Професорот на битолскиот Технички факултет, Дејан Трајковски, смета дека за граѓаните е најважно производството на ЕСМ, бидејќи само државното ЕСМ продава електрична енергија по гарантирана средна цена од само 62 евра за мегават-час, додека на другите приватни производители, како и за електричната енергија од увоз се плаќа по берзански цени. – Падот на учеството на ЕСМ во задоволувањето на бруто-конзумот е очигледен и со голо око и само потврдува дека ЕСМ, џинот на стаклени нозе, се тетерави и постепено умира додека приватните производители доживуваат процут – вели Трајковски.

Новите раководства на ЕСМ и на РЕК „Битола“ уште пред почетокот на грејната сезона алармираа дека затекле катастрофална состојба во РЕК „Битола“ и во РЕК „Осломеј“, неоткриен јаглен и екстремно низок хидропотенцијал за производство на енергија од хидроелектраните. Од ЕСМ нагласуваат дека отворањето на рудникот за јаглен „Живојно“ ќе биде клучно за дополнително намалување на производствената цена во РЕК „Битола“. Оттаму сметаат дека обезбедувањето јаглен од локални извори како „Живојно“, со кои ќе се задоволуваат потребните параметри за РЕК „Битола“, е логичен и стратешки чекор за непречено производство на електрична енергија до целосниот премин кон зелено сценарио

Во услови на високи цени на електричната енергија на меѓународните берзи, обезбедувањето стабилно и економски исплатливо домашно производство на краток рок е врвен национален приоритет.

Според податоците на МЕМО – Националниот оператор на пазар на електрична енергија, годишниот просек на домашно производство на електрична енергија (капацитетите на ЕСМ и од приватни производители) изнесува 5.945 гигават-часови, што е солидни 89,3 проценти од бруто-конзумот од 6.655 гигават-часови.

– Но во тоа производство, она што е од капацитетите на ЕСМ е само 48 проценти од бруто-конзумот, додека ако се одземе извозот што го прави ЕСМ обично во текот на ноќните часови (што изнесува десетина проценти од производството), покриеноста на бруто-конзумот изнесува одвај околу 43 проценти. Инаку, нето-конзумот, односно она што е вистински потрошено по одземањето на 14,6 отсто загуби, во 2024 година изнесувал 5.682 гигават-часови – вели професорот на Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски.

Тој смета дека за граѓаните е најважно производството на ЕСМ, бидејќи само државниот ЕСМ продава електрична енергија по гарантирана средна цена од само 62 евра за мегават-час, додека на другите приватни производители, како и за електричната енергија од увоз се плаќа по берзански цени.

Новите раководства на ЕСМ и на РЕК „Битола“ уште пред почетокот на грејната сезона алармираа дека затекле катастрофална состојба во РЕК „Битола“ и во РЕК „Осломеј“, неоткриен јаглен и екстремно низок хидропотенцијал за производство на енергија од хидроелектраните.

ЕСМ произведува помалку од половина од потребната енергија

Професорот Трајковски нагласува дека во земјава има и извесен број повластени приватни производители, најчесто со мини хидроцентрали, од кои на некои ќе мораме гарантирано да им ја откупуваме и плаќаме енергијата дури до 2035 година, и тоа по повластени (feed-in) тарифи до 180 евра за мегават-час.

– Затоа споменатите 43 отсто енергија од ЕСМ се безнадежно малку и на штета на граѓаните, но и на помалите претпријатија. За големите компании е уште полошо, бидејќи тие целосно се снабдуваат на отворениот пазар, по берзански цени – нагласува Трајковски.

По преземањето на ЕСМ, актуелното раководство на компанијата затекло производствена цена во РЕК „Битола“ од 137 евра за мегават-час. Од раководството на ЕСМ во неколку наврати истакнаа дека ќе се работи на драстично намалување на производствената цена и поефикасно производство, со што компанијата успеа да ја намали цената на 82 евра за мегават-час во првиот квартал од 2025 година. Иако ова претставува значителен напредок, цената е сè уште повисока од регулираната цена на ЕСМ од 62 евра за мегават-час, по која се продава електрична енергија на „ЕВН Хоум“.

Во анализата, професорот Трајковски потенцира дека лани, во текот на летните месеци, домашното производство изнесувало до 110 проценти од бруто-конзумот, што значи дека имало струја и за извоз, но производството на ЕСМ нагло опаднало уште во јуни и не се кренало сè до крајот на годината.

– Злобниците би кажале дека овој пад календарски се поклопува со стапувањето на должност на новата власт и кадровските чистки во ЕСМ и во РЕК „Битола“. Можеби има и друго објаснување, а тоа е дека во текот на летните месеци повеќе се купувало струја од приватните производители и од увоз, бидејќи производствената цена од РЕК „Битола“ била повисока од нивната. Особено катастрофален месец бил септември 2024 година, кога учеството на ЕСМ во бруто- конзумот изнесувало одвај 37,6 проценти, односно уште пореално 33,8 проценти ако се одземе извезената енергија. Падот на учеството на ЕСМ во задоволувањето на бруто- конзумот е очигледен и со голо око и само потврдува дека ЕСМ, џинот на стаклени нозе, се тетерави и постепено умира додека приватните производители доживуваат процут – вели Трајковски.

Тој нагласува дека властите наместо да го спасуваат и да започнат со сопствено производство на јаглен, продолжуваат да плаќаат на приватни компании за ископување од државниот рудник, но и да увезуваат јаглен од Грција.

– Наместо да ги рационализираат трошоците и да им ги покријат долговите, кренале раце од ЕСМ и го задолжиле кај комерцијалните банки, првиот пат за 83 милиони евра, а потоа уште за 25 милиони евра. Со ова темпо на задолжување, ЕСМ може целосно да го разјаде капиталот, односно обврските кон доверителите да се изедначат со средствата за само 5 години, по што ќе следуваат стечај и ликвидација. Можеби е тоа и целта, да куртулат од загубарот, да го раскрчмат на приватници, а домашното производство целосно да стане приватно. Освен приватните производители, би профитирале и трговците со струја, а знаеме кој сè е заинтересиран и замешан во овој екстремно профитабилен бизнис – вели Трајковски.

Професорот смета дека еден ден, по потенцијалната пропаст на ЕСМ, граѓаните ќе мораат да плаќаат пазарни цени на електричната енергија, па макар и 100 проценти од бруто- конзумот да биде задоволен од домашно производство.

– Домашното производство на граѓаните не им значи ништо, ако доаѓа од приватни производители и по пазарни и повластени цени, но државата мора да произведува подомаќински, во интерес на своите граѓани – констатира Трајковски.

Рудникот „Живојно“ клучен за енергетска независност

Од ЕСМ нагласуваат дека отворањето на рудникот за јаглен „Живојно“ ќе биде клучно за дополнително намалување на производствената цена во РЕК „Битола“. Оттаму сметаат дека обезбедувањето јаглен од локални извори како „Живојно“, со кои ќе се задоволуваат потребните параметри за РЕК „Битола“, е логичен и стратешки чекор за непречено производство на електрична енергија до целосниот премин кон зелено сценарио.

– Експлоатацијата ќе овозможи економски исплатлив транспорт и понизок јаглероден отпечаток во споредба со увозот. На компанијата ќе ѝ овозможи целосна финансиска консолидација, која на среден и на долг рок ќе овозможи значајни средства за инвестиции во нови проекти од обновливи извори, како и во еколошки средства и мерки за унапредување на квалитетот на непосредната животна средина – велат од ЕСМ.

Слично размислување има и професорот Зоран Панов, шеф на Катедрата за површинска експлоатација на штипскиот Природно-техничкиот факултет, кој смета дека покрај јасната стратешка насока кон интензивирање на употребата на обновливи извори на енергија и интеграција со регионалните и со европските енергетски пазари, јагленот сè уште има важна улога како стабилен и достапен извор на базна енергија во тековниот период.

– ЕСМ има дефинирана стратегија за постепено намалување на зависноста од увозен јаглен, кој се покажува како економски неповолен. Оваа цел може да се постигне преку активирање на домашните резерви, чие постоење е потврдено со детални геолошки истражувања. Во овој контекст, рудникот „Живојно“ во моментов се наметнува како најбрзо и најекономично решение за обезбедување стабилно домашно производство на електрична енергија – вели Панов.

Според експертите, во моментов, нашата држава сè уште не располага со доволно развиена инфраструктура за производство на базна енергија од обновливи извори. Ова го прави јагленот привремено незаменлив елемент во националниот енергетски баланс.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, имаше средба со градоначалникот на Новаци, Стевче Стевановски. Тие се согласиле дека увозот, односно набавката на јаглен како енергенс за потребите на термоелектраните „Битола“, на краток и на среден рок, е неодржливо решение со оглед дека и до 200 камиони дневно натоварени со овој енергенс транзитираат преку патната инфраструктурата на Општина Новаци. Во тој контекст, тие го споделија ставот дека најоптимално решение за ослободување од зависноста од увезениот јаглен е искористување на потенцијалите од локалитетот Живојно, кој во преодниот период кон енергетска транзиција може да биде клучен за целосна независност на АД ЕСМ во обезбедувањето погонско гориво за термоблоковите.

– Во перспектива, тоа ќе придонесе кон енергетска независност, намалување на цената на електричната енергија, минимизирање на увозот на електрична енергија и зајакнување на финансиската стабилност на АД ЕСМ, која ќе обезбеди средства за нови инвестиции во обновливи извори и во паметни еколошки решенија за заштита на животната средина – истакнуваат од ЕСМ.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ