Се соочуваме со период на екстремни временски услови што ќе го означат самиот крај на август и ќе нè воведат во септември. Тропските температури продолжуваат да доминираат во нашиот регион, носејќи сериозни предизвици за здравјето на луѓето и функционирањето на секојдневниот живот.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи времето утре ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец.
Од почетокот на новата работна седмица до почетокот на викендот ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Во попладневните часови ќе има услови за локална нестабилност која ќе биде поизразена во среда и четврток
Српскиот метеоролог Недељко Тодоровиќ пак, вели дека летото ќе продолжи барем во следните две недели, со температури над просекот и недостаток на врнежи.
„Значи, надпросечно топло, суво во повеќето денови, со релативно високи температури, 30 и повеќе. Може да падне еден или два степени под 30 степени во некои денови, а просечната максимална температура за крајот на август и самиот почеток на септември е 26 степени“, рече тој.
Метеорологот потенцира дека е тешко да се даде прецизен одговор кога би можел да се случи вистинско заладување.
„Не би сакал баш да измислувам. Немам аргументи. Според инерцијата на системот што преовладува во нашиот регион речиси два месеци, ова се мали премини, слабо изразени студени фронтови кои носат многу малку облаци и многу малку врнежи, и се од локален карактер“, објасни тој.
Според него, во наредниот период е можно постепено намалување на максималните температури со премин на студени фронтови, но без очекување на посериозни и пошироки врнежи.












