Триесет контејнери за текстилен отпад ќе бидат поставени на различни локации низ oпштина Кисела Вода, со што на граѓаните ќе им се овозможи правилно оставање на употребената облека и домашниот текстил, како и активно вклучување во процесите на селектирање и рециклирање.
Ова е овозможено со денешното потпишување на договорот меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и Фаик Мифтари, управител на лиценцираната компанија „Еко-текст груп“ ДОО Скопје.
-Со воспоставената соработка се создава јасно дефиниран и одржлив систем за соодветно постапување со текстилен отпад, негово собирање, селектирање и рециклирање, во согласност со важечкото законодавство и највисоките еколошки стандарди- соопштија од Општина Кисела Вода.
Оттаму информираат дека проектот ќе се реализира во две фази. Во првата фаза, контејнерите ќе бидат поставени на 15 локации, пред месните заедници во општината, со цел тие да бидат лесно и рамномерно достапни за сите граѓани. Во втората фаза, дополнителни 15 контејнери ќе бидат поставени пред основните училишта и детските градинки, со што иницијативата ќе добие изразена едукативна димензија, насочена кон развивање на еколошката свест кај најмладите и поттикнување одговорни навики уште од најрана возраст.
-Со поставувањето на контејнерите за текстилен отпад правиме уште еден суштински исчекор кон современо, одговорно и одржливо управување со отпадот. Ова партнерство не претставува само техничко решение, туку вложување во едукацијата, свеста и иднината на нашата заедница. Преку ваквите иницијативи испраќаме јасна порака дека заштитата на животната средина е заедничка обврска и трајна вредност – истакна градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.












