При експлоатацијата, во целост е уништена патната инфраструктура што води до селото Пискупштина, а последниве неколку месеци, поради континуираното горење на јагленот, жителите на Долни Дримкол континуирано се изложени на чад, со што директно е загрозено нивното здравје и се предизвикани штетни последици за животната средина

Жителите на струшкото село Прискупштина во Долнодримколскиот Регион последниве месеци алармираат за екстремно загадување на воздухот, појава на густ чад, непријатна миризба на сулфур и за видлива прашина што се таложи врз куќите и врз обработливите површини. Велат дека рудникот за јаглен го прави проблемот, но дека ситуацијата станала алармантна поради големите наслојки од ископан јаглен што лесно се палат, испуштајќи канцерогени материи што секојдневно ги дишат и ги трујат. Тие посочуваат дека државните институции моментално не го откупуваат јагленот, додека концесионерот продолжува со ископ, што дополнително ја зголемува опасноста.

На последната седница, Владата, на предлог од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, еднострано ја раскина концесијата за рудникот за експлоатација на јаглен на локалитетот Пискупштина во Струга. Истовремено, констатиран е престанок на важењето на уште четири концесии, кои се истечени.

– Одлуките следуваат по сериозни пропусти на концесионерите во исполнувањето на законските обврски. Во случајот „Пискупштина“, инспекцискиот надзор утврди дека концесионерот вршел експлоатација надвор од дозволеното поле, што претставува директно прекршување на договорот и на законот. Жалбите од жителите на селото Пискупштина доведоа до детален инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за енергетика и рударство, кој ја потврди неправилноста – велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).

При експлоатацијата на јаглен, во целост е уништена патната инфраструктура, која води до селото Пискупштина.

– И покрај бројните претставки и реакции до надлежните служби во Општина Струга, не е постапено од нејзините инспекциски служби. Со години останале глуви на писмените барања да се излезе на терен и да се преземат чекори за почитување на концесионерските обврски. Со владината одлука, прекината е концесијата и експлоатацијата на јаглен мора да запре. Следен чекор ќе биде затрупување на опожарениот дел од отворениот коп и санација на дел од патот, со што ќе се започне процес со кој ќе се подобри тешката состојба на жителите од Долни Дримкол – велат од ВМРО-ДПМНЕ, Општински комитет Струга.

Се бара да се изработи план за трајно решавање на проблемот со јагленот во Долни Дримкол, во консултација со локалното население и со стручни лица.

Ова е втора еднострана раскината концесија за само неколку недели. Претходно беше донесена одлука и за раскин на концесијата за експлоатација на варовникот „Лавинчеви“ во Општина Гази Баба.

Компанијата не обезбедила минимална експлоатација од 20 %, односно 25.000 тони годишно и за три години практично нема активност, а не е исплатен ни концесискиот надоместок. Долгогодишниот прекин на активностите и непочитувањето на законските обврски беа потврдени со вонреден инспекциски надзор.

Инаку, досега се раскинати вкупно 45 концесии, од кои 34 еднострано, а за 11 договорите се истечени и не се продолжени. Причините за ова се: непочитување на законските одредби и на еколошките мерки; неплаќање на концесиските надоместоци; пренесување на концесијата без согласност и експлоатација надвор од дозволениот предел.

Сите концесии ќе бидат јавно објавени. Инаку, од 1 јануари до 1 октомври годинава биле спроведени 170 вонредни и 78 редовни инспекциски надзори. Во Државниот инспекторат за енергетика и рударство работат околу 14 инспектори, но недостигаат минимум уште толку.

– Секое несовесно користење на природните ресурси ќе се санкционира, а заштитата на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните се приоритет. Сите надлежни институции се известени за понатамошните мерки, а одговорното и одржливо управување со природните ресурси останува стратешка цел на државата. Нема да се толерира несоодветно користење на природните ресурси, а здравјето и безбедноста на граѓаните остануваат на прво место – нагласи министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ