Миќо Стојановски од Синдикатот на ЈСП објасни за весникот ВЕЧЕР дека ќе потрае поправката, бидејќи се менуваат тркалата на столбовите на жичницата. – Не може да се направи брзо, бидејќи едно тркало тежи 190 килограми. На терен се две екипи, а на помош се и вработените во ЈСП. Деловите се стигнати и во моментот се работи – изјави Стојановски. Тој откри дека жичницата одамна не требало да превезува патници бидејќи немала работна дозвола, но не знаеше од кои причини продолжила да функционира. – Веќе беше критично и затоа мораше да се сервисира – дециден е Стојановски и додаде дека, сепак, станува збор за голема инвестиција
Жичницата до Милениумскиот крст на Средно Водно повеќе од 10 дена не е во функција, токму во период кога е најпотребна, кога Скопје е најпосетено од туристи и кога граѓаните, во екстремните горештини, сакаат да избегаат од жешкиот асфалт и да подишат свеж и чист воздух. Во изминативе денови, голем број граѓани што не биле информирани дека не работи жичницата, се враќаа од Средно Водно без да го посетат Милениумскиот крст.
Од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ објавија на фејсбук- страницата дека се работи за сервисен зафат и дека навремено ќе информираат кога ќе продолжи да работи со вообичаеното работно време.
Но, досега ЈСП не излезе со никакво известување за какво сервисирање станува збор и колку долго ќе трае тоа. На прашањето на весникот ВЕЧЕР, кратко одговорија дека не може точно да кажат кога ќе завршат поправките, кои, како што потенцираа, биле клучни за безбедноста на жичницата, бидејќи станувало збор за „жива материја“.
– Работниците може само приближно да кажат, но временски не би потенцирале – кратко истакнаа од ЈСП.
Миќо Стојановски од Синдикатот на ЈСП, пак, објасни за весникот ВЕЧЕР дека ќе потрае поправката бидејќи се менуваат тркалата на столбовите на жичницата.
– Не може да се направи брзо, бидејќи едно тркало тежи 190 килограми. На терен се две екипи, а на помош се и вработените во ЈСП. Деловите се стигнати и во моментот се работи – изјави Стојановски.
Тој откри дека жичницата одамна не требало да превезува патници бидејќи немала работна дозвола, но не знаеше од кои причини продолжила да функционира.
– Веќе беше критично и затоа мораше да се сервисира – дециден е Стојановски и додаде дека, сепак ,станува збор за голема инвестиција.
Со жичницата сега стопанисува ЈСП. Таа беше пуштена во употреба на 3 јуни 2011 година, води до Крстот и ги поврзува Средно Водно и врвот на Водно. Се користи како превозно средство и истовремено служи за панорамско разгледување на градот и на планината. Таа се наоѓа на надморска височина од 570 метри, висинската разлика е 480 метри, а нејзината должина 1.600 метри. Се движи со брзина од 6 метри во секунда, должина што ја совладува за 4 минути и 18 секунди.
Жичницата, која ја градеше австриската фирма „Допелмаер“ и чинеше 6,7 милиони евра, располага со 28 кабини со носивост од 640 килограми и со капацитет за осум лица, како и со две елитни (VIP) кабини за по четири лица. Гондолите од надворешната страна се опремени со држачи за велосипеди. Проектот за жичарницата до Милениумскиот крст беше изработен од тогашното Министерство за транспорт и врски и од проектантската куќа ИНПУМА.
На крајот од минатата година, Владата најави дека има во план да ја догради втората фаза од жичницата, на потегот од Капиштец до Средно Водно.
Тогаш директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски, кажа дека се прават анализи и пресек на проектот.
– Тоа го правиме за да се види колку е исплатливо и возможно да се направи тоа. Проблем е паркирањето кај црквата „Свети Јован Крстител“ во Капиштец. Треба да се види како може да се изведе тоа – изјави Томовски.
(А. П.)