ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Каде одиме?

284

За да доживееме среќа, за да постигнеме успех и за да оствариме мир, неопходно е да утврдиме кон какви вредности се движиме и што правиме за да го оствариме тоа што го посакуваме.

Прашањето не се однесува само на индивидуалниот пат кон среќата, мирот и успехот туку и на колективната определба овие категории да станат концепт на живеење во кој општествениот напредок наместо да биде наша илузија, конечно, ќе стане долгоочекувана реалност.

Не може да постои среќно, напредно и успешно општество ако во него не егзистираат самосвесни, позитивни, одговорни поединци, верни на должноста и работно ангажирани. Кога секој влече на своја страна и не води сметка за колективниот напредок, тогаш нема основа да се надеваме дека ќе тргнат нештата кон подобро и дека среќата, мирот и успехот ќе станат наше секојдневие. Причините за индивидуалната и за колективната стагнација можеме да ги бараме на различни страни и во разни нешта, но едно е сигурно: секој ќе го добие тоа што го заслужува, некој порано, а некој подоцна ќе се соочи со последиците од своето дејствување.

Ако не сакаме да ни помине животот во постојана борба, неизвесност и исчекување на хармонијата и позитивните вредности, ќе мора повеќе да работиме на самите себе, духовно и интелектуално да се воздигнеме и да создадеме предуслови за градење праведно, здраво и напредно општество. Затоа, секој од нас треба да си ги постави прашањата: каде одам, какви вредности негувам, за што се застапувам, колку придонесувам за самиот себе и за другите, дали ја извршувам својата професионална должност или гледам од сѐ да искористам, кому му служам и за кого одработувам, какви морални начела практикувам, дали зрачам со љубов и уживам во малите радости на животот, што ме прави среќен, смирен и опуштен?…

Никогаш нема да го пронајдеме решението ако наместо добрите примери, наши идоли станат алчните и негативни личности; ако прифатиме дека сите се исти и веруваме дека секој ќе краде, лаже и искористува кога ќе добие можност за тоа; ако размислуваме дека е нормално да изневеруваме, да правиме прељуби и да уживаме во ниските страсти на телото; ако сметаме дека не се битни благосостојбата на народот и напредокот на државата, туку е најбитно да исцрпиме сѐ што можеме од колективните добра и да обезбедиме неколку наредни поколенија со нечесно заработени пари; ако го ставиме профитот над сѐ, без оглед дали ќе страда поради тоа здравјето на децата, на повозрасните, односно на консументите и пациентите; ако дозволиме да продолжат атмосферското и културолошкото загадување и ширење на невкусот, шундот и декаденцијата како стил на нормално живеење; ако ја деградираме здравата клетка на семејството и ја уништиме вредноста на чистиот образ, моралот и сочувството. Сите овие нешта нè туркаат кон бездната на опстојувањето, бидејќи не умееме да застанеме и да им кажеме „стоп“ на личниот и на колективниот синдром на себеуништување.

Главното прашање е каде одиме ние и кон какви вредности се движиме ако притоа го загубиме мирот во душата, го изопачиме чувството за сродност и хуманост и се оддалечиме од духовната и од националната посебност.

Аристотел има кажано дека среќата, мирот и хармонијата им припаѓаат на оние што се задоволни сами од себе. Дали сме задоволни ние таму каде што сме, што преземаме да ги промениме нештата и колку вложуваме во личниот развој, духовната вредност и во моралот на личноста? Одговорот може да биде поразителен за многумина што ја наоѓаат вредноста во ниските побуди, површните цели и во тесните интереси.

Брзото темпо на живеење, борбата за преживување, егзистенцијалната неизвесност и погрешната вредносна ориентација дека ако не му припаѓаш на естаблишментот, не си материјално реализиран, високо позициониран или под заштита од моќник, партија, група и сл., ти си никој и ништо, сериозно го загрозија духовниот мир на луѓето. Овие наметнати правила на игра создадоа армија фрустрирани поединци, кои стануваат сѐ понесреќни, растроени и зависни од водството на економските експлоататори и на политичките моќници.

Врз сите нас катадневно се надвиснати големи очекувања, а мали реализации, кои, заедно со зависноста од надворешните фактори, предизвикаа чувство на изневереност, незадоволство, губење на внатрешниот мир и на сигурноста на животот.

Наместо да се радуваат што постојат и што ја имаат можноста да ја креираат својата судбина на достоинствен и позитивен начин, најголемиот број од луѓето сѐ понагласено го чувствуваат товарот на животот врз своите плеќи, не знаејќи каде да се свртат, кон што да тргнат и за што да се одлучат. Подјармени, заборавени и оставени на милост и немилост на разните моќници, кои со години им ги определуваат степенот на слобода и квалитетот на животот, многумина почнаа сѐ подлабоко да тонат во бездната на духовната неосвестеност, замаеност и подвоеност.

Кога не умееме да се избориме за дигнитетот на својата личност и да го подигнеме гласот против неправдите и ударите на негативните луѓе, тогаш интелигибилните сили на универзумот ќе дигнат раце од нас и нема да ни помогнат кога ќе ни биде најпотребно. Во народните умотворби е запишано дека ако самиот не си помогнеш, ни Бог нема да ти помогне.

Секој од нас треба да си даде шанса самиот на себе доколку сака и среќата да му даде шанса – да го подигне животот кон повисоките стадиуми на постоењето. Вака излегува дека сите ние го добиваме тоа што го заслужуваме. Дали ќе добиеме повеќе, зависи и од подготвеноста духовно да прогледаме и да направиме сѐ што е потребно работите да тргнат кон позитивниот правец на животот. Концептот на среќа за секого е индивидуална категорија, таа зависи од неговата способност да ги забележи и негува позитивните можности на постоењето. Некои поединци што се опсесивно водени од волјата за моќ, славата, ниските страсти, егото и од парите, како да заборавија на најсуштинската вредност – душата, без која животот станува празен, бесмислен и духовно непостоен.

Добро е самите да одлучуваме за својата животна определба, зашто на тој начин и лично ќе ја сносиме одговорноста за постапките што ги правиме. Лошо е кога некои други ќе ни определат како да размислуваме, постапуваме и живееме, без притоа да умеат самите да се водат и себекреираат низ благородните патеки на животот.

Кога бараме совет од неукиот; очекуваме водство од изгубениот; чекаме од материјално заслепениот духовно да нè просветли и да ни го покаже патот кон мирот, среќата и хармонијата, тогаш или премногу ќе се изначекаме или никогаш нема да успееме да излеземе од амбисот во кој се наоѓаме.

Кога доброволно дозволуваме манипулантите да ни го перат умот; неосвестените да ни го затапуваат духот; нечестивите да ни ја загадуваат душата и сето тоа поради лични цели и себични побуди, тогаш треба да се прашаме дали заслужуваме подобра судбина од таа што ја имаме.

Каква ни е енергијата таков ни се и изборот и состојбата на животот. Кога е изборот негативна енергија, себичност, алчност, лага и неморал, тогаш каква може да ни биде перспективата? Германскиот филозоф Јохан Фихте има кажано: „Со што се храниш, таков стануваш“. Ако се храниме со негативното, го практикуваме неморалното, го живееме лажното и му се предаваме на нечестивото, тогаш не треба да се чудиме што, на колективен план, сѐ побрзо тонеме кон ништожното.

Промената е чин на мигот – таа никогаш не доаѓа од случајноста, туку од напорното и посветено работење.

ИЗДВОЕНИ