Француските Алпи, а особено масивот Мон Блан, ова лето се погодени од рекорден број одрони на карпи. Главните причини се екстремните топлотни бранови и топењето на вечниот мраз (пермафрост) – слој од трајно замрзната почва. Токму затоа летото, кое некогаш се сметаше за најбезбеден период за планинарење, во последниве години стана период со висок ризик, пишува Euronews.
Последици од топлотните бранови и топењето на вечниот мраз
Веќе е поставен нов рекорд. Само во масивот Мон Блан, од почетокот на годината се регистрирани 450 одрони, додека претходниот рекорд од 2022 година изнесуваше 300. „Ова е ситуација без преседан“, вели Лудовик Раванел, геоморфолог и директор за истражување во лабораторијата „Едитем“ (Edytem) при францускиот ЦНРС (CNRS). „Температурите овде редовно надминуваа 30 до 35 степени, што директно влијае врз глечерите и вечниот мраз. Затоа оваа година бележиме рекорден број случаи на дестабилизација и уривање на карпи.“
Јасна поврзаност со климатските промени
Раванел објаснува дека овој феномен е директна последица на климатските промени, а својот заклучок го темели на анализа на фотографии што опфаќаат период на затоплување од речиси 200 години.
„Со споредување на тие фотографии, можеме да ги идентификуваме ’лузните‘, односно областите каде што карпите станале нестабилни. Успеавме да ги квантифицираме според волуменот и покажавме дека 80 до 85 проценти од тие лузни настанале во последните две или три децении. Според тоа, постои многу јасна врска помеѓу климатското затоплување и дестабилизацијата на карпите“, објаснува Раванел.
Нестабилни планини и ризик за планинарите
Сè почестите и подолготрајни топлотни бранови ја ослабуваат планинската структура и во нејзината длабочина. „Уривањето на карпи и одроните од камења сега главно се случуваат поради влошувањето на состојбата на вечниот мраз, но и поради повлекувањето на глечерите. Глечерите вообичаено вршат притисок врз падините и на тој начин ги стабилизираат. Кога нивната дебелина се намалува, карпите се ослободуваат од тој притисок“, додава геоморфологот.
Последиците се веќе видливи. Во јули, двајца чешки туристи загинаа во одрон во областа на Мон Блан, а во август, уште еден маж го загуби животот под слични околности. Иако надлежните служби и локалните власти во моментов не планираат да го ограничат пристапот до високите планини, тие ги повикуваат планинарите на максимална претпазливост, бидејќи во наредните месеци се очекуваат нови одрони.












