Жителите на Стајковци ќе селектираат отпад

24

Од населеното место Стајковци, Општина Гази Баба, почнува првиот пилот-проект во државава за селекција на ПЕТ- амбалажа и на лименки во домаќинствата. На жителите им се поделени канти за селекција и им е објаснета целата постапка.

Од Општина Гази Баба информираат дека секое домаќинство што е дел од пилотот ќе има посебни канти за пластика и за лименки, а собраниот отпад ќе се подига на секои две недели или по договор, во согласност со реалната динамика.

Ова, според општинските власти, ќе значи: намалување на количеството отпад што оди на депонии; подобрување на квалитетот на воздухот, почвата и на водите; зголемено рециклирање; поголема еколошка свест во заедницата и исполнување на европските и на националните стандарди за одржливо управување со отпад.

– Сето ова е само прв чекор. Нашата визија е Гази Баба да биде пример за тоа како може една општина со одговорност и со иновација да ги подобрува условите за живот денес, но и за генерациите што доаѓаат – нагласуваат од локалната самоуправа и додаваат дека ќе продолжат активно да ја шират оваа иницијатива и во другите населени места во Општината.

Општина Гази Баба ја започна оваа важна еколошка иницијатива заедно со Центарот за климатски промени, како дел од поширокиот проект „Регионално партнерство за подобро спроведување на зелената агенда за Западен Балкан“.

 

 

ИЗДВОЕНИ