кризата
Кога ти е умртвена волјата; кога се наоѓаш во голема психофизичка криза; кога чувствуваш немир и напнатост, неопходно е да проникнеш во причините што те довеле во таква неповолна состојба. Секоја последица си има своја причина. Проблемите во односот со блиските или, пак, проблемите поврзани со финансиите, работата или со здравјето се најчеста причина за внатрешните борби и тешкотии. Но, влегуваме во кризна ситуација и затоа што не одвојуваме време за себе; размислуваме негативно; живееме во страв и несигурност; имаме превисоки очекувања; зависиме од влијанието на другите итн. Сите овие состојби може психофизички да нè исцрпат.
Кога се нападнати нашите емоции, тогаш е нападната и нашата душа. Во каква психофизичка состојба се наоѓаме, со таква енергија зрачиме. Среќниот и исполнет човек зрачи позитивно, а нервозниот и фрустриран – негативно.
Во период на криза и тешкотија, најважно е да не проектираме стравови и да креираме волја за позитивно дејствување. Сѐ додека постоиме, ќе постои и надежта за подобрување на состојбата во која се наоѓаме. Како што започнува најдолгиот пат со првиот чекор така и позитивната промена започнува со практикувањето иницијативност, храброст и упорност.
(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)












