Емотивна епизода од судскиот процес за катастрофалниот пожар во кочанската дискотека на смртта. Сведочеа пожарникарите, кои го примиле можеби најстрашниот повик во својот живот. Во 2.35 часот лелеци за помош се слушале од другата страна на линијата, каде што се случувала апокалиптична сцена од пожарот што молскавично се ширел. Само неколку минути биле доволни за да се создаде хаос и стампедо пред единствениот излез, додека внатре неколкумина веќе биле целосно изгорени.
Благојчо Паунов, пожарникар во Кочанската противпожарна единица, сведочеше дека кога стигнале во „Пулс“, пет минути по дојавата, пред влезната врата веќе имало преплетени тела кои тешко се извлекувале.
Најтрагично било со младите кои биле заглавени пред вратата, во билетарницата и кај тоалетите. „Во билетарницата најдов преку десетина деца кои не даваа никакви знаци на живот. Веднаш повикав помош и почнавме да ги извлекуваме едно по едно. Послабите полесно, а покрупните потешко. И секој различно реагираше. Некои беа избезумени, во шок и грч, и моравме да ги носиме до паркинг. Други, пак, од паника газеа врз нас и врз други деца за да излезат“, раскажуваше сведокот, додека се слушаа родителите на загинатите деца како плачат во задниот дел од судницата. Најтраурна била сликата пред тоалетот, а мртвите тела ги изнесувале и ги положувале на паркингот. Имало црево, но немало вентил. Она што остави впечаток од сведочењата на пожарникарите е тоа што од големото стампедо од луѓе, пожарот не се гледал, а било невозможно ниту да се пушти црево однадвор. Кога била ослободена влезната врата, пожарникарот видел како гори само шанкот од алкохолот, кислород речиси и да немало.
Сведочењето на командирот Драган Апостолов го отслика ужасот внатре во „Пулс“, температурата била ненормално висока, плафонот и дел од шанковите изгореле. „Три тела беа целосно јагленосани – едното го најдовме на маса, друго потпрено за столб, а третото лежеше со рацете исправени нагоре“, рече тој. Апостолов додаде дека толку било жешко што и преку опремата бил изгорен. Внатре имало расфрлени противпожарни апарати, а битката за спасување на некои од децата не била добиена. „Мораше да се работи во мешани тимови од пожарникари, полиција, обезбедување и цивили. За едно дете беа потребни двајца-тројца за да се извлече“, рече Паунов. За една девојка веќе било доцна за вештачко дишење. „ Мртва е“, му рекле докторите на пожарникарот.
Интервенцијата траела речиси два часа, а пожарот бил локализиран дури околу 4 часот. Сведоците забележаа и за тешкиот пристап до објектот, паркингот бил блокиран со автомобили на гостите, па противпожарните возила не можеле да се разминат.
Потоа сведочеше преживеана помлада девојка, која се онесвестила и кога се разбудила, сфатила дека е спасена и оставена на паркингот. И таа, како и претходните помлади сведоци, кажа дека пред реновирањето, плафонот на диското бил повисок, а потоа забележала дека е спуштен пониско. Адвокатите реагираа дека Обвинителството ги инструира, на што судијката им предочи дека тие се сведоци на обвинителот и тој има право да ги подготвува. И следниот преживеан кажа дека не добил фискална сметка за билетот и оти во диското и другпат била користена пиротехника. Сè уште ги носи видливите изгореници на рацете и лицето. Многу од преживеаните имаат проблем и со дишењето бидејќи со горењето на материјалите се ослободиле отровни гасови.












