Како да постигнеме мир и хармонија и дали е тоа воопшто возможно, кога знаеме со какви предизвици мораме да се соочиме во текот на нашето живеење?
Мирот и хармонијата воопшто не е лесно да ги постигнеме, посебно ако не вложуваме во личниот развој и во духовноста. Како да ги почувствуваме хармонијата, исполнетоста и среќата, кога не умееме да ги препознаеме вистинските вредности на животот? Наспроти тоа, дозволуваме материјализмот, негативната енергија, его борбите и надворешните ограничувањата целосно да нè зафатат, а ниските страсти постепено да загосподарат со нас.
Со таква животна ориентација, илузорно е да бараме и да очекуваме мирот и хармонијата суштински да бидат присутни. Овие категории како сè повеќе да стануваат мисловна именка за повеќето од луѓето, кои ниту разбираат ниту сакаат да ја сфатат вредноста на духовниот мир и на хармонијата.
Не треба да имаме високо его за да доминираме над другите и да ги повредуваме, ниту, пак, е клучно да се потиснеме себеси, да бидеме пасивни, понизни и да манифестираме ниско ниво на самопочит и на самодоверба.
Иако во Светата книга се вели дека на понизните е небесното царство, сепак треба да се биде понизен само во ситуации кога тоа се бара и се очекува од нас, односно поради добродетелта и повисоките цели. Еволуциски гледано, во суштината на животот е да се иницираат борбата, волјата, енергичноста и акцијата. Фридрих Ниче препорачал да се биде „натчовек“ и да се развива „волјата за моќ“. Но, не на штета на другите, ниту со деградирање, поробување и уништување, туку низ градење на личните потенцијали и вредности – да се оствари целта и полнотата на животот.
Поентата е да се воздигнеме самите себе, да ги постигнеме мирот и хармонијата, да имаме визија, дух и решителност.
Откога ќе ја иницираме вистинската сила на моќта, визијата и волјата, ништо нема да нè оттргне од патот на успехот, мирот и хармонијата бидејќи многу полесно ќе ги препознаеме негативците и ќе се заштитиме од злото и од негативните вибрации. Во суштината, исклучително е тешко да се препознаат негативците, зашто тие умеат многу добро да се маскираат. Затоа, во Светата книга е кажано: „Внимавај на волците, облечени во јагнешка кожа!“ Понекогаш, токму таквите луѓе може најмногу да нè научат. Впрочем, како ќе ги постигнеме мирот и хармонијата ако не работиме на чистење на негативните вибрации и не се соочиме со предизвиците и со тешкотиите на постоењето.
Во тој контекст, треба да знаеме што е под наша контрола и колку нештата зависат од сопствената иницијатива и од посветеноста кон позитивните вредности.
Злото и негативните вибрации демнат зад секој агол и се присутни во многу домени од животот. Колку и да тежнееме да ги избегнеме, нема целосно да успееме, затоа наша задача е да ги неутрализираме и да не ги примаме во интимната сфера на личноста. Всушност, ние не сме сами на овој свет, опкружени сме и со блиски лица, така што хармонијата на нашиот дух многу често зависи и од состојбите низ кои тие поминуваат. Доволно е некој од нив да има здравствени проблеми, да чувствува удари на судбината или да се наоѓа во тешка емоционална состојба, па и ние да бидеме изместени и со голем психофизички немир.
Мудрост е да се видиме себеси преку другиот, а знаење е како од тоа што ќе го видиме да изградиме вредност. Но, најголема мудрост е да сфатиме дека не можеме целосно да се пренесеме во другиот и да го направиме таков каков што ние посакуваме да биде.
Поентата е дека ние мора да му дадеме простор на партнерот, тој/таа да се изрази себеси и да ги определи приоритетите во животот. Многумина градат љубовна врска како опција, а не како приоритет, која може да предизвика голема болка и дисхармонија. За да ги избегнеме потенцијалните опасности, клучно е да сфатиме во каков свет живееме и дека искушенијата и предизвиците постојано се присутни.
Затоа, неопходно е да направиме анализа и да преиспитаме со кого си имаме работа, зашто на некои личности, во ниеден случај не треба да им се верува. Но, и анализа на нашите очекувања и согледба, односно дали тие очекувања, кореспондираат со реалните можности. Ако кон сето тоа ги додадеме и аспектите на материјалното, на работата, на емоциите и на егзистенцијалните борби и неизвесности, тогаш е навистина многу тешко да се воспостават мирот и хармонијата. Но, тие мора и треба да се воспостават – ако не можеме постојано, тогаш барем миговно да ги почувствуваме.
Факт е дека мирот и хармонијата не можат да се воспостават како целина. Во овој современ начин на живеење е невозможно тоа да се постигне. Прашање е дали до целокупната хармонија на духот и телото успеваат да допрат и разните гуруа, јоги, мистици, исихасти, лами и некои други спиритуално ориентирани личности. Тие егзистираат во медитативна состојба на духот, во самување, во мирување и во концентрација кон божественото. Ама тие немаат контакт со световното, со брзото темпо на живеење, со разните искушенија и тешкотии на материјалистичкото живеење, ниту, пак, се соочуваат со борби, притисоци и влијанија на надворешната средина. На крајот на краиштата, тие немаат контакт со многу луѓе, што според Жан Пол Сартр, е голема придобивка, зашто: „Пеколот, тоа се другите“.
Поентата е дека мирот и хармонијата многу тешко се постигнуваат, дури и кога сме исклучиво духовно ориентирани, зашто директно или индиректно, опкружени сме со многу лица кои зрачат со негативна енергија и се крајно фрустрирани, незадоволни, неосвестени, алчни и површни. Дали може да се постигнат мирот и хармонијата, ако константно сме бомбардирани од сите тие негативни вибрации? Доволно е да го следиме сето она што се прикажува по медиумите, па енергетски да се исцрпиме и емоционално да се изместиме. Доволно е да видиме дека некој од блиските или од пријателите поминува низ тешки животни фази; доволно е да почувствуваме дека партнерот постојано ги врти нештата кон „својата воденица“, а нас ниту сака ниту може да нè разбере.
Како да ги постигнеме мирот и хармонијата, кога сме отуѓени, дистанцирани и оттргнати од патот на љубовната сродност и поврзаност?
А среќата, хармонијата и мирот се состојат од тоа – да го пронајдеме лицето со кое заемно ќе се надополнуваме, усовршуваме и ќе се движиме по патеката на животот. Но, дали знаеме колку е тешко да се оствари искрена и длабока љубов? Зар не е идеално да се биде со сродната душа; да се пронајде вистинскиот пријател или колега со кого одлично ќе соработуваме на работното место; да има напредок во семејството; да немаме проблеми со здравјето; да бидеме креативно исполнети и духовно воздигнати?
Знаете ли колку услови треба да бидат исполнети, за да ги постигнеме мирот и хармонијата на животот?
Тоа е исклучително тешко, но од другата страна, не смееме да бидеме песимисти. Ние мора да размислуваме за миговите што ќе ни ги донесат мирот и хармонијата. Но, не како целина, затоа што не се родил човек кој може да биде во вечна хармонија со себеси и со другите.
Поуката е дека сите ние треба да се отвориме за мигот на хармонијата, без разлика дали е тоа читање интересна книга, прошетка во природа, семеен ручек, патување, комуницирање, самоизолација или разменување нежност, блискост и флуидност со саканото лице. Битно е да има миг на исполнетост, кој понатаму ќе ни создаде сентиментално чувство дека постоеле и убави моменти во нашиот живот.












