Јакнењето на руралните жени е клуч за стабилен синџир на исхрана, отпорност на климатските промени и поправедна иднина, е заклучокот од одбележувањето на Меѓународниот ден на руралните жени. На настанот што се одржа во Дојран, во организација на Националната федерација на фармери (НФФ), со поддршка на Шведска и Шведската организација за развој, „Ви ефект“ (We Effect), беше речено дека вложувањето во руралните жени значи вложување во посилна, порамноправна и одржлива иднина.
Претседателот на Националната федерација на фармери, Стеванче Јорданоски, истакна дека руралните жени се движечка сила на земјоделството и руралниот развој, и нивниот придонес мора да биде видлив, вреднуван и поддржан.
– Донесувањето на Програмата за поддршка на социјална сигурност за жените кои вршат земјоделска дејност е голем заеднички успех бидејќи овозможува земјоделките да добијат паричен надомест за време на мајчинството. Заедно со тоа, се залагаме за системско решение. Ние сме меѓу иницијаторите за формирање на Регионалната платформа за подобрување на економскиот и социјален статус на руралните жени од Западен Балкан. Апелирам да се инвестира во образование и во обуки за руралните жени, за да можат да ги унапредат своите знаења, да започнат сопствени бизниси и активно да учествуваат во процесите на одлучување, како и подобрување на пристапот до услуги и инфраструктура. Генералното собрание на Обединетите нации ја прогласи 2026 година за Интернационална година на жените фармери, истакна Јорданоски.
Претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, во своето писмено обраќање истакна дека улогата на руралната жена одамна ги надмина границите на традиционалното земјоделство.
– Вие сте носителки на прогресот, заштитнички на заедницата, двигателки на локалните процеси и современи лидерки на економските и социјалните реформи во руралните подрачја. Крајно време е да го препознаеме и да го вреднуваме вашиот труд. Јасно е дека тој е сè уште невидлив и непризнат, истакна претседателката Силјановска.
Таа нагласи дека наша обврска, како општество и како држава не само да ја гарантираме, туку и да ја реализираме рамноправноста, поддршката и охрабрувањето на женското претприемништво, менторството и лидерство.
– Наша обврска, како жени е, да ги еманципираме и демачоизираме мажите околу нас, но и да ги охрабриме девојчињата и жените е да се сакаат и да се почитуваат себеси и да се борат за своите неотуѓиви човечки права!, заклучи претседателката.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, истакна дека од 117 договори од Јавниот повик за мерката 112 за млади земјоделци, повеќе од половина се склучени со млади земјоделки, а на последните четири јавни повици за државно земјоделско земјиште, од 1.454 договори, 248 се склучени со жени.
„Министерството активно работи на поддршка на руралната жена преку конкретни мерки и политики, и ова е охрабрувачки показател дека младите жени се подготвени да ја преземат иницијативата во развојот на македонското земјоделство”, наведе министерот Трипуновски.
Нагласувајќи ја долгорочната соработка со НФФ и вложувањата во подобрување на положбата на жените во руралните средини, зборуваше и директорката на „Ви ефект“ (We Effect) за Латинска Америка, Европа и Палестина, Пиа Ставас Мајер, која нагласи дека заедничка цел е да се создадат еднакви можности, видливост и достоинство за жените во руралните средини.
Во рамките на панел-дискусијата „Родова еднаквост во руралните средини – предизвици и можности“, учесниците се осврнаа на потребата од подобра едукација, информираност и поддршка за руралните жени во насока на нивно економско јакнење и валоризација на нивниот труд.
Со голема чест и во духот на препознавање на постигнувањата и придонесот на руралните жени и организации, беа доделени благодарници за истакнатиот успех, посветеноста и заложбата во различни области поврзани со земјоделството, преработката на храна, родовата еднаквост и социјалната инклузија.
Лилана Стојковска доби благодарница за успешна млада земјоделка од рурална средина, како признание за посветеноста, успехот и примерот за младите генерации во земјоделството.
Владанка Ристиќ доби благодарница за успешна операторка за храна, која изгради препознатливо име за производство на ракија и други пијалаци од грозје.
Милена Ангелова доби благодарница за успешна операторка за храна, за развојот на трговската марка ајвар „Везанка“ и за примерот што го дава за развој на оператори за храна.
Санија Демовска доби благодарница за успешна операторка за храна од Дебарскиот Регион, позната по преработки од круша – водница (традиционална стара сорта), како и по производство на џемови, слатко и сокови.
Марика Томова доби благодарница за активистичка посветеност и долгогодишен придонес во подигнување на гласот на руралните жени. Како долгогодишна членка на Федерацијата и цвеќарка, преку својата работа ја инспирира заедницата и го промовира активното учество на жените во руралниот развој.
Македонската платформа против сиромаштија доби благодарница за заложбата и борбата за еднакво општество без сиромаштија, како признание за континуираната работа во заштита на ранливите групи и унапредување на социјалната праведност.