Индивидуализмот, отуѓувањето и недостигот на емпатија сериозно се надвиснаа врз современиот човек, предизвикувајќи сѐ повеќе разводи, несогласувања, проблематични љубовни односи и меѓучовечки конфликти. Причините за таквите состојби можеме да ги бараме во себичноста, нетолеранцијата, материјалистичкиот начин на живеење, емоционалната оштетеност од минатото, но најмногу во незаинтересираноста да се согледа како партнерот се чувствува и кои се неговите вредности и потреби за градење хармоничен однос во љубовта.
Наспроти дијалог, соработка, посветеност и емпатија, секој почна да влече на својата страна, очекувајќи другиот целосно да се приспособи, да се подреди и да го прави тоа што се очекува од него/неа. Во многу случаи, доколку не му бидат реализирани барањата, партнерот реагира импулсивно и нервозно или, пак, се одлучува да ги потисне фрустрациите, барајќи решение на морално неприфатлив начин. Со таков пристап, емоционалниот јаз уште повеќе се продлабочува, предизвикувајќи отуѓеност, недоразбирања, неверства или константни расправии и тензии.
Да се биде свесен за своите вредности, но и да се има чувство за туѓите потреби претставува вистински патоказ кон хармонијата во љубовта и кон мирот во животот.
Соработката, довербата и посветеноста се најсилни кога постојат заеднички интереси за создавање позитивни вибрации на емоционална блискост и поврзаност.
Во голем број љубовни врски тоа не се случува бидејќи едниот смета дека доволно правел за другиот, наметнувајќи дека сега е време кога и тој/таа треба да придобие нешто позитивно од партнерот. На тој начин, љубовта почнува сѐ повеќе да се пресметува во проценти и да се одмерува кој колку вложил и што презема односот да успее. Иако разговорот е клучен за пронаоѓање решение за недоразбирањата, сепак, во љубовта не се толку битни зборовите, туку се најзначајни делата и позитивните намери.
Проблемите се случуваат кога претеруваме во барањата, создаваме константни притисоци и го потценуваме или го негираме тоа што другиот го прави за нас.
Кога малку повеќе би работеле на сопствените слабости и фрустрации, и би почнале повеќе да даваме отколку да се опседнуваме дали и колку добиваме, можеби љубовта би имала шанса на овие простори. Со таков пристап, излегува дека сите ние како да дојдовме во ситуација да се штитиме и да се браниме од туѓите влијанија и скриени побуди, поради што многу ретко на вистински начин го отвораме своето срце и ја споделуваме љубовта.
Стравот од напуштање, емоционално повредување или разочарување предизвика многумина да ја исклучат безусловната љубов во своето живеење, наметнувајќи ја тезата дека прво мора да се прими, па потоа да се возврати љубовта. Затоа, не треба да се чудиме што во нашето општество е минимално присутен интересот за општото добро, постои слабо развиена свест за чиста еколошка средина, слободата на духот, едукацијата и емпатијата. Сите овие нешта се тесно поврзани со љубовта, која не мора да биде насочена исклучиво кон единката, туку може и треба да биде насочена и кон сопствената личност, општеството и човештвото.
Поединецот што не се сака себеси, многу тешко може да ги сака другите.
Човекот што не покажува интерес за емоционалната состојба на другиот, за напредокот на општеството и за хуманата димензија на човештвото, тој дефинитивно не се сака ниту самиот себе.
Да се биде емоционално ладен и саможив индивидуалец кој определил да ги искористува и да ги експлоатира другите, да ги уништува и да ги деградира општествените добра, да ги изопачува вредностите или да загадува, краде и да не ја извршува својата професионална должност, претставува знак за промашен живот на паразитски ориентиран човек, кој на еволуциско ниво на свест се наоѓа на ниските скалила на себеразвојот.
Да беше суштината исклучиво во парите, моќта, славата или во телесните наслади, големиот број светители, духовници и етичари нема да зборуваа за вредноста на човечноста согледана низ ореолот на сомилоста, моралноста, хуманоста и посветеноста на општите добра. Тогаш владетелот на парите и ниските страсти, Мамон, целосно ќе завладееше со духот на луѓето и славејќи го златното теле, ќе ги исклучеше љубовта, духовноста, благородноста и чесноста од нивните животи. Но, бидејќи ништо не е еднонасочно, Бог пропишал да постојат и духовни патишта за излез од себеуништувачките побуди манифестирани низ деструкцијата на духот и загадувањето на душата.
Ренесансниот филозоф Пико дела Мирандола напишал: „Во човекот се борат две сили, на едното рамо седи ангелот на доброто, а на другото демне демонот на злото, така што од човекот зависи кон која сила ќе се приклони”. Ако сакаме животот да ни стане продуховен и хармоничен, неопходно е освен за себе да размислуваме и за доброто на блискиот бидејќи зашто би одржувале однос со некого доколку не го поднесуваме и постојано го навредуваме или го изневеруваме.
Треба да сфатиме дека тоа што им го предизвикуваме на другите, воедно си го предизвикуваме и на самите себе. Законот на кармата вели: „Тоа што им го правите на другите, очекувајте и вам да ви биде правено”.
Лагите, себичноста, алчноста, духовната неосвестеност и лицемерието, кои, пак, станаа заштитен знак на нашето општество, треба што поскоро да ги исчистиме ако не сакаме индивидуално и колективно да одиме кон пропаста. Кога ја уништуваме перспективата, не водиме сметка за напредокот на општеството и ги релативизираме негативните дела и постапки, прифаќајќи дека е нормално да се краде, лаже и да се биде неморален, тогаш самите си ја потпишуваме пресудата на исчезнување, вегетирање или колективно пропаѓање.
Сиромаштијата на духот, неретко е многу поопасна од материјалната немаштија, зашто парите може да се заработат, а достоинството, совеста, честа и свесноста со ништо не можеме да ги купиме, доколку својата душа ѝ ја ветиме на силата на злото и на темнината.
Љубовта, одговорноста и должноста мора да бидат главни концепти на нашето живеење. Првично, треба да почнеме од љубовта кон самите себе, зашто човекот што си посакува добро на себеси, тој не ги искористува, продава и не ги повредува другите, туку работи на заедничкиот интерес како нештата да бидат подобри. Со позитивен однос кон сопствената држава и со работење според начелата на должноста, одговорноста и професионалната посветеност ќе создадеме стабилен темел на вредносни насоки за самите себе, но и за идните генерации.
Кога ја чуваме природата и не ја загадуваме, придонесувајќи за чистата еколошка средина, тогаш нема да ја сечеме гранката на која седиме, туку ќе инвестираме во здравјето и во животот. За да се постигнат овие вредности, неопходно е да се подигне свеста, да се вложува во личниот развој и да се разбере дека без другиот човек, општеството и човештвото, и нас нема да не има, ниту ќе нѐ биде како поединци кои автономно одлучуваат за својата судбина.
Мислата на Мајка Тереза дека „ако не можеме да правиме големи работи, можеме да правиме мали, но со голема љубов”, секој треба да ја има на ум, доколку сака местото на своето живеење да го облагороди со смисла, вредност и напредок за себе и за пошироката заедница.
Иднината секогаш го носи тоа што ние самите му го приложуваме, споделуваме и му го даваме на животот. За да го добиеме тоа што го сакаме, мораме во себе да го пронајдеме тоа што го бараме. Затоа, треба да бидеме промената што сакаме да ја видиме, бидејќи не може да постои здраво и праведно општество, ако доминира ниската свест и ако во него преовладуваат духовно незрелите, морално неизградените и ментално неосвестените поединци, кои секогаш им даваат предност на тесните интереси, себичноста, лагите, неморалот и површните аспекти на постоењето.
(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)