Живее од тезгата на Рекорд, а иако е болен не бара помош за себе, туку за кучињата за кои се грижи

81

Добро познатиот чичко Драган Пароски, кој на импровизирана тезга на Рекорд 42 години продава дребулии и е љубител на кучиња, но и на други животни, бара помош не за себе, иако се наоѓа во незавидна здравствена состојба, туку за своите миленици за да може да ги храни претстојнава зима.

– Изминуваат 42 години како сум на Рекорд, се сеќавам колку многу продавници имаше наоколу, со вработените од продавниците сè уште се сретнувам и поздравувам. Јас останав на Рекорд, 42 години им помагам на кучињата – покрај нив ги хранам и гулабите и врапчињата, па знае и некое маче да наврати. Сум поминал многу непријатни ситуации… сум бил искористуван од партии, од нехумани луѓе кои ветувале дека ќе ми помогнат, но истите „хумани” преку мене само си ги полнеа сопствените џебови. Во 2008 година се разболев од шеќер, доживеав онесвестување во мојата куќа и лош пад, при што имав скршени три ребра, случки разновидни и казни од инспектори со образложение дека ранам кучиња, проблеми со шинтери… Подоцна во 2018 година се случи да се разболам од рак на грло, од што ми е изгубен гласот, повторно се вмешаа „хуманите”, а јас бидејќи имав потреба од помош им поверував, па средствата кои се собираа – се собраа само во нивните џебови. За себе, се снаоѓам – раскажува тој.

Тој вели дека со кутрињата му минуваат деновите, а грижата кон нив му е секојдневна и празник и делник, како што нагласува тој.

Кутриња има и дома и единствено тие му останале верни и неколку добри луѓе на кои, како што наведува, им е бескрајно благодарен.

И покрај болестите што ги има, а кои му го влошуваат здравјето и му ја земаат силата, тој не се откажува од грижата за животните.

Во моментот води сметка за околу 20 кучиња и заради тоа замолува за донации во храна за нив. Смета дека четири вреќи со храна за кучиња би биле доволни за цела зима.

– Зимите се ладни, па немам многу работа на тезгата и не стигам да ги нахранам доволно. Грижата ја преземам и за носење на ветеринар, не можам, а да не им кажам благодарам на ветеринарите, кои хумано ми помагаат за да ги оздравиме, ја покривам само терапијата ако треба да им се даде – нагласува Пароски и уште еднаш замолува за помош.

Порачува, ако патот ве води кон Рекорд, да се сетите на неговата тезга каде што е тој со дел од кучињата, за да им се помогне.

За оние што сакаат да помогнат со средства, може да уплатат на:

300-0070470162-80

На име: Филип Поп Стефанов

Цел на дознака: за чичко Драги

Телефонот на чичко Драги е 070/614-815, па доколку некој сака да контактира со него, замолува тоа да биде со пораки бидејќи не може да зборува.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ