Пропаѓањето на браманскиот (свештенички) општествен систем во Индија е поврзано со брзото ширење на учењето познато под името будизам. Според преданието, тоа учење го проповедал индискиот мудрец и морален реформатор Буда (563-483 пр. н. е.) и спаѓа меѓу најважните етики и една од најраширените религии.
Таткото на Буда владеел со малото северноиндиско кралство Шакја, а мајка му била принцеза од друг клан. Кога се родил Буда во Лумбинија (место сместено на денешната граница помеѓу Индија и Непал), родителите го нарекле Сидарта Гаутама. Легендата вели дека името му е дадено според пророштвото на мудрецот и астролог Асита, веднаш по раѓањето. Астрологот предвидел дека Сидарта ќе биде голем учител и просветител или, пак, владетел на многу народи на Земјата. Кралот направил сè што е во негова моќ за да се осигури дека неговиот син Сидарта нема да се занимава со духовна дејност, туку ќе го наследи кралството. Го опсипувал со луксуз и со привилегии, обидувајќи се да го оддалечи од суровата реалност на постоењето и да го насочи кон световните активности. Затоа го оженил на 16-годишна возраст и го опкружил со раскош и со материјални богатства, но и покрај разните удопства, Сидарта се чувствувал неисполнето и незадоволно.
Легендата кажува дека Сидарта ги поминал детството и младоста изолиран од сознанието за страдањето, кое честопати е предуслов за постигнување духовна зрелост. Големите религии нагласуваат дека вистинската мудрост се раѓа од несреќи; само преку страдање, нашиот дух може да ги надмине самоограничувачките верувања и да се издигне над тешкотиите.
Човековиот живот е подложен на вечни промени и на минливост на нештата. Нашиот свет, таков каков што го познаваме, се менува непрекинато. И најголемата среќа и најсилните маки неизбежно завршуваат, бидејќи ништо не е вечно. Минливоста, промените и проблемите се составен дел од животот.
- Колку и да бегаме од страдањето, тоа е дел од нашето постоење
Откако наполнил 29 години, Сидарта случајно излегол од својот затворен дворец на раскошот и здогледал болен човек, изнемоштен старец и мртовец – тогаш прв пат во својот живот ги видел маките на болеста, на стареењето и на смртта. Тоа го потресло умниот принц и непосредно по раѓањето на синот Рахул, решил да се откаже од животот што го водел и целосно да се посвети на себеспознанието, на практикувањето на своите природни способности и на барањето на смислата на постоењето.
Како што напишал кинескиот филозоф Фонг Јоу Лан: „Вистина е дека некој е среќен кога наполно и слободно ја практикува својата природна способност. Но, постојат многу начини на кои се попречува ова практикување. На пример, постои смрт, која е крај на сите човечки активности. Постојат болести што ги попречуваат човечките активности. Постои старост, која на луѓето им ги носи истите маки. Така, не е без причина што будистите ги сметаат овие состојби за три од четирите човечки беди, а четвртата, според нив, е самиот живот. Оттука, среќата што зависи од целосното и слободно практикување на природната способност на човекот е ограничена и, според тоа, релативна среќа“.
Барајќи ги аспектите на слободата и внатрешните импулси на среќата, Сидарта ги оставил палатата, младата сопруга, синот и сите земски удопства и се престорил во скитник. Ѝ се придружил на една од многуте аскетски секти, неограничени, како што се нарекувале тогаш џаините. Извесно време учел кај некои тогаш прочуени савани (брахмани), но откако ги усвоил нивните учења, не бил задоволен од решенијата што ги давале тие за човечките патила. Во тоа време, преовладувало убедувањето дека со практикувањето радикален аскетизам, ќе се постигнат вистинска мудрост и просветлување.
Со таа цел, биле формирани групи скитачи или шрамани, дојдени од различни краишта на земјата, во потрага по внатрешен мир надвор од општеството. Тие втемелиле свои заедници, живеејќи најпрвин во шумите, а подоцна и во организирани населби, во кои понекогаш имало и лаици. Некои од нив ја отфрлиле светата хиндуистичка книга Веда, верувале во реинкарнација и во голема мера ги истакнувале начелата на етиката. Буда бил еден од овие шрамани, скитач во потрага по ослободување, а будизмот произлегол од ова движење, како што се случило тоа и со филозофијата на упанишадите и другите сродни системи.
- Со измачување на телото, само го замаглуваме умот
Во период од шест години, Буда живеел како испосник, подложувајќи го своето тело на крајно самоодрекување, постење, медитација и јога, со една единствена цел: нирвана. Сепак, аскетскиот напор не вродил со плод, така што Буда сфатил дека телото подложено на страшен пост и самоизмачување само го замаглува умот и не придонесува за вистинска мудрост и за просветеление.
Махавира Џајна сакал да ја реформира својата аскетска заедница со крајно заострување на правилата на аскетскиот живот. Наспроти тоа, Буда критички се однесувал кон традиционалните учења, кои се намножиле во текот на милениумите и создале нерешливи противречности. Една од битните противречности е неверувањето во богови и во постоење на душата. Во однос на аскетската строгост на џаинските голи испосници, Буда истакнувал дека со телесен напор не може да се постигнат крајните и суштински духовни цели, иако со аскетска дисциплина во голема мера може да се олесни и забрза нивното постигнување, а тоа е прочистување на духот.
Будиното учење, како што и самиот упорно повторувал, е исклучиво анализа на страдањето, односно барање на патот што ќе овозможи духовно ослободување. Суштината на Будината мисија е морално усовршување на човекот. Неговата основна девиза е: страдањето постои; страдањето треба да се надмине. Според Буда, „за да има радост, мора да има болка. Откажувањето од минливите задоволства води кон целосен мир“.
- Пат кон ослободување од страдањето
Целокупното човеково постоење е условено и се карактеризира со страдање. Тоа значи дека нашата тековна егзистенција е условена од кармата, од загадувањето на духот, од заслепувањата, од болките и од страдањата. Според филозофијата на Буда, излегува дека сите луѓе се страдалници и под постојани удари на душевни болки, немири и тешкотии.
Минливата природа на нашиот вообичаен живот е една од главните причини за страдањето и постојан извор на емоционална болка. Некои џаини сметале дека строгиот аскетизам (тапас) ја гори целата негативна карма и води кон духовно ослободување. Буда се соочил со фактот дека аскетизмот се покажал јалов. Сметал дека човековото битисување е замаглено од процесот на разните психофизички борби, неспокојство и тешкотии произлезени од неговите конституенти: раѓање, болест, опаѓање, душевна болка, копнеж, валканост и смрт.
Копнежот предизвикува страдање, а тоа престанува откако ќе се отстранат неразумните желби и потреби.
Буда сфатил дека дука (страдање) не е ограничена само на најголемите трауми какви што се болеста, староста и смртта. Страдањето се случува секој ден, дури и секој час, како резултат на разни ситни незадоволства, неуспеси, одбивање, препреки што се случуваат во еден единствен ден. Принуденоста да бидеме блиску до нештата што ги мразиме е страдање, одвоеноста од она што ни недостига е страдање, лишувањето од нештата што ги посакуваме е, исто така, страдање. Кога ќе добиеме работа што ја сакаме, почнуваме да стравуваме дека би можеле да ја загубиме; копнееме да реализираме одредени, цели иако знаеме дека тие цели може да ни создадат болки и страдања. Разните желби и потреби за повисоко, подобро и посилно нè напаѓаат од час во час, од минута во минута, сето тоа нè оневозможува да постигнеме внатрешен мир и хармонија.
(продолжува)
(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)