ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Чувствувај се пријатно

2148

Фокусот секогаш треба да го ставаме на мигот на сегашноста, зашто тоа што се случило некогаш, повеќе не е присутно во нашиот живот и колку побрзо ја сфатиме таа околност толку подобро ќе биде за нас.

Мудрост е кога осознаваме дека не може сѐ во животот да биде како што посакуваме, така што понекогаш мора да чекаме подобра шанса за да ги промениме нештата. Трпеливоста, одговорноста, самодовербата и позитивниот пристап се суштински вредности што гарантираат излез од кризните ситуации и реализација на целите.

Оптимизмот и вербата создаваат чуда, но само доколку ги исчистиме емоциите од негативните сеќавања, а умот го насочиме кон афирмативните методи на размислување и постапување.

Со демеморирање на емоциите од лошите настани, ќе успееме да ја ослободиме креативната енергија, зголемувајќи ги шансите за позитивно напредување. Тоа ќе го постигнеме доколку престанеме да живееме со уверувањето дека ни е безвреден животот, како и со негативните вибрации произлезени од лутината, стравот, срамот, сомнежот во себе и чувството на вина.

Поединецот што претрпел силен стрес, траума и доживеал голем психички немир, не треба да стравува дека тие искуства вечно ќе останат во неговата потсвест и ќе го оддалечат од пријатните мигови на животот.

Сѐ може да биде санирано и стабилизирано, само треба инвестирање во личниот развој, подигнување на свеста и поттик кон позитивните вредности.

За моќта на афирмативното размислување пишувал и американскиот филозоф Вилијам Џејмс, кој сметал дека „најголемото откритие е во сознанието дека луѓето може да го променат својот живот менувајќи ја својата свест“.

Тоа ќе го постигнеме доколку престанеме да се поистоветуваме и врзуваме за неубавите настани, зашто на тој начин повторно ги оживуваме и актуализираме тие искуства. Главната суштина е да го бараме тоа што е пријатно и позитивно за духовниот развој на нашата личност. Кога се определуваме мислата, зборот и делото да ни бидат позитивни, тогаш ги будиме своите потенцијали и ја отвораме можноста убавите и вредни нешта да пристигнат во нашиот живот.

Тома Аквински има кажано: „Сето она што е примено, е примено во согласност со карактерната природа на примачот“. Тоа значи дека нештата најчесто се такви какви што ги восприемаме или доживуваме со сетилата и со умот.

Имено, може да се чувствуваме пријатно кога шетаме во природа, посетуваме културна манифестација, ја слушаме омилената музика, читаме интересна книга или кога уживаме во нежната прегратка со саканото лице. Кога го ставаме акцентот врз пријатноста, удобноста и позитивноста, тогаш нема да има место за неубавите ситуации и за лицата што нè вознемируваат и ни наштетуваат. Од друга страна, постојаното размислување за поединците што емоционално нè повредиле, ќе предизвика да живееме со аурата на разочарувањето, незадоволството, меланхолијата и на фрустрацијата. Тајната на промената е да ја насочиме целата своја енергија кон создавање нешто добро, а не постојано да се штитиме и да се бориме со лошото.

Добрите нешта почнуваат да се случуваат кога ќе се оддалечиме од негативците и ќе престанеме да се доживуваме себеси како жртва на судбината и на влијанието на другите луѓе.

Во тој контекст, ќе ги наведеме и размислите на мексиканскиот автор Дон Мигуел Руис: „Може да го програмирате натсвесниот разум со ореолот на жртва и животот ќе ви биде жртва. Може да се откажете да го програмирате натсвесниот разум, па тогаш наместо вас, други ќе го програмираат. Ќе ви го определуваат животот, кој не е ваш сопствен, туку повеќе е живот на кукла влечена со конци“.

За да се спасиме од ореолот на жртва, неопходно е да донесеме одлука: храбро, достоинствено и самостојно да одлучуваме за својата судбина, повеќе да се себепочитуваме и да не дозволиме да се инволвираат негативни, неморални и себични лица во нашиот живот. Патот кон себехармонизацијата почнува откога ќе престанеме да им дозволуваме на другите да раководат со нашата личност.

Никој не е доволно вреден за да му овозможиме постојано да го контролира нашиот живот, да доминира и притиска во него.

Спасот од лошите поединци и ситуации ќе го пронајдеме доколку знаеме во што треба да веруваме, што треба да сакаме и што треба да направиме за да го реализираме тоа што го сакаме и доколку се оддалечиме од она што не го сакаме. Корисно е доколку го креираме животот следејќи ја поуката на свети Климент Охридски: „Тргај се од злото и итај кон доброто“.

Реално гледано, негативните нешта се насекаде околу нас, но доколку се фокусираме на неубавото, ние нужно и ќе го привлечеме. Наместо да се окупираме со негативното, многу подобро е да станеме свесни за тоа што го бараме. Затоа, секој треба да се праша самиот себеси: „Што сакам да ми се случи во животот и како да дојдам до тоа што го сакам?“ Законот на привлечноста работи врз принципот „биди свесен што бараш, зашто тоа и ќе добиеш“.

Треба да знаеме дека најголем непријател на среќниот живот се недостигот на љубов кон самите себе и недовербата во тоа што го поседуваме и работиме.

Кога веруваме во сопствените вредности, тогаш многу полесно го остваруваме тоа што го сакаме. Клучот на успехот се крие во прифаќањето на самите себеси, како и во сознанието дека не треба да очекуваме секогаш и во сѐ да бидеме совршени. Понекогаш не треба да ги силуваме нештата, особено откога ќе увидиме дека некои односи и активности не се развиваат како што посакуваме.

Главна цел е да работиме на постигнување внатрешен мир и чувство на пријатност, зашто тие не доаѓаат однадвор, туку секогаш се плод на сопствената посветеност на повисоките вредности во животот. Според Карл Густав Јунг: „Ние не сме она што ни се случува, туку она што самите сме одлучиле да бидеме“. Ако одлучиме да станеме слаби, малодушни, несигурни и несреќни, такви и ќе бидеме, бидејќи ќе привлекуваме лица и ситуации што ќе ни го потврдат тоа што го чувствуваме за самите себе.

Сѐ што остваруваме во животот е во корелација со интензитетот на нашата верба, бидејќи колку веруваме толку постигнуваме. Ако имаме негативен пристап и умот ни е заситен од неубави нешта, многу потешко ќе го оствариме тоа што го сакаме.

Излез од внатрешниот немир и од песимистичките размисли ќе пронајдеме откако ќе го смириме својот ум и наместо да се окупираме со минатото, ќе почнеме да му се препуштаме на мигот на сегашноста, размислувајќи за перспективите на иднината. За да не ја уништиме сегашноста, неопходно е да склучиме мир со минатото, оставајќи ги зад себе луѓето, ситуациите и периодите што придонеле да се чувствувавме тажно, разочарано и неисполнето.

Кога ќе престанеме да мислиме на неубавото, нужно ослободуваме простор да пристигне убавото.

Напредокот и убавото ќе пристигнат доколку ја имаме на ум мудрата мисла искажана од големиот исламски поет и филозоф Џелалудин Руми: „Продолжи да се движиш дури и ако пред тебе нема пат. Не ги одмерувај далечините. Светот не се менува пред нашите очи, туку зад нашиот грб. Кога ќе се оддалечиш неколку чекори, сврти се и погледај зад себе. Повеќе ништо нема да биде исто, и тоа е добро“.

Поуката е дека сето лошо и неубаво постепено ќе исчезне, но единственото нешто што не смее да исчезне е нашата волја за живот и за позитивно менување на состојбата во која се наоѓаме.

Клучот на успехот е постојано да се движиме напред и да не го задржуваме тоа што заминува, туку со оптимизам и ведрина да го пречекаме тоа што пристигнува.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)

ИЗДВОЕНИ