Жените заработуваат 20 отсто помалку од мажите

10

На глобално ниво, жените заработуваат во просек 20 отсто помалку од мажите или за секој долар што го заработува маж, жената зема околу 80 центи, информира Алијансата за родова еднаквост на работното место (ГЕА) по повод 18 септември, Меѓународниот ден на еднакви плати.

Алијансата по повод овој ден потсетува дека родовиот јаз во платите и понатаму е присутен, иако принципот на еднаква плата за еднаква работа е воспоставен уште во 1957 година со Договорот од Рим. Овој принцип подоцна е зајакнат преку низа директиви на Европската Унија, кои гарантираат еднакви услови за работа, социјална сигурност, пристап до стоки и услуги, рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот, родителско отсуство и еднаков третман на самовработените. Родовата еднаквост, како еден од 20 клучни принципи на Европскиот столб за социјални права, обезбедува право на еднаква плата за еднаква работа, како и еднакви можности за напредување во кариерата. Но дали е тоа така? Секако, законската регулатива во голема мера придонесе за значајно намалување на јазот во платите до 1990-тите години, но последните децении напредокот се движи многу бавно и останува глобален предизвик на пазарот на труд.

Во Европската Унија, просечниот родов јаз во платите во 2023 година изнесува 12,7%. Најголем јаз е забележан во Латвија (19%), додека во Луксембург жените заработуваат повеќе од мажите, со родов јаз од – 0,9%.

Во Македонија, иако во член 6 со измените на Законот за работни односи се пропишани еднаква плата и еднаков третман во однос на вработувањето, условите за работа, професионалните шеми за социјално осигурување и забрана за дискриминација, практиката покажува дека законските гаранции не се доволни. Родовиот јаз во платите во 2022 година изнесува 13,5%. Просечната годишна бруто-заработувачка на мажите била 615.725 денари, додека кај жените 532.625 денари. Најголема разлика во просечната годишна бруто-заработувачка помеѓу мажите и жените има кај вработените на возраст од 45-49 години. Од аспект на степенот на образование, најголем родов јаз се јавува кај вработените со високо образование, соопштуваат од ГЕА.

Овие разлики се должат на повеќе фактори како што се пониска застапеност на жените на раководни функции, дискриминација на пазарот на трудот, поголема концентрација во сектори со пониско вреднуван труд, како и фактот дека 80-90% од работниците што примаат минимална плата се жени. Дополнително, постојат хоризонтална сегрегација – недоволно вреднување на „женските“ професии, и вертикална сегрегација – помала веројатност жените да добијат унапредување и раководни позиции.

„Овие разлики не се само прашање на правичност, туку и на економска рационалност. Во 2022 година, само 37,9% од жените биле вработени, наспроти 53,2% од мажите, а дури 57,2% од жените воопшто не биле активни на пазарот на труд. Според процените на Меѓународната организација на трудот, намалувањето на родовиот јаз во учеството на пазарот на труд за 25% до 2025 година би донело глобално зголемување на БДП за 3,9% или 5,8 трилиони американски долари. Јасно е дека жените го претставуваат најголемиот неискористен потенцијал за економски пораст, велат од ГЕА.

Алијансата апелира институциите, работодавачите и целото општество да се заложат за фер застапеност, еднакви услови и еднаков напредок на жените. Родовата еднаквост на работното место не е само прашање на правда – таа е предуслов за економски пораст, одржлив развој и праведно општество.

 

ИЗДВОЕНИ