Жичницата до Милениумскиот крст на Средно Водно, која со денови наназад е затворена без притоа навреме да се информираат граѓаните, и за која во изминатите две недели се шпекулираше дека работи без дозвола, конечно ги разбуди градските власти официјално да образложат за што се работи.
Од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, вчера, доцна вечерта испратија официјално соопштение дека во моментов на жичницата се спроведуваат сервисни работи за замена на делови кои се дел од предвидениот годишен сервис.
– Ве известуваме дека безбедноста е по сите пропишани стандарди и по завршување на тековниот сервис кој се врши месецов се гледаме на падините на Водно и граѓаните повторно ќе го почувствуваат бенефитот од функционирањето на жичницата – соопштија од ЈСП.
Воедно, додаваат дека е направен вонреден детален технички инспекциски надзор од Министерството за транспорт и врски во кој не биле констатирани технички недостатоци, односно било констатирано дека жичницата е во исправна и функционална состојба.
Тврдат и дека жичницата има валиден сертификат за работа до 24.09.2025 година, кој го приложија и во официјалниот допис.
Весникот ВЕЧЕР уште на затворањето без образложение на оваа туристичка атракција ги објави реакциите на граѓаните што се враќаа од Средно Водно без да го посетат Милениумскиот крст.
Во меѓувреме, од ЈСП во објава на фејсбук-страницата информираше дека се работи за сервисен зафат и дека навремено ќе информираат кога ќе продолжи да работи со вообичаеното работно време. Но, без никакво известување за какво сервисирање станува збор и колку долго ќе трае тоа. На прашањето на весникот ВЕЧЕР, кратко одговорија дека не можат точно да кажат кога ќе завршат поправките, кои, како што нагласија, биле клучни за безбедноста на жичницата, бидејќи станувало збор за „жива материја“. Тогаш, за весникот ВЕЧЕР единствено првиот човек на Синдикатот на ЈСП, Миќо Стојановски, објасни дека поправката ќе потрае бидејќи се менуваат тркалата на столбовите на жичницата.
(А.П.)